Граѓаните на Тафталиџе против уништувањето на јавниот простор
10.06.2016 • Информации Урбанизам
Изминатиов период, граѓаните на Тафталиџе и општина Карпош, делуваа само- организирано на социјалните мрежи со повик да се спречат делувањата на големите инвеститори во населбите и општината.
Граѓаните сметаат дека се узурпира зеленилото, игралиштата на сметка на проектите кои носат големи заработки на инвеститорите и притоа го приватизираат јавниот простор.
После урбанистичките планови за Карпош и јавното неприфаќање, овојпат плановите за населбите Тафталиџе, се на критика на граѓаните.
За што конкретно протестираа и се против Граѓаните:
*На улица Букурешка, се најавуваше изградба на нов објект П + 5, во паркот пред колективните станбени објекти. Граѓаните масовно се собраа, реагираа и протестираа со паролите „Маалски, а не партиски“ и „Паркот не го даваме“. Во таа мисија се приклучија и луѓе од други општини, кои присуствуваа на хепенингот за заштита на паркот. Граѓаните почнаа да потпишуваат и петиција за застој на работите.
*Деновиве, истата група на граѓани, го актуелизираше оградувањето на игралиштето до Алумина и почетокот на изградбата на објектот на фирмата Настел. При истото се уништува просторот за рекреација и зеленилото.
Спорното во сите овие безбројни случувања во полето на урбанизмот и архитектурата е тоа што се одвива под директно менторство на општините-локалната власт и градоначалниците.
-Дали е време да се поткрене иницијатива за условено образование на градоначалниците од областа на архитектурата и урбанизмот?
-Дали е време да се бара урбанистичките планови да одат на јавни повици и конкурси, со задолжителни јавни презентации од авторите, наместо да бидат порачани според потребата на моќниците?
– Дали е време да се бараат промени во законите, за начинот на полнење на буџетот во општините, како не би биле приморани да зависат единствено од комуналиите за новоградба?
Многу прашања стојат неодговорени, и време е професијата организирано да ги отвори пред пошироката јавност наместо во затворени-интелектуални кругови.
— — —
Доколку сакате да ги поддржите граѓаните во нивната мисија следете ги на нивните официјални fb страни:
Извор на 3D визуелизацијa: Настел
Ф.К
Автор на статија: marh