Ребрендирање на филијали- Винер Осигурување / Павел Вељаноски
29.08.2016 • Ентериер и мебел
Флексибилност и адаптибилност во канцелариски простор
“Складирањето исчезнува. Во секојдневниот работен процес повеќе не ни е потребнo енормното количество на хартии кои во минатото ни беа неопходни. Повеќе немаме вистински книги, барем не во квантитетот во кој ги имавме.” – Ronan & Erwan Bouroullec за време на последниот Clerkenwell Design Week, при презентирањето на нивниот нов канцелариски систем “Workbays” кој моментално го развиваат.
Проект: Ребрендирање на филијали низ Република Македонија
Нарачател: Винер Осигурување, Виена Иншуренс Груп
Автор: Павел Вељаноски
Година: 2016
Следејќи ја тенденцијата која го ослободува и празни современиот канцелариски простор, се повеќе може да се размислува на негово флексибилно |де|конструирање. Архитектите амбициозно експериментираат со формите на канцеларискиот мебел со цел да се најде најповолниот систем на мобилност кој ни го нуди и иницира модерната технологијата која се повеќе доминира во канцелариските средини.
Мобилноста претставува главна цел во проектот за ребрендирање на филијали во сопственост на осигурителната компација Винер Осигурување која е дел од најмоќната осигурителна групација во Централна и Источна Европа – Виена Иншуренс Груп, која ја сочинуваат 50 компании во 25 земји и успешно опслужува над 20 милиони задоволни клиенти. Со 25.000 вработени Виена Иншуренс Груп е најголемата осигурителна групација присутна на пазарот во Република Македонија чиј раст го потврдува нејзиното рапидно ширење на својата продажна мрежа и достигнувајќи ја бројката од 75 филијали ширум целата држава.
Самиот проект нуди еден модуларен концепт на мебел како солуција за подобрување на функционалноста за секоја од просториите во која ќе биде адаптиран. Бројните простории, поради нивниот просторен диверзитет не нудат можност за едно типско решение, поради што неопходно е во секој од нив да се пристапи и од аспект на адаптибилност, а истовремено да нуди повеќе можности на функционална поставеност.
Преку неопходна анализа на моменталниот начин на функционирање, како главна активност е издвоена релацијата “клиент-вработен”, за која во ова решение се обезбедува и просторна рамноправност. Модуларноста се обезбедува со типот на маси (квадрат 80/80cm) кои во различна просторна или функционална ситуација, можат да се употребат на различен начин. Првото сценарио е кога два такви модула се поставени со отворена позиција кон вработениот, со што обезбедуваат поголем комфор и интимност за истиот. Ваквиот тип е погоден за менаџерските позиции, кои немаат голем контакт со клиентите. Во второто сценарио преку поставеноста на овие два модули, едниот во отворена позиција према вработениот, а другиот према клиентот, се постигнува главната просторна рамноправност во нивната релација, за која најмногу се залага овој проект, но истот е приоритет и на самата осигурителна компанија. Ваквиот тип е најупотребуван, бидејќи истиот е неопходен во секојдневното функционирање во секоја од филијалите. Постои и можност кога четири такви модули ќе се допрат со нивните полни страни и во една крстовидна форма во основа, нудат отворен простор кон надворешноста. Конфигурација која се користи како место за состаноци во филијали каде што пред се постои можност тоа да се оствари. Секако, поради нивната мобилност, истата може да се оствари и во помали простории доколку се јави таква потреба, со едноставна реорганизација за постоечките модули кои до тогаш функционирале во друга конфигурација.
Ваквиот систем нуди можност за индивидуална работа, но и за работа со помала група на луѓе. Нивното групирање обезбедува работен простор за краткотрајни едукативни проекти во секоја од филијалите, како и да биде употребен во функција за денови на промоција. Лесната преносливост на овие работни единици ги отстранува “просторните рестрикции” со кои се поврзува традиционалниот канцелариски простор и ги охрабрува корисниците на поголема колаборација. Во ера на дигитализација во која работните простории имаат помала просторна побарувачка и овој тренд се претпоставува дека ќе се развива во иднина, компактноста на оваа форма на мебел значајно ја подига просторната функционалност и стимулира здрави работни навики со интерактивна размена на искуства и знаења.
Изведени филијали и адаптација на мебелот во нив
Квадратните форми на маси се изработени од иверица, со една правоаголна челична ногарка за која постои механизам за едноставна промена на нејзината позиција. Како контраст на преголемата доза на информации кои оваа осигурителна групација ги нуди на своите клиенти, просторот ја задржува својата пуристичка димензија, со употреба на бела боја за мебел и едноставно акцентирање на позицијата (личноста) во просторот со доминантна црвена боја, која е во согласност и со главната боја на компанијата.
Ф.К
Автор на статија: marh
Ентериер / Мебел / Осигурување / Ребрендирање