За рушењето на „Беко“ – од авторот арх. Мимоза Томиќ Несторова
21.05.2018 • Став
Фотографии: издание „ПЕЛАГОНИЈА“ ( Дрнков, Георгиевски, Стојковски), Porta3, Build.mk
„Пред се би сакала да се заблагодарам на МАРХ за интересот да го чујат мојот коментар и став.
Повод не е изградба, достигнување во архитектурата, туку рушење. Имено, за оваа информација не се зборува ниту во печатот, ниту во медиумите, не се јавија со коментар ниту Сојузот на архитекти, Комора на архитекти, Архитектонски факултет, Министерство за култура, Завод за заштита на споменици, општината, туку индиректно следам тажни фотографии, реакции, коментари од колеги и граѓани за постепеното но макотрпно рушење на објектот Стоковна куќа “Скопјанка”, (поранешно БЕКО). Не сум член на Фејсбук, а тоа стана единствениот начин за изразување став и коментар.
Заводот за заштита на споменици заштити објекти кои е прашање дали го заслужуваат тоа, а не заштити други вредни објекти или им ја симна заштита. Поготово не заштити ниеден објект од архитектурата на Модерната. Министерството за култура мора да постави стручни комисии кои сериозно треба да го сватат проблемот, одговорноста е секако и нејзина. Архитектурата е комплексна уметност и наука. Вклучува познавања од естетиката, математиката, физиката, философијата, но секој архитект проектирајќи, вклучува голем дел од своите емоции, дел од себе си. Во последните 15 тина години се случија многу повреди на авторските права на архитектите, се скрнавеа објекти, се преоблекуваа и се рушат. Се прашував разочарано дали има смисол воопшто да реагирам. Тажно е: -Дали само протест би бил начин на решавање на овие проблеми во една добро организирана држава со правила и поставени прописи?
Првите купци на поранешната Стоковна куќа Беко, го почитуваа правилото, стручна консултација со главниот проектант за евентуалните измени. Понатаму, другите власници, ниту ги знам ниту е моја обврска да ги знам, но секако е нивна обврска да бараат дозвола за преправки во авторски архитектонски проект, а секако и дозвола за рушење.
Читам деновиве дека во Америка, Германија се рушат објекти за да се градат нови. Па ете и ние го следиме трендот?? Но, големо прашање на една земја (поготово Македонија која нема висок стандард) е: – Колку чини рушењето на една наследена, солидно градена, адаптабилна конструкција како основно средство, која може да се искористи креативно?
Богати финансиски моќници си дозволуваат луксуз на рушење, а воопшто патриотски не делува деструктивниот став кој ни стана начин на размислување. Исплатливоста на рушење на ваков габарит како овој објект, веројатно е утростручување на површината и габаритот. Тоа е навистина непознато. Но каде ова води? Каков град сакаме?
Скапо не чини немањето слух за почитување на претходните вредности. Сето тоа е историја на еден град. Цивилизациски е да ги почитуваме, сочуваме и да ги негуваме наследените вредности на градот.
п.с. Не е јасно, а ме интересира мене како архитект а и пошироката јавност, што е испланирано да се гради на ова место? По кој урбанистички план се гради, имено на местото нема информација ниту табла, а се знае дека Општина Центар најави мораториум за градба, но по се изгледа се почитува и спроведува селективно.
Арх. Мимоза Несторова Томиќ“
Автор на статија: Filip Koneski
БЕКО / Коментар / Мимоза / Несторова / рушење / Стоковна куќа / Томиќ