Св. Пантелејмон – Горно нерези / XII век

Период на изградба : XIIвек

Локација: Село Горно Нерези

Ктитор: Принц Алексеј, син на Константин Ангел и Теодора

Автор на истражување и фотографии: м-р Владимир Таневски

Извори: С. Коруновски, Е. Димитрова, Византиска Македонија: Историја на уметноста на Македонија од IX до XV век, Просветно дело, Скопје, 2006; Е. Димитрова, „Уметничката продукција на средновековно Скопје“, Скопје: Осум милениуми живот, култура, творештво, Филозофски факултет, Скопје, 2019, 471 – 578; A. Eastmond, Glory of Byzantium and Early Christendom, Phaidon, New York, 2013; Археолошки дневник на Facebook.

 

Храмот посветен на светиот лекар Пантелејмон, се наоѓа во селото Горно Нерези, на планината Водно, осум километри југозападно од Скопје. Според староста, црквата Св. Пантелејмон е најстара зачувана црква во Скопје и околината, и зазема значаен дел од средновековниот културен хоризонт на Македонија. Црквата е еден од најубавите споменици на средновековната уметност, сублимирајќи ги во себе врвните уметнички дострели на Комненовската династија.

 

Св. Пантелејмон. Извор на фотографија: Е. Димитрова, „Уметничката продукција на средновековно Скопје“, Скопје: Осум милениуми живот, култура, творештво, Филозофски факултет, Скопје, 2019

 

Црквата е изградена во 1164 година, под ктиторство на византискиот принц Алексеј, син на Константин Ангел и Теодора, најмладата ќерка на византискиот цар и основач на Комненовската династија –  Алексеј I Комен (1081 – 1118). Ктиторот принцот Алексеј бил соработник на актуелниот цар Мануил I (1143 – 1180) и брат на дуксот Јован Ангел кој бил административен владетел на Скопје, кое во втората половина на XII век станал важен центар/град во западните гранични области на Византиското царство. Податоците ги дознаваме од сочуваниот натпис на мермерниот архитрав поставен над влезот од нартексот во наосот. Натписот во целост гласи: „Се разубави овој храм на светиот и славен Валикомаченик Пантелејмон со средствата на господин Алексеј Комнен и син на порфирородната госпоѓа Теодора во месец септември, индикт 13 година 6673 (1164) при игументсво на Јоаникиј монах“.

 

Основа на црквата. Цртеж: С. Коруновски

 

Црквата архитектонски претставува спој на престолничката градителска матрица и локалните градителски техники. Во основа црквата е крстообразна со пет куполи и нартекс на западната страна. Во просторот под страничните куполи се оформени компартимети. Источните куполни компартименти имаат функција на протезис, т.е. жртвеник (североисточниот) и ѓаконикон (југоисточниот), а западните капели претставуваат интегрален дел од припратата бидејќи се пристапни единствено од овој западен дел на градбата. Во нив се откриени аркосолиум (северозападната) и питос со осветена вода (југозападната), што е доволно за да се претпостави нивната улога во погребниот ритуал, кој, во соодветни околности, се одвивал во припратата на храмот.

 

Фотографија од ентериерот. Фотографија: м-р Владимир Таневски

 

Црквата е изградена е од приделкани камени блокови и тули, фасадите се декорирани со прозорци: монофори, бифори и трифори. Црквата има скромни димензии од 16,90 м и 9, 60 м, а централната купола има дијаметар од 3,60 м. Во XVI век, поточно во 1555 година скопската областа била погодена од земјотрес, пришто се срушила куполата и дел од горните делови на црквата, но повторно биле реконструирани. Фрескоживописот од XII век е откриен во 1926 година кога историчарот на уметност Николај Окуњев ги открил фреските под фрескоживописот од XIX век.

 

 

Фотографија од ентериерот. Фотографија: м-р Владимир Таневски

 

За жал во горниот дел на храмот оригиналните фрески за секогаш се изгубени, и се заменети со фрески од XVI век. Оригиналниот фрескоживопис, поточно е изработен по 1164 година, и од овој фрескоживопис се зачувани делови од олтарната програма, стоечки светители во првата зона, сцени од Христолошки циклуси во втората зона и сликарството во бочните капели. Зографот на Нерешкиот храм вешто ги поставил композициите од Христолошкиот циклус во просторот. Па така претставата на Сретението на јужниот ѕид и неговиот пандан на северниот ѕид – претставата на Оплакувањето Христово, ја сублимираат симболичката конотација на Христовата жртва т.е. најавата на страдањата на новородениот Спасител преку претставата на Сретението и неговата смрт преку претставата на Оплакувањето. Оплакувањето Христово е несомнено најпознатата композиција од оваа црква, која била инспирација на познатиот македонскиот сликар Глигор Чемерски во 1994 година да ја наслика во својот препознатлив стил. Оплакувањето претставува творечки врв на нерешките мајстори и една од најмаркантните сцени на средновековната ликовна продукција.

 

Оплакувањето на Христос. Извор на фотографија: Археолошки дневник на Facebook.

 

Во сцената Богородица паднала врз мртвото тело на Христос, го обвиткува телото, и плаче со горчлива болка и болна гримаса. Таа го оплакува Христос, нејзиниот единстевен син, а не Богот и Спасителот на човештвото. Во првата зона се насликани дваесет и шест светители: свети воини, маченици и химнографи. Значаен е и портретот на патронот на храмот светиот лекар Пантелејмон, издвоен во штуко – рамка со релјефна декорација. Одлики на фрескоживописот се вештина во цртежот, сјајен колорит, широко обоени површини, нагласани контури, елегантни движења и за првпат во византиската уметност претстава на емоции.

 

Куполата на црквата. Извор на фотографија: Е. Димитрова, „Уметничката продукција на средновековно Скопје“, Скопје: Осум милениуми живот, култура, творештво, Филозофски факултет, Скопје, 2019

 

Од фрескосликарството од 1555 година кое е зачувано во горните делови на црквата, зачувани се претставите во централната купола, Богородица во конхата на апсидата, Празничниот циклус и светителските бисти во средишната зона. Авторот на ова сликарство се трудел да го следи стилот и програмскиот концепт на оригиналното сликарство од XII век, но на ова сликарство недостасува емоциналниот набој претпознатлив во оригинаниот т.е. стариот фрескоживопис. Храмот со фрескоживописот од XII век претставува едно од најзначајните и најубавите средновековни фрескоансамбли на територијата на Македонија, но и пошироко.