Зграда на МРТВ / 1984
13.07.2022 • ХХ век / II половина

Година: 1971 - 1974
Година на изведба: завршена во 1984 год.
Автори: Идејно решение на Кирил Ацевски, Кирил Петровски и Крсто Ристовски; Основен проект на Кирил Ацевски, Нако Манов и Харалампие Јосифовски - проектантското биро на „Бетон“
Фотографии: насловно фото: wikimapia.org
Извори: wikipedia.mk; reporter.mk;
Локација: центар на Скопје
Зградата на Македонската радио телевизија, која се наоѓа близу брегот на реката Вардар, е едно од главните обележја на Скопје од почетокот на 80-те години. Оваа градба важеше за една од најубавите во поранешна Југославија. Зградата на 24 ката е висока 90 метри и претставува маркантно архитектонско здание. Неколку студија се изградени под земја, околу три метри под нивото на Варда, што ја прави оваа градба уникатна. Проектирана е три години, а за нејзината изградба биле потребни осум години.
Зградата на МРТВ и денес е една од највисоките градби во градот. Идејните и архитектонски решенија за оваа зграда се правени уште во 70-те години, а врз основа на технологијата што постоела во тоа време.

Потребата да се изгради нов објект на националната телевизија се појавила по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во кој се урнал и тогашниот објект на Радио Скопје. Во тоа време сите екипи се преселиле и емитувале програма од шатори и од бараки во Нерези.


Кога се правел новиот план за изградба и модернизација на градот, телевизијата добила одлична локација на објектот. Формирана е експертска група, составена од инженерите Кирил Ацевски, Кирил Петровски и Крсто Ристовски, кои го изработиле идејниот проект за зградата. Тие се консултирале во неколку големи европски ТВ-куќи и од сите добиле позитивно мислење за изгледот на новиот објект. Врз основа на тој концепт, проектантското биро на „Бетон“ го изработи главниот проект. Одговорни проектанти биле Кирил Ацевски, Нако Манов и Харалампие Јосифовски.
Проектирањето траело од 1971 до 1974 година, а откако било завршено, почнала изградбата на тогаш највисоката зграда во Скопје, но и највисока телевизика куќа на Балканот.

Оваа градба претставува современ објект со висечки фасади од стакло, мермер и алуминиум. Граден е според сите технички стандарди и прописи. Откако се изградила армирано-бетонската конструкција, врз неа се извршил тест за издржливот на земјотреси.


Целиот објект е составен од четири блока: музички и радиостудија, драмски и телевизиски студија и кулата од 90 метри како административен објект. Во зградата има и 14 други студија. Телевизиските студија се со површина од 400 квадратни метри, а околу нив има повеќе помошни простории: шминкерници, гардерови, простории за одмор, монтажа, режија и слично. Во едно од музичките студија можат да се сместат оркестар и хор, составени од 120 луѓе и 50 луѓе публика. Два ката од објектот се проектирани за кинотека.
Музичките студија во МРТВ се градени 11 метри под земја и достигаат три метри под нивото на Вардар. Имаат по три пода и по три ѕида и големи акустични врати, тешки по четири тона, колку што тежат и светлата.
Веќе неколку години долем дел од просторот на МРТВ се користи и за други намени, како канцеларии и простории за државни институции кои не се на никој начин поврзани со телевизија. Ентериерот и екстериерот се застарени, а на зградата и е потребно и надворешно и внатрешно реновирање.

Автор на статија: Martina Shteriova
Зграда на МРТВ / Македонска радио-телевизија / МРТВ / постземјотресно Скопје / Скопје