Тауресиум – древен антички и средновековен град
11.06.2022 • До V век
Период: Древен антички и средновековен период
Извори: Википедија на македонски јазик (текст и фотографии)
Тауресиум (латински: Tauresium) — древен антички и средновековен (римски и византиски) град чиишто остатоци и рушевини од ѕидините се наоѓаат во наоѓалиштето Градиште, над селото Таор, пред влезот во Таорската Клисура, а на 20 километри оддалеченост југоисточно од градот Скопје. Овој древен град е претпоставеното родно место на познатиот византиски цар Јустинијан I (483 – 565), што научно сè повеќе се потврдува во поново време.
Откритија
На ова археолошко наоѓалиште се регистрирани слоеви на три населби од различни историски периоди (бакарно време, доцноантички и средновековен период).
Доцноантичката тврдина припаѓа на категоријата кастели со триаголна основа на ѕидините, кули на аглите и еден челен бастион. Заедно со подѕидините и укрепените тераси таа опфаќа површина од 2,2 ха.
Во наоѓалиштето се откриени остатоци од водовод, доцноантичка некропола, дел од мермерна биста и монети емитувани од владетелите помеѓу IV и VI. Во близина на месната црква се наоѓаат столбови од ранохристијанска базилика.
Истражувања
Местоположбата на наоѓалиштето „Градиште“ – с. Таор се наоѓа на 20 км југоисточно од Скопје. За првпат е откриен пред повеќе од сто години од англискиот патописец Артур Еванс, кој на местото на античкиот град Скупи го препознал сè уште изгубениот град Јустинијана Прима, а во селото Таор – родното место на царот Јустинијан Први, Тауресиум. Во историската хронологија ова наоѓалиште се поврзува со големиот цар Јустинијан Први, најмногу според податоците изнесени од неговиот биограф Прокопиј. Според историографот Прокопиј тој се родил во местото наречено Taurisium, во близина на кастелот наречен Бадеријана. Населбата била разрушена во големиот земјотрес од 518 година, чиј епицентар бил на местото од денешно Скопје, во кој меѓу другите настрадало и античкото Скупи. Јустинијан Први за да му се оддолжи на своето родно место, го обновува и доградува. Во негова непосредна близина ја гради преубавата и волшебна Јустинијана Прима, како град-седиште на неговата архиепископија.
Проучувањата на теренот покажаа дека во Таор навистина постои тврдина, датирана од VI век, со 4 кули (тетрапиргија). Како што забележал Прокопиус, 6 км источно од Таор лежи крајпатен каструм крај селото Бадер со остатоци од IV-VI век. Можеби вистинското име му било Бадеријана, која Прокопиј ја посочил како најблизок патоказ. Важно е да се забележи дека имињата на селата Таор и Бадер се од предсловенско потекло, што укажува на тоа дека можно е да биле изведени токму од Taurisium и Baderiana. Дури во 2000 година започнуваат систематските ископувања водени од страна на Музеј на Град Скопје, а под раководство на археологот Киро Ристов. Првите истражувања на теренот евидентираа артефакти од раното бронзено време (кои се спорадични и без паралелен културен слој како контекст). Подоцна ќе биде откриен дел од бедемот кој ја обиколувал населбата. Вниманието досега го привлекуваат делови на две јавни градби, од кои поинтересна е втората, за која истражувачите сметаат дека претставува атриум. Атриумот наведува на помислата дека тука треба да се очекува постоење на поголем објект од јавен карактер. Ова зборува дека во периодот на доцната антика од IV-VI век, но и подоцна, населението на овие простори имало активен живот. За тоа сведочат големиот број на монети, накит, керамички садови, предмети од стакло за секојдневна употерба, остатоци од панцир, орудија, оружја и други артефакти.
Градби
Градба со колонада
Градбата се наоѓа на североисточната страна од населбата, во правец исток-запад, а за северниот и источниот ѕид бил искористен одбранбениот ѕид. Градбата има три простории со различни димензии и коридор со отворена колонада кон атриумот, а влезовите на сите три простории се од југ. Од подното ниво ѕидовите се зачувани околу 1 метар во височина, со широчина која исто така изнесува 1 метар, ѕидани со камен врзан со варов малтер. Трите простории имаат различни димензии, а на средината од сите три простории се поставени четвртести мермерни блокови со различни димензии, вкопани во подното ниво, кои имаат функција на бази.
Коридорот кој ги поврзува просториите е поставен од нивната предна страна, и претставува составен дел на атриумот. Во внатрешниот дел на атриумот е откриена мермерна пластика, што ја сочинуваат три столба со висина од 1,60 метри, две бази и три импост капители, сите без декорации. Археолошките истражувања покажале дека тие се дел од колонада на катната конструкција на градбата.
Градба со атриум
Оваа градба се наоѓа јужно од претходната, и иако се концептуална целина, во основа се две одвоени и посебно градени објекти. Се состои од атриумски простор и три простории со различни големини. Сидовите се градени од делкан камен, врзан со квалитетен варов малтер. Има неправилна трапезоидна форма во правец север-југ, и сите страни се со различни димензии. Атриумот се наоѓа во централниот дел од градбата. Подот на атриумот бил поплочен со градежна тула.
Во текот на втората половина на 6 век се случиле големи разурнувања. Археолошките истражувања потврдиле дека подоцнежните интервенции на овој простор се случиле кон крајот на 6 век и почеток на 7 век, со што просторот бил пренаменет за други потреби. Така, во неговиот југоисточен дел била изградена фурна со печка за печење леб, атриумските отвори на западниот и јужниот ѕид биле затворени со ѕид од камен врзан со кал, а на северната страна бил изграден масивен ѕид со скалила за пристап на одбранбениот ѕид.
Куќа 1
Оваа градба се наоѓа западно од градбата со атриум, оддалечена на 1,10 метри, ориентирана во правец исток-запад. Во внатрешниот простор се откриени фрагменти од керамички садови, претежно кујнска керамика, фрагменти од складишни садови, предмети за секојдневна употреба, монети и друго. Наодите укажуваат дека куќата егзистирала од 4 век до крајот на 6 век.
Куќа 2
Оваа куќа се наоѓа западно од градбата со атриум, и во неа се откриени мал број фрагменти од кермаички садови и метални предмети. Подот е премачкан со светложолта прочистена глина, поставена врз цврсто набиена чакалеста земја, која служела како основа. Куќата била активна во периодот од 4 век до 6 век.
Куќа 3
И оваа куќа се наоѓа западно од градбата со атриум, поставена во правец север-југ. Во средината има преграден ѕид што ја дели на две простории. Подот е премачкан со светложолта прочистена глина, поставена врз цврсто набиена чакалеста земја. Во куќата се откриени мал број на фрагменти од керамички садови, монети и други наоди, кои укажуваат дека куќата била активна во периодот од 4 век до крајот на 6 век.
Куќа 4
Се наоѓа југоисточно од Куќа 2, и афаќа неправилна, речиси трапезоидна основа. Ѕидовите се градени од кршен камен врзан со кал. Во оваа куќа се пронајдени фрагменти од керамички садови, кантари и тегови за кантари, железен крст и други метални наоди, како и мало депо од монети што потекнуваат од крајот на 6 век.
Куќа 5
Ова е подоцнежна фаза на Куќата 4, доградена од јужната страна, односно се работи за иста куќа, во две фази на градба. Влезот е мошне широк и веројатно се затворал со двокрилна врата, и се претпоставува дека служела како просторија за добиток или помошна просторија. Во неа се откриени фрагменти од керамички садови, монети, кантар со тегови, алат за земјоделска активност, сите датирани од периодот од 4-6 век. Веднаш до влезот на просторијата е откриена отпадна јама, во која се откриени животински коски и железни клинци.
Куќа 6
Се наоѓа јужно од Куќа 5, ориентирана во правец север-југ, со правоаголна основа. Има две простории од кои јужната е од подоцнежен период. Во внатрешноста на куќата е откриен градежен шут, претежно составен од урнатата градежна конструкција, која по опожарување се урнала, потоа градежен камен и светложолта компактна глинеста земја. Во северната просторија се откриени огниште со оџак и складишен сад северно од него, но во фрагментирана состојба. Најкарактеристични наоди од оваа куќа се неколку мали ножеви, оловни тегови за кантар, срп, дваесеттина различни по големина јадици, и друго.
Куќа 7
Се наоѓа јужно од влезот на Кулата 2 од одбранбениот ѕид, и се состои од две независни простории. Во југозападниот агол на куќата се откриени два складишни сада (питоси), вкопани во подното ниво, потоа откриени се фрагменти од керамички садови, монети и друго, што укажува дека куќата била во активна состојба во периодот од 4 до 6 или почеток на 7 век.
Куќа 8
Се наоѓа северно од Куќата 7, има една просторија и ходник поставен на западната страна. На североисточниот агол од куќата е откриен складишен сад, а на јужната половина, огниште со големо количество пепел.
Одбранбен ѕид
Одбранбениот ѕид е откриен во должина од 70 метри од источната и 5 метри од северната страна, со широчина од 1,60 метри. Граден е од крупен делкан камен и масивна лизага, а средишниот дел е полнетица од поситен камен врзан со варов малтер. На североисточниот агол е откриена одбранбена кула со правоаголна форма, од каде ѕидот продолжува кон југ, се искачува на северната тераса од акрополот, и завршува на највисоката и најдоминантна точка соединувајќи се со западниот одбранбен ѕид во силна кула – Бастион. На околу 22 метри јужно од аголната кула, во самиот бедем е откриен влез во населбата, широк 1,70 метри, на кој веројатно имало дрвена врата. Во влезот е откриена надгробна мермерна стела.
Автор на статија: Martina Shteriova
Градиште / древен антички град / средновековен град / Таор / Тауресиум