Убива таа рамнодушност! / Реакција на Павловска- Циги за вандалскиот чин над споменикот на децата бегалци од Егејска Македонија
11.04.2025 • Став

Спомен – белег на егзодус
Во рамките на Првата светска средба на децата бегалци што се одржа од 30 јуни до 3 јули 1988 година, во центарот на Скопје, во паркот “Жена борец”, беше откриен спомен-белегот според архитектонско решение на архитектот Даница Павловска – Циги. Спомен-белегот е композиција на монолит потопен во вода која од предната страна представуав мирно огледало а од задната клокоти симболизирајки ЖИВОТ.
Во водата се огледува рељеф кој претставува мајка страдалник со своите три деца, тргнати во непознат правец и разделени од своето огниште и најмилите, а всушност е реплика на еден инспиративен фото запис во уметничко дело на скулпторот НАСО БЕЌАРОВСКИ. Подоцна е додаден на задната страна на монолитот амблем и текст по избор на Здружението на децата бегалци од Егејска Македонија.
Денес, сега, тоа меморијално дело што означува егзодус од скорашно минато, не се одржува и пропаѓа затоа што не е одреден субјект кој ќе се грижи за него. ЈП Паркови и зеленило на Град Скопја ја негува само цветната бордура на спомен-белегот затоа што целиот парк Жена борец е негова редовна програмска задача.
Многу страшно е денес, вандалски дрско и криминално е украден рељефот од бакар и емотивната порака во натписот „Татковината – копнеж на прогонетите”. Но, најстрашно е што скоро никој не реагира а регуларно е пријавено во полиција. Убива таа рамнодушност!
Спротивно на знаењето не е незнаењето туку рамнодушноста. Спротивно на убавината не е грдотијата, туку рамнодушноста! Спротивно на креативноста не е медиокритетот, туку рамнодушноста!Спротивно на животот не е смртта, туку рамнодушноста!
Архитект Даница Павловска Циги
10 април 2025

Автор на статија: Filip Koneski
вандализам / Даница Павловска - Циги / Деца бегалци / Егејска Македонија / Жена Парк / Споменик