Историјата и значењето на Старата чаршија за Скопје

Средиштето на Скопје, неговото историско битисување се случува во чаршијата и нејзината непосредна околина. Таа е позиционирана меѓу ридот Градиште, каде опстојува скопското утврдување и Виргинскиот рид, каде се наоѓал некогаш моќниот манастир Св. Ѓорѓи.

Оваа долина меѓу двата рида , низ која течела реката Серава, најмалку 1000 години претставува простор каде се случувала трговијата на градот и за тоа има повеќе пишани докази. Со доаѓањето на Османлиите,  во  градот со прекрасните цркви во источно ромејски стил,  се менува  сликата со џамии (повеќето темелени врз разрушените цркви), архитектурата апсорбира одредени влијанија, се случува поголемо ориентализирање на просторот со сите потребни јавни објекти во него.

 

Јакобус Хаверин, 1594 год ( гравура на Скопје) 

 

Од тој период покрај храмовите, ни сведочат  ановите и амамите кои сеуште егзистираат, преживувајќи го палењето на Скопје од страна на австрискиот генерал Пиколомини.

За да можеме да ви ја доловиме големината на Скопје и неговото значење на мапата,   ќе ви презентираме повеќе записи од оние кои  го посетиле градот пред големиот пожар:

  • 1575 година- Соранчанин ( патеписец) : „ Во Скопје се што не е е духовниk или војник живее од трговија и занает.”
  • 1661 година- Евлија Челебија: „Скопје брои 10.060 куќи од тврд материјал покриени со црвени керамиди и 2150 дуќани во неговата чаршија, каде има згради од камен и тули, со сводови и кубиња, со рамни улици калдрмисани со бела калдрма. Чаршијата е вонредно убава, со красен и жив безистен и прекрасен со олово покриен карван – сарај.  Улиците и плоштадите се окитени со разно зеленило, пред секој дуќан се засадени многу мирисни цвеќиња. Во безистенот се продаваат разни мириси и ќанфор. Трговците пред своите дуќани секој муштерија прво го кадат со угодни мириси, а потоа го попрскуваат со розова вода.“
  • 16?? година-  Дилгер Зеде : „ Долго патував низ Румелија и на други страни и видов многу убави градови, и со благословот на Алаха, бев восхитен, но ниеден толку не ме зачуди и восхити како рајскиот град Скопје, низ кој тече реката Вардар“
  • 1669  година-  Д-р Ед Браун, наведува дека Скопје е голем трговски  град, во доста пријатен и плоден крај. Тој вели дека покрај другите занаети, во Скопје има 700 кожари, кои изработувале  многу квалитетни кожи, познати под името скопски кордован. Истите се работеле во долги камени корита долж брегот на реката Вардар. Браун вели дека Сkопје има и прекрасен безистен околу кој имало многу улици покриени со штици и многу разновидни занаетчиски дуќани. Скопје живеело од извоз на волна, восок, вино, платно(марокен), свила, тутун, гајтан, свилен конец, срма, разни златни и сребрени предмети и украси и многу други производи. Во моменот на посета на градот, од Скопје се извезувале производи во Белград, преку Вардар – во Солун, преку Драч – во Анкона и Млетачката Република.
  • 1689 година- Пиколомини „Скопје е простран град, не многу помал од Прага, или колку неа. Го најдов напуштен, без скапоцености, богато снабден со продукти. Малкуте луѓе што останале, исплашено врват по улиците. Жал ми е што зградите, какви што досега не сум видел, џамиите од најубав мермер и украси од злато на кои и во Рим би им посветил внимание, убавите старини и градини, морам да му ги предадам на пламенот“

 

Алберт Кан 1913 / Куршули Ан

 

Сите записи говорат пред се за неговата големина (за тие времиња Скопје е голем град),  зборуваат за неговиот трговски карактер и средиштето на случувањата – неговата чаршија. Скопје е град кој извезува во целата околија производи, средиште каде источните и западните трговци се пресретнувале.

 

Александар Дероко / Средновековно Скопје

 

Пред османслискиот период, во залезот на средновековната македонска држава, за време на владеењето на Петар Делјан, како и  во грамотите на бугарските и српските освојувачи на градот, кај сите се посветува внимание на Виргинсиот манастир, каде се споменува дека се дозволува истиот да формира пазариште на ливадата под истиот што се поклопува со локацијата на Бит Пазар, како и организирањето на панаѓурот за  празникот „Воведение на Пресвета Богородица“.

 

Средновековно Скопје / Слободорачен цртеж на Тихомир Арсовски

 

По згаснувањето на градот од опожарувањето на Пиколомини, се до почетокот на XIX век ни приближно нема значење и развој како сите изминати векови. Со спроведувањето на некои од реформите во Отоманската империја,  во текот на XIX век  се случува  повторно појава на семејните „бизниси“ како што е трговијата, производството  и занаетите. Затоа и најголемиот дел од дуќаните во чаршијата потекнуваат од овој период.


Од Камениот мост кон Скопската тврдина / 20тите години на ХХ век

 

И покрај европските влијанија и европскиот урбанизам кој се провлекува на крајот на векот и почетокот на XX век и постепеното префрлање на Скопје преку Камениот мост, чаршијата не ја губи својата значајност.

Она што можеме да го сметаме како пресек и неспоредлив пресврт во урбанизмот на градот, секако е земјотресот во 1963 година, кога огромен дел од чаршијата се разрушува.  Тоа е периодот кога Скопје целосно ја прекројува својата мапа и одредува современ правец, кој во одредени делови преагресивно се наметнува на минатото, што како лош бумеранг се врати со проектот Скопје 2014та.

 

Кензо Танге со тимот / Урбанистички план за централно градско подрачје

 

Како и да е, вредноста на ткивото на чаршијата се задржува во сите планови за градот и се размислува за нејзиното интегрирање. Во разрушените делови се предвидуваат современи интервенции, кои се реализираат во почетокот на 70тите години на ХХ век, но значајното во сето тоа е целовитиот третман на чаршијата со што се добива еден комплетен амбиент.

 

Урбанистички проект за чаршијата  1967-1970 / поделба на занаети и функции

 

Она што е поразително, во најразвиената доба од сите претходни, последните 30 години, се случи неразумното и  штетно општинско прекројување на Скопје поради сепаратистички етнички концепти, а со тоа овој простор се стави  во центар на интересот. Наместо конечно да го реализираме концептот на чаршијата и интегрирање на старото градско подрачје, ние овозможивме самостојни интервенции и идеи. Скопје ја пропушти можноста во еден потег да го реобедини 1000 годишното јадро Тврдина – Чаршија – Виргински Рид (за темата поопширно во некоја следна објава).

 

Чаршијата со опкружувањето

 

Чаршијата деновиве повторно ја разбранува јавноста, со почетокот на реализацијата на проектот за нејзина ревитализација, кој има сериозни забелешки од страната на професионалците но и на граѓаните.

Самото тоа што таа е во центарот на вниманието, го потврдува нејзиното значење и денес за градот и неговите жители.

Како и да е, просторот е жив и со тоа не е возможно целосно да се замрзне сликата во еден период, бидејќи на споменатиот потег, кој можеме слободно да го прошириме до Камениот мост и брегот на Вардар, ние имаме остатоци кои непрекинато се надополнуваат од 6тиот век ( Камениот мост е изграден на постари фундаменти), па се до денешницата.

 

Поглед од Хотел „Арка“ /  Извор >>>

 

Бидејќи капитализмот за разлика од социјализмот, фунцкионира поинаку, каде финансиите и личните бизниси се на врвот на скалата, наместо општото добро и  еднаквиот третман, крајно време е да се застане, да се собере целокупната фела и да се разработи една детална стратегија за управување, уредување, конзервација и реставрација на скопските старини. Тука не влегува единствено чаршијата, тука влегува атничко Скупи, аквадуктот, Саат кулата, Тврдината, малкуте остатоци од еклектичното европско Скопје итн.

Мораме да одлучиме кои вредности ги задржуваме и како истите да ги интегрираме со постземјотресното Скопје, а од тука и со иднината која ни престои.

 

Користени извори:  „ Стара скопска чаршија“ – Тихомир  Арсовски  1971