Канцелариски простор на Microsoft Македонија / KL Studio
19.11.2016 • Ентериер и мебел
Автори: КЛ Студио / www.klstudio.mk
Локација: Скопје, Македонија
Површина: 230.0 м2
Година на проект: 2016
Фотографија: Андријана Тилиќ
Изведувач: Хидромонтажа
Проект Менаџмент: БАТЕС, Белград
Текст: Дијана Омерагиќ Апостолски
Во текот на последните неколку години, или подобро речено децении, моделот на архитектонското уредување и организација на канцелариските работни простори, начинот на решавањето на потребната програма, значително се менуваше и се уште се менува. Желбата да се обезбеди работен простор кој во најмала рака ќе ја овозможи продуктивноста, креативноста и благосостојбата на вработените, инспирираше голем број на истражувања концентрирани на ентериерното проектирање и уредување на канцелариските простори.
Основа
Во рамките на таа парадигма, една од водечките компании во светот – Microsoft, создаде упатство со насоки за дизајнирање на сопствените канцеларии во кои канцеларискиот простор припаѓа, пред се на вработените и на посетителите, и во кое нивниот “брендинг” е повеќе од едноставно следење на препознатливото лого и неговите бои.
Глобалниот производител, всушност, се обидува да се надмине себе си како бренд преку промовирањето на оригинални канцелариски простори, секаде поинакви и секогаш уникатни – соодветни на сопствениот простор и културен контекст со цел да создаде комфорни простори за своите вработени и гости; наспроти практиката на повеќето глобални компании кои едноставно го реплицираат својот просторен потпис каде и да се наоѓаат во светот.
На овој начин, Microsoft се одлучи да ја стимулира креативноста и оригиналноста кај дизајнерите на нивните простори низ светот. Задачата на дизајнирање на новите Microsoft канцеларии во Скопје беше доделена на КЛ Студио. Тие, за возврат, испорачаа решение фокусирано на локалните вредности и култура.
Почнувајќи со работа во веќе постоечки канцелариски простор, во нов објект во центарот на Скопје, првиот предизвик на КЛ Студио беше де-хомогенизацијата на просторот. Тоа го постигнаа со отстранување на постоечкиот спуштен плафон од акустични плочи и ре-дизајнирање на подот. Со отстранувањето на плафонските плочи ја соголија бетонската конструкција на објектот и на тој начин го акцентираа градежениот материјал кој историски го обележи центарот на Скопје. Со спротивен третман, подот целосно го обложија со уникатно дизајниран теписон – инспириран од етнички македонски шари репродуцирани со адаптирана палета на бои.
Дополнително, во оваа суптилна игра на функција и значење, инспирацијата, односно оригиналниот ткаен македонски тепих го изложија како уметнички артефакт во приемниот простор на канцелариите. Sидовите се обложени со дизјнирани фото-тапети инспирирани од објектите од периодот на модерната архитектура кои го обележаа Скопје по големиот земјотрес во 1963 и останаа врежани во локалната колективна меморија како репрезенти на солидарност и тимска работа за подобра иднина.
Понатаму, КЛ Студио додаде внимателно одбрани парчиња мебел од различни брендови, вклучувајќи и мебел со нивен потпис изработен во Скопје од одбрани занаетчии. Вредни за напоменување се 3Д-грид полицата, дизајнирана од КЛ Студио, која со својата полу-транспарентност го одделува просторот без да сегрегира, и металните шкафчиња кои го нагласуваат современиот контекст на нашето секојдневие.
Заедничката канцелариска кујна е уште еден елемент вреден за напоменување. Наместо стереотипна канцелариска кујна, овој простор добил третман на современа домашна кујна дизајнирана да асоцира на бистро, во кое вработените можат да се чувствуваат како на вистинска кафе или ручек пауза.
Канцелариите се отворени, динамични, и поседуваат опуштена домашна атмосфера во која посетителот е добредојден. КЛ Студио соработуваше со Microsoft во создавање на работна околина која е, типолошки, на раскрницата помеѓу домување и корпорациски простор, и на тој начин се постави сред актуелната архитектонската дискусија активно засегната со карактерот на работните човекови простори.
Ф.К
Автор на статија: Filip Koneski