Се потготвуваат целосни измени на градежната регулатива
28.10.2017 • Информации Урбанизам
Од владата е најавена целосна измена на градежната регулатива која е во служба на урбаната мафија. Формирана е национална комисија која ќе ги чешла законите за градење, за просторно и за урбанистичко планирање, за катастар, за експропријација, во која ќе земат учество здруженијата на градежници , на архитекти, претставници на стручната и научната фела, а како раководител на комисијата се споменува професорот Мирослав Грчев, според DW.
Професионалната сфера, изминатите декади во континуитет бараше од властите да ја прекинат пракасата која го спонзорира урбанистичкиот хаос. Само законот за градење во последните 5 години доживеа 25 измени според потребите и желбите на претходната влада.
Во истиот период урбанистичките планови се моделираа според потребите на ненаситните приватни инвеститори, зеленилата се претвораа во градежни парцели, се правеа измени во плановите без вистинска јавна и стручна расправа за истите.
За истите проблеми МАРХ константно ги презентираше последиците и повикуваше на подигнување на општата и јавната свест. Со цел да ја покаже сликата на градот кој станува село, нашиот тим реализира изложба во склоп на БИМАС 2016 во кој го претставивме невидливиот урбанизам на Скопје, кој од колективните објекти создаде „бразилски фавели“.,
Бидејќи нашата мисија е да го подигнеме општото знаење на јавноста во полето на домашата архитектонска сцена и ја делиме грижата за ситуацијата, упатуваме порака до комисијата надлежна за најавените промени да стават крај на „касапењето“ на колективните објекти во Македонија на кои се дозволуваат индивидуални интервенции.
Тоа значи крај на дозволите за надградување и доградување на становите, индивидуално поставување на термоизолација и промена на фасадите како и преградувањето на балконите и терасите. Мораме да создадеме регулатива која ќе стави дознаење дека зградите(колективни објекти за домување) немаат статус на куќи(индивидуални објекти за домување) и за живеењето во нив постојат заеднички правила и стандарди.
Ф.К
Автор на статија: marh