Лукаш Галусек со предавање на АФС

Материјалот го приложи и истражи: Ноеми Чаусидис

Во рамките на претставувањето на Полската современа архитектура преку изложбата на Архитектонскиот Факултет, денес следуваше и уште едно предавање. Овој пат од полскот архитект Лукаш Галусек, кој го презентираше развојот на градот Катовице.

123

2

Додека често слушаме за Краков, Варшава или Гданск, неверојатниот Катовице останува една никогаш не доволно популаризирана приказна. Галусек не воведе низ историјата на овој град кој е средиште на областа Шлезија – територија која низ вековите припаѓала на најразлични владеења. Како резултат на ова градот го следи некоја судбина слична на нашето Скопје. Со секоја деценија доаѓале нови раководители, секој пат трудејќи се целосно да ги искоренат предходниците, а посебно нивното симболично архитектонско наследство, и повторно и повторно рушејќи го стариот и градејќи свој нов град.

3. Катовице

Архитектот започна од самото основање на градот од страна на првата полска династија, по што во краток период паѓа во рацете на Чешката Република, па и на Австриската Империја, за најпосле да се стабилизира како дел од Прусија. Со своето изобилие на руди, а посебно јагленот, се развива како индустриски град, каде споменици се циглените оџаци на фабриките, а населението живее во работничките населби во хармонија со техниката и природата.

4. Nikiszowiec, Katowice

Галусек не воведе во следниот период, по Првата светска војна, кога градот едвај успева да припрадне на Полската Република. По неуспешното поврзување на народната маса со монументалниот класицизам, Катовице се менува во ултра модерен, американски град на облакодери и луксуз. Додека пак, Нацистичката окупација за време на Втората светска војна руши некои од овие симболи на Полската Република и го преобразува градот во функционален и модернистички.

5. Drapacz Chmur (облакодер),Katowice, 1934

6. Drapacz Chmur (облакодер), Katowice,1934

Следи пост-воениот период, кога градот станува повеќе социјалистички него модернистички, величејќи и следејќи ги принципите на соседните СССР. Овој период остава најразлични траги меѓу кои и вредни примери како Железничката станица, Спортската Хала, Трговскиот Центар Зенит и многу други. Но, со кризата на социјализмот и доаѓањето на новото време, овие објекти остануваат заборавени а со време и непосакувани во пејсажот на градот.

8. Spodek, Katowice, 1971

Галусек не донесе и до пресвртот во оваа приказна на градот. Тоа е периодот пред рушењето на бруталистичката железничка станица, проектирана од тимот на „Тигрите“ (токму истите што ни го направија нашиот МСУ), кога конечно младата архитектонска фела ја започнува првата борба кон еве уште едното обновување на Катовице. Препознавајќи ја вредноста на овие веќе запуштени споменици на модерната почнуваат со нивно пормовирање и обиди за заштитување. Нажалост битката ја губат и прекрасната железница е срушена, но, движењето продолжува и полека не носи до денешниот период.

9. Железничката станица во Катовице, Клишевски, Мокшињски и Вјежбицки, 1972

10. Железничката станица во Катовице, Клишевски, Мокшињски и Вјежбицки, 1972

11. Железничката станица во Катовице демолирана 2011

Денес Катовице го препознава својот идентите на индустриска метропола, на град на јагленот, на социјалистички споменик, и на што уште не бил во својата кратка историја, преточувајќи ги сите овие карактеритики во една многу уникатна слика на модерен, културен и зелен град. Денешната генерација се покажа храбра во користење на комплексноста на територијата на Шлезија како инспирација и го направи големиот чекор на нејзино современо интерпретирање. За крај Галусек не остави со очигледното прашање за дали за разлика од сите предходни, оваа последна промена ќе трајна или не? Додека нас, ни останаа мислите за нашиот град со неговото постојано преобнвување, и прашањето дали некогаш и тој ќе стигне до еден ваков среќен крај на приказната?

13. National Polish Radio Symphony Orchestra, Konior Studio, 2014

14. Bolko Loft, Katowice, Przemysław Łukasik, 2003

12. Јаглен сапун

Автор на статија: