Ликовен проект „Визија Скопје“ / фотогалерија
14.10.2019 • Уметност
Изминатиот викенд, на плоштадот Македонија, беа изработени и изложени ликовни дела кои нудеа одреден коментар и критика на постоечката узурпација на јавниот простор. Учесниците – студентите од Факултетот за ликовни уметности од Скопје, Архитектонскиот факултет од Скопје и Ликовната академија од Штип, преку употреба на визир-скици понудија нови решенија за конкретни локации на плоштадот.
Сведоци сме на безобразното и брутално узурпирање на јавниот простор во градот Скопје и тоа во последните 10 години, односно со почетокот на проектот Скопје 2014. Од тротоарите до плоштадите и парковите во централното градско подрачје јавните површини сè повеќе се намалуваат. Покрај физичкиот напад голема улога има визуелниот и естетскиот изглед на градот кој проектот Скопје 2014 го доведе до тотална катастрофа. Грдите, неквалитетни и прескапи згради и фасади, уништените паркови и зеленило, несразмерно големиот број лоши фигуративни скулптури на мала површина на плоштадот во Скопје создаваат слика на хорор и лудило која е наша реалност и секојдневие.
Визија Скопје е ликовен проект кој има за цел преку саркастичен, хумористичен, но и сериозен пристап да понуди можни решенија за изгледот на централното градско подрачје. Тоа е и коментар, но и критика на постоечката состојба. Припаѓа во категоријата на site specific проекти реализирани во јавен простор од времен карактер, Визија Скопје како позитивен пример, а и според начинот на реализација може да се користи и во други средини.
Визија Скопје е проект финансиски поддржан од Град Скопје во рамките на годишната програма за 2019 година.
Oд организаторите
Фотографии: Борис Јурмовски
Автор на статија: Ноеми Чаусидис