ВИЛА ЏУМАНЏИ / Спасески, Костадиноски

 

Факултет: Архитектонски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје

Година: IX семестар, 2020/2021

Проектна задача: Раст 2.0 – Урбани вили

Автори: Филип Спасески, Давид Костадиноски

Педагошки тим: доц. Д-р Слободан Велевски / доц. Д-р Марија Мано Велевска

Локација: Недефинирана

 

Од авторите:

Целта на интегративното студио „Раст 2.0 Урбани вили“ е поставување теза преку одредено истражување на урбаната вила како нова форма на домување, наспроти куќата и зградата. Со отсуството на локација истражувањето се фокусира на суштинските обрасци потребни за создавање урбана вила.

Кај вила Џуманџи можат да се одвојат 5 карактеристични обрасци:

 

  •  МУЛТИПЛИКАЦИЈА НА ИНДИВИДУАЛНОСТ

Индивидуалност и можност за самоизразување, се овозможува преку индивидуални пристапи до секоја единица и можност за комбинирање единици со различни големини. Со мултипликација на повеќе индивидуални единици се добива социјално живеење во колектив.

 

  • ЗООЕФЕКТ

Животни, миленици, во денешницата стануваат се поголем дел од нашиот живот, модерениот урбан живот. Со тоа, тие во секој момент се во директна корелација со нас, луѓето. Во урбаната средина како недостаток на флора и фауна, понудено е решение каде во самата вила и контекстот на живеење, просторите се споделуваат со милениците. Животните, сами по себе создаваат еден нов вид атмосфера и го зголемуваат квалитетот на домувањето. Современите потреби, трендови, создаваат движења, го зголемуваат спектарот на размислување, отвараат можности за проектирање нови простори за живеење.

 

 

  • ПОВНАТРЕШНУВАЊЕ  НА   ПЕЈЗАЖОТ

Еден од основните и главни аспекти за создавање на вила / урбана вила е дирекната корелација на објектот со природата и овозможувањето на взаемнa интеракција. Урбаната вила, која е независен објект во однос на околината и локацијата, овозможува неколку начини на внесување на природата во себе. Еден од најкарактеристичните е внатрешно ориентираното зеленило.

 

  • ЗАЕДНИЧКИ ПРОСТОРИ

Заедничките простори се точка на обединување на корисниците во објектот. Големиот број заеднички простори ја зголемува комуникацијата на корисниците со што овозможува градење колективност.

 

  • УЛИЦА-ШЕТАЛИШТЕ

Шеталиште, како збир на движење на повеќе корисници, со можност на интеракција, и простор кој овозможува разновидни доживувања. Полу – јавен дел кој се појавува во приватен објект, суптилното одвојување од котата на движење, е воедно примамливо и дополнително интригира. Имајќи целосна поделба на приватна и јавна зона, чувствувањето на надворешната атмосфера на објектот го прави самото присуство во улицата – шеталиште да претставува еден вид незаборавно доживување.

 

Урбаната вила како збир од традиционалните типологии на домување, ги носи во себе нивните позитивни карактеристики, со што создава нов модел на живеење, поблизок на потребите на урбаниот човек.

Ентериерот на Вила Џуманџи
Ентериер: поглед кон динамичната централна зона