Управна зграда на ГП Пелагонија / Богатинов

Период: 1968-1973

Година на проектирање: 1969

Година на изведба: 1973

Објект: Управна зграда на ГП Пелагонија

Конкурс: Организиран од ГП Пелагонија

Тип на конкурс: Интерен

Подготвил: Љубен Трајаноски, Сашо Андријевски, Предраг Ристески

Автори: Јордан Богатинов

Инвеститор: ГП Пелагонија

Извори: Константиновски, Г. (2001). Градителите во Македонија: XVIII-XX век - книга прва. Скопје: Табернакул. Ристоманов, Б., Поповски, Ж., Брезоски, С. (1975) Македонска Архитектура. Скопје: Музеј на современа уметност. Димитров, В. и Спировски, С. (1975). Пелагонија : градежно претпријатие-Скопје. Скопје: Нова Македонија

Од архивата на: Архив на Град Скопје

Локација: ул. Димитрие Чуповски бр. 2, Скопје

Управната зграда на ГП Пелагонија е објект кој е на една од најфрекфрентните локации во Македонија, сместен на улицата Димитрије Чуповски, колоквијално позната како „Рекорд“. Покрај неодминливоста на овој објект во речиси секоја градска панорама направена во периодот на 70тите и 80тите, иако се појавува во секоја разгледница, иако станува збор за седиштето на еден од градежните гиганти во СФРЈ – градежното претпријатие Пелагонија, тој беше исклучително тежок да се лоцира временски. Иако е напоменат како една од значајните реализации во големата монографија на ГП Пелагонија издадена во 1975, авторот на објектот и годината на проектирање ја дознавме од малата публикација „Македонска Архитектура“ (1974, Музеј на современа уметност). Ова е единствено место каде се поврзува името на архитект Јордан Богатинов со овој објект. Името на авторот, генерално земено е реткост во публикациите за архитектура, делумно поради скромноста по која го паметат сите негови познаници, но и поради тоа што многу од објектите што ги проектирале архитектите во рамките на ГП Пелагонија биле објавувани како и само како проекти на ГП Пелагонија, без праведно објавување на индивидуалните автори позади проектот.

Сл.1 Фронталната фасада на управната зграда на ГП Пелагонија / Пелагонија : градежно претпријатие-Скопје, 1975, Нова Македонија

При истражувањето на овој објект имавме одлична соработка со професорите на Архитектонскиот Факултет, особено професорката Зорица Блажевска која беше од огромна помош при контактирање на Билјана Богатинова – единствената ќерка на Јордан Богатинов. Билјана љубезно ни одговори на секое прашање што го имавме во врска со предметот на истражување. Додатно, единствен професор на факултетот кој бил личен познаник на Јордан е професорот Георги Константиновски, кој иако не го познавал добро, се присети дека Јордан бил многу талентиран архитект кој бил познат по својата скромност. На прашањето дали архитектот е објавуван по југословенските списанија професорот одрече: „Не беше Јордан тој тип“.

Сл. 2 Панорама со поглед кон паркот „Жена борец“ / Пелагонија : градежно претпријатие-Скопје, 1975, Нова Македонија

Во својата оригинална состојба, објектот е организиран  на јасен, функционален начин кој ја искористува локацијата и ориентацијата на ефикасен начин. Влезот на објектот е на фронталниот дел кој гледа кон Собранието на РМ. Во зоната на приземјето и галеријата од сите страни се поставени мали продавници и дуќани кои се наменети за општа употреба. Како назнака на фасадата е испишано името на претпријатието Пелагонија и нивното лого, што претставувало обичај во случаи кога градежните претпријатија ги градат своите канцелариски простории.

 

Сл.3 Основа на карактеристичен кат

Карактеристичниот кат ги ориентира црталните на јужната страна и северната страна, додека на источната страна се сместени канцелариите на дел од управата, администрацијата  и генералниот директор. Во централниот дел на зградата се поставени тоалетите. Во централниот дел се појавува карактеристичен широк заеднички простор кој повеќето од канцелариски згради во Скопје не го содржат на својот карактеристичен кат. Скалишното јадро и лифтовите се одделени, скалите се сместени на јужната страна, додека лифтовската вертикала е позиционирана во внатрешноста на зградата, со излез во заедничкиот простор. Во долните нивоа на локацијата на црталните се сместени канцелариски простори на администрацијата.

Сл.4 Јужна фасада

На покривот се наоѓа тераса на кој е предвиден ресторан со прирачна кујна и магацини, додека во подрумот е сместена котларата, старата архива, трафостаници, хидрофор, скривалиште и простор за гаражирање на лесни возила. Подрумот е достапен за пешаци преку лифтовите и скалите а за колите преку рампа од дворот. Фасадите се обработени со мермер (парапети и видливи столбови). Прозорите се по системот „АСКО“ и се алуминиумски на фасада а дрвени во просториите, застаклени со термопан стакло. Уличните прозори се заштитени со алуминиумска ролетна. Материјалите за плафонот, преградните ѕидови, подовите се производство на различни Југословенски компании.

Во 2016  отпочнува рефасадирање на објектот во псеудо-класичен манир, при што е отстранет оригиналниот мермер, изменети се видот и бројот на отвори на фасадата, додавани се отвори на позиции каде пред тоа немало предвиден отвор.На интернет просторот можат да се најдат веќе широко рекламирани визуелизации на предвидената фасада. Станува збор за вид на варваризам, намерно бришење на дел од историјата кој е значаен дел од развитокот на градот. Во ноември 2017, градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов изјави дека нема да дозволи да продолжи рефасадирањето на овој објект и дека првично планираните 1,3 милиони евра за рефасадирањето на овој објект ќе бидат пренаменети за реконструкција на фасадите на средните училишта. Исто така градоначалникот објави враќање на оригиналната фасада на истата. Во моментот поради правните спорови што се водат околу објектот и целовкупната ревизија на проектот Скопје 2014, рефасадирањето е во мирување.

 

 

Автор на статија: