Спортско рекреативен центар во Неготино/ Прима Инженеринг

Конкурсен труд

Награда: I место

Локација: Неготино

Проектанско биро: Прима Инженеринг

Автори: Даница Спасевска, Анета Мартулкова, Филип Конески

Година: 2019

 

Позиција

Предметната локација се наоѓа на северниот дел од градот, на самиот влез-излез. Истатата е лесно достапна од Неготино и еднакво забележлива и поврзана со автопатот Е-75, со што значењето на новата интервенција ги надминува локалните микро рамки.
Од постоечката состојба може да се прочита некогаш планското урбанистичко позиционирање на спортско рекреативниот центар, како и очигледното негово нереализирање до крај.
Покрај постоечките содржини ( спортска сала, тенис, кошарка, ракомет, фудбал) како дополнителни квалитети во непосредна близина на локацијата постои и сместувачкиот капацитет „Хотел Парк“.

Потенцијал

Спортско-рекреативниот центар претставува вистински потенцијал за спортот и рекретивните активности за Неготино, меѓутоа и за пошироката околина. Освен локалниот карактер, истиот добива на тежина со сопствената позиција до автопатот кој ја врзува Западна Европа со Грција и блискиот Исток. Центарот може да прерасне во атрактивна точка за одмор и рекреација со што би се активирал и транзициониот туризам. Тоа веќе отвора можности за поширока програма на интервенции со повисок квалитет како естетски така и содржински, за што е потребно да се истакне и локалниот идентитет – производство на вино.

Концепт

Локацијата во доминантен дел е дефинирана во однос на содржините, кои се добро димензионирани и соодветно позиционирани. Истите ги задржуваме, дополнуваме и истакнуваме, додека новите интервенции ги развиваме на слободната површина.
Покрај претходно споменатите спортски активности, со новата интервенција се обидуваме да внесеме програма која ќе го раздвижи просторот анимирајќи го и во полето на гастрономијата, културата и алтернативните спортски активности.

 

Езеро

Главната интервенција која ја предвидуваме, која ќе доминира и ќе претставува ново свртувалиште е мултифункционалното езеро. Истото може да се користи за капење, кајакарење, додека формираниот кеј за прошетка, сончање, велосипедски патеки.
Со цел да се креира специфичен пејсаж ја обединуваме сликата на езерото со шумата, вовлекувајќи го кон ридот каде се планира дооформување на густа вегетација. Повлекувајќи го потегот, поради разликата во теренската висина добивме засек во ридот во кој препознавме амбиент на пештера, идеален за вински ресторан.

Амфитеатар

Веќе постоечкиот визуелен продор од локацијата на езерото ( набљудувајќи од доле кон горе ) кон ридот, вегетациски сиромашен, не насочи кон амфитеатрално обликување на потегот без да ја загрозуваме флората. Со тоа се отворија повеќе точки кои се надоврзуваат и прават ланец на интервенции по следниот распоред: Езеро – ресторан – летна сцена – амфитеатар – винови насади – трем со видиковец – паркинг.

Над ресторанот се формира плато, кое во корелација со амфитеатарот станува сцена за културни манифестации. Бидејќи потегот е поголем од потребниот капацитет за летна сцена, истиот во совладувањето на висината преминува во вински насади со што се придава значење на оваа градинарска култура , нагласувајќи го она што се случува под теренот – винската визба / ресторан. Крајната точка допира до паркингот, кој е пак појдовна точка во обратен правец. Затоа позиционираме трем – пергола и кула видиковец која има функционални удобности за појдовната точка, додека претставува поента на визуелниот допир од спротивната страна.

 

Угостителски капацитети со придружни намени

Споменатиот вински ресторан како гастрономска елитна точка, се балансира со повеќенаменскиот полувкопан објект за секојдневна употреба. Истиот е позициониран на начин да вовлече функции во себе и да се отвори кон обалата преку пјацета, додека со рамната и проодна кровна тераса/ градина да се поврзе со повисокото ниво на кое допира улицата, велосипедската и пешачката патека. Симбиозата на нивелирањето ги обединува јавните простории давајќи им прекрасен поглед за уживање и место за дополнителни активности ( пјацета – кафе/бистро; тераса – лежалки, јога и сл.).
Објектот во себе ги обединува јавните простори како тоалети, соблекувални, одложување спортска опрема и изнајмување на истата со угостителските локали кои треба да овозможат лежерно уживање во кафе/бистро амбиент, но и да обезбедат можност за набавка на пијалоци, кондиторски производи, сладолед и слично.

Дополнителни спортски содржини

Спортската сала, фудбалското игралиште, кошарка, ракомет и тенис предвидено е да се реновираат и дообликуваат со мали интервенции (промена на подлога, партер, рефлектори, заштитна мрежа, трем-пергола…).
Како нови содржини на комплексот му се додаваат водените активности (кајак, пливање), потоа велосипедски патеки, адреналинска вертикала (павилјон за качување), теретана на отворено, мултифункционална тревна површина за слободни активности, како и скејт парк. Просторот пред спортската сала, освен за време на големите настани, сам по себе претставува плато ( пјацета) која не привлекува внимание на дневна основа. Оваа површина е идеална за позиционирање на скејт парк, преку интервенции на базени (вдлабнување), пропратена со партерно и хортикултурно уредување.

Зависно од моќноста на инвеститорот, езерото во зимскиот период може да стане најголемото отворено лизгалиште во регионот со што би можеле периодично да се актуелизира хокејот, уметничкото лизгање како и рекреативното со што центарот ќе биде активен низ сите годишни времиња.

 

Павилјони

На територијата на Македонија, зелените вон градски урбанизирани простории се ретко посетени и маргинализирани. Тоа не поучува на потребата од интегрирање на точки кои може да привлечат поголемо внимание и придвижување.
Планинската атмосфера на ридот е локацијата каде позиционираме повеќе вакви точки. Во нив интервенираме со различни функции на типски павилјони – видиковец, изложбен простор, ботаничка градина, адреналинска вертикала за качување, павилјон за детска едукација.
Ваквиот тип на објекти нудат можност и за периодични функции поврзани со фестивали, саеми и презентации, потоа заштита од атмосферски влијанија, летниковци со проширена функција.

Дополнителни активности

Во спортско- рекреативниот центар се предвидени детско игралиште во непосредна близина на детскиот едукативен павилјон и игралиште за домашни миленици.
Кејот на Неготинска река претставува заштитен простор и потег кој сам по себе е доволен за прошетки, слободни активности и затоа го оставивме во постоечката состојба без дополнителни оптоварувања и фунцкии. Иако постои можност истиот на повеќе начини да се интегрира со остатокот од интервенцијата.

Финансирање и план за развој на подолг рок

Смелите идеи за релативно малите или помалку моќните средини во Македонија се лесни за одбивање под изговор на вечната борба за финансии. Меѓутоа вистинскиот развој на помалите средини, не е возможен преку минорни инвестиции со слаб квалитет . Затоа треба локациите како посочената да се разберат како вистински потенцијал, кој овозможува развој.
Финансирањето на еден ваков комплекс е возможен во повеќе јавни приватни партнерства или во сегменти. На пример Винскиот ресторан заедно со одржувањето на виновите лози, може да бидат предмет на инвестиција на некоја од моќните винарии во регионот, потоа повеќенаменскиот угостителски локал исто така може да е предмет на приватен инвеститор, кој за истата би добил олеснување во комуналиите но за тоа треба да отстапи простор за јавните тоалети, соблекувалните и просториите за оддложување.
Павилјоните и придружните објекти кои се во функција на еко-туризмот, развој на локалната заедница може да добијат лесно неповратлив грант. Истото се однесува и на спортските објекти, новопроектираните и старите за кои е потребна обнова. Она што го препорачуваме на локалната самоуправа е да вложи во изработката на квалитетен основен проект, кој сам по себе ќе значи промоција и маркетинг материјал за инвеститори, донации, грантови и соработки. Значајно е да се напомене дека ваквите проекти треба да се изведуваат во континуитет, за да не се остави простор сегментирањето да му пресуди на крајниот резултат.

од авторите