Идејно решение за конкурсот за уредување на ридот Кале / Николовски, Пејовски

Дата на распишување на конкурс: 05.04.2019

Конкурс: „Кале, културна тврдина“

Автори: Јосиф Николовски, Мирослав Пејовски

Локација: Рид Кале, Скопје

Проектот e работен како одговор на конкурсот за изработка на идејно архитектонско-урбанистичко решение за уредување на ридот Кале во Скопје. Дел од барањата беа да се понуди решение за уредување на ридот Кале и поврзување со неговата непосредна околина, како и да се предвидат неколку привремени павиљонски градби наменети за вдомување на дел од содржините на Музејот на современа уметност.

Место со клучна поставеност во градот со себе повлекува неопходна темелна анализа на постоечките и хронолошките; семантички, економски, политички, социјални како и просторно-визуелни елементи. Локацијата на задачата претставува брдо со повеќе преклопувачки слоеви на човечко живеење низ времето, тврдина, отомански пазар и објект на отоманската војска, „патот на глината“, француски гробишта, музеј, амбасада…

„Островот“ има доминантна поставеност, затоа е очигледен изборот како место за утврдување или подоцна како собирно место за отоманската војска.

Во секој случај, во сенка на институциите на моќ, лежат секојдневните процеси кои што го овозможуваат функционирањето. Северниот раб – продуктивен појас: некогашен извор на глина, платото пред калето – поранешен пазар… Денешната ситуација ги изгубила овие слоеви на комплексност, односно мултимодално и разнолико користење преку денот, неделата или месецот.

„Постојаноста на и најмалку важната работа во архитектурата и неконзистентноста на градот се некомпатибилни“, дополнително, архитектурата треба да служи како инфраструктура за преклопувачките процеси на општеството, а не како наивен декор на градот.

Сл.1 – Бариери и ризици

Проектот претставува метод кој што, комбинирајќи стратегија за менаџирање и програмска адаптабилност, евентуално би генереирал нов живот на „островот“. Идејата е да се напушти концептот на омнипотентен архитект и да се предложи концепт на жив организам кој што ќе се трансформира и адаптира низ времето.

Ваквиот пристап ги истражува потенцијалите и недостатоците на контактните зони и ги „повлекува конците“ за да направи мост меѓу нив. Нашата идеја е замислена како урбана сценографија за постоечките социјални, културни и рекреативни иницијативи.

Сл.2 – Стратегија

Моменталната состојба претставува комплетна дезинтеграција помеѓу градот, кејот на Вардар и проектната локација. Конекцијата од источната страна на локацијата воведува нова „зелена “ патека од Парк до Старата Чаршија во траење од приближно 20 минути пешачење. Со овој гест се создаваат „туристичка“ тура: Центар-Кале-Парк-Дебар Маало и „локална променада“, во другиот правец.

Сл.3 – Препознаени зони

Со намера да го контролираме интензитетот со кој што градот продира низ локацијата, концептот е замислен на две нивоа:

  1. Метафорички, градот ја продира локацијата со 1.2м широка „улица“ со повремени одбрани проширувања – „пјацети” со точки за набљудување или рекреација, од друга страна за да се стигне до изолираните точки за одмор/пикник потребно е да се оттргнеш од патот и да се „исклучиш“ во природата.
  2. Проектната локација е обиколена со објекти/зони кои што се помалку или повеќе компатибилни со потребната проектна програма, следствено контактните зони одлучуваат што ќе се надоврзе во внатрешноста на „островот“. Брдото е поделено на 3 зони, секоја зона има дистинктивна тема/наратив.

Патеката овозможува нов пешачки мост помеѓу Градски Парк и Стара Чаршија и можност за излез од градскиот пејзаж.

Сл.4 – Стратешки план

Со цел да се овозможи концизна просторна координација, предлогот имплементира методлогија на дефинирање на визуелни групации и бариери во зависност од теренот со тоа што ги идентификува тополошките ували и грбини. Ова е образецот кој ги условува програмските слоеви: референтни точки, отворена галерија, точки за одмор/пикник.

Референтни точки (ориентири) се дрва (јавор, гингко…) кои што имаат карактеристична вибрантна боја преку различните сезони од годината.

Сл.5 – Концепт

Позициите на отворената галерија е сочинета од точки каде што може да биде поставен скулптура/уметничка инсталација или може да биде место за интерактивен уред- поврзувајќи уметност, архитектура, социјални трендови…

Точките за одмор/пикник се „клупи“ отсечени од патеката и слободно поставени во зеленилото. Тие може да формираат групација или да бидат изолирани. Нивното користење варира од учење на отворено, групни собири на пријатели или едноставен одмор од урбаното „планинарење“. Овој пристап се чинеше како неопходен поради очигледното спонтано користење на моменталниот простор за слични намени.

Сл.6 – Фази на имплементација

ГРАДСКА ГРАДИНА

„Градска градина“ претставува урбан овоштарник (1100 дрва) со сите култури карактеристични за скопската котлина – елемент кој што во Скопје исчезнува од ден на ден, на овој начин брдото ќе стане продуктивен пејзаж. Со цел да се приклучи и локалното население кое што има деструктивни тенденции кон брдото, проектот предвидува концепт на социјално претприемништво. На овој начин засегнатите се економски независни и директно поврзани со функционирањето на зоната. Следствено музејот, самата градина и локалното население имаат заеднички бенефит.

Дополнително и клучно е предвидувањето на нови јавни програмски содржини (органски пазар, “biergarten”, занаетчии, стаклени градини со експриментално одгледување (aquaponics, hidroponics), галерија…), кои што имаат за цел да поттикнат тренд на градско ко-живеење со природата, како наддоврзување на зоната околу СРЦ Кале, која го поттикнува развојот на алтернативната урбана култура.

Сл.7 – Архитектонско – урбанистички проект М=1:1000

ГРАДСКИ ХРАМ

Додека современата уметност има добиено разноразни облици и вмрежува различни медиуми и дисциплини, а музеите стануваат храмови на човечкото постоење и знаење, доследна е потребата за зголемување на неговата комплексност, палета на користење и функции. Музејот на Современа Уметност треба да го збогати својот репертоар и да стане социјална машина. Проектот предвидува медијатека, едукативен центар, простор за перформативна уметност, концепт “artist in residence”, надворешно кафуле + библиотека, активности на дневна основа, надворешна галерија, галерија за експриментална уметност итн.

КАЛЕ КУЛТУРНА ТВРДИНА

На место каде што историскиот наратив и културно наследство длабоко го идентификуваат просторот, се што е потребно е стратегија за менаџирање која што ќе го стимулираа неговото користење. Концептот го трансформира објектот на Косовскиот вилает (објект Рубин Кармин), и во него вдомува културен центар за перформативни уметности. Целта е да се донесе нова енергија која ќе ја оживее целата зона со тоа што ќе ја користи како лична сцена за изведба и секојдневно користење.

Дополнително во оваа зона се преместува влезот во калето преку старата порта, додека анализата укажа на можноста паркингот пред стариот влез да биде тргнат и заменет со плато – видиковец, место за општествени настани, место за одмор

Како проширен отворен ходник на музејот, две патеки поминуваат низ теренот и го водат посетителт до двата нови павиљони.

Сл.8 – Сегмент од проект М=1:250

ПАВИЉОН БРОЈ 1.

Предвиден како „базилика на современоста“, павиљонот претставува флексибилен простор кој лесно може да се адаптира на различни програмски содржини. Новата патека води до средишниот дел на надворешната галерија, каде што се наоѓа павиљонот. Идејата е да му се понуди на музејот простор, кој лесно се трансформира од изложбен простор во простор за изведба, презентација, работилница и други активности.

Структурата на објектот е дефинирана од два сета на ѕидови; носечки (кои ја дефинираат конструкцијата на објектот) и ротирачки (кои ја модифицираат неговата просторност). Покриен е со транслуцентен поликарбонат.

Сл.9 – Павиљон бр.1

ПАВИЉОН БРОЈ 2.

Предвиден како „метален кафез“ за максимална уметничка слобода, павиљонот е составен од фиксна метална конструкција и флексибилни дрвени / поликарбонатни / метални подлоги кои му нудат на уметникот повеќе конфигурации на отвореност. Кутијата претставува експериментален простор кој се издига на највидливото доминатно место на ридот, како крајна точка на отворената галерија.

Просторот е предвиден за времени изложби и инсталации (artist-in-residence). Уметникот добива задача да ги тестира неговите креативни граници во просторно затворена празнина издигната над градот.

 

 

 

Сл.10 – Павиљон бр.2
Сл.11 – Погледи

Од авторите

Повеќе информации за конкурсот >>>

Краток извештај за резултатите >>>