Парк во Карпош/ Прима Инженеринг

Автори:  Филип Конески,  Даница Спасевска, Димитар Петровски

Фирма: Прима Инженеринг

Година : 2020

Локација: Општина Карпош

Површина: 86 000m2

ШифраДОЛИНА

 

КОНКУРС ЗА ИЗБОР НА ИДЕЈНО АРХИТЕКТОНСКО И ХОРТИКУЛТУРНО РЕШЕНИЕ ЗА ПАРК ВО ОПШТИНА КАРПОШ,  ДЕЛ ОД ГРАДСКА ЧЕТВРТ 3 01

 

Вовед

Недостатокот на зеленило во Скопје, изминативе 3 децении се мултиплицира до ниво кое е повеќе од критично. Градот се повеќе расте и се трансформира во метропола, чијa околина (предградието) формира обрач од 30-40 км, што доколку не се разбере сериозно во иднина може да се доведе до секаков вид на колапс во повеќе сфери.

Од споменатиот аспект овој потег  од страна на градот Скопје и општината Карпош е за поздрав, и истиот сметаме дека треба да стане постојана пракса – подигнување на големи паркови и зеленило еднаш годишно во различни делови од Скопје.

Ве охрабруваме да го сторите тоа!

 

Локација на паркот во мапата на позначајни парковски површини во Скопје

 

Локација и поврзување

Просторот кој е предвиден за нов градски парк, претставува крајбрежен потег долж реката Вардар непосредно до вливот на Лепенец. Лоша позиција за парк практично и да не постои, но лоцирањето на градски парк секако ги надминува локалните граници што значи мобилна достапност, визуелна достапност, простор за паркинг, поврзување со јавниот превоз и сл.

 

Станбено деловниот блок како бариера со сообраќајната артерија „Илинденска“

 

Со оглед на постапувањето според Генералниот урбанистички план на Скопје, единствен недостаток на оваа локација е нејзиното отсекување од булеварот Илинденска со блок од станбено деловна намена и со тоа во иднина можно затскривање на паркот од главната артерија. Со правилен урбанизам и соодветна архитектура истото може да се преточи во одличен пример за симбиоза и од недостаток да се добие едно исклучително функционално и добро решение. За споменатово повеќе кон крајот на образложението во делот насловен како „Визија“.

Опфатот има 86.767 м2 и од три страни се граничи со новопроектирани сообраќајници, од кои две го премостуваат Вардар и со тоа достапноста на паркот се зголемува.

Позицијата во однос на градската слика и магнетните точки, т.е местата од каде се очекува прилив на луѓе од градот ги дефиниравме во околината. Најсилната точка на очекувани посети се врзани со CityMall, каде покрај скопјани, доаѓаат луѓе од цела Македонија, Косово и  останати транзитни туристи. Втората точка на врзување е делот кај Спортската сала „Борис Трајковски“, хотелот Александар Палас и Аква паркот, додека третата точка од каде се очекува посета е комплексот Порта Влае со околината ( не игнорирајќи го локалното околно население).

 

Магнетни точки

 

Со отворањето на новите сообраќајници и мостови, локацијата добива уште една силна точка на прилив на посетители, што го чини паркот сериозно градско свртувалиште.

Со секоја архитектонско-урбанистичка интервенција, архитектите треба да ги предвидат овие анализи и секојпат да стремат кон дополнителни вредности како во контекст на својата локација, така и на обратниот процес, придонесот на новата локација за опкружувањето.

Во непосредна близина, на помалку од 1км воздушно се наоѓа сеуште не експлотираниот локалитет со огромен туристички потенцијал, античкото Скупи. Во проекцијата на блиската иднина со новите сообраќајници, сметаме дека паркот треба да биде точка на привлекување од која понатаму би се најавило присуството на овој локалитет. Истиот е поставен на работ на градот и поради неатрактивното опкружување е скоро целосно игнориран од граѓаните. Со скорешната реконструкција на амфитеатарот, оваа оска Citymall (бул„Партизански одреди“), новиот парк преку улица „Љубљанска“ до Скупи треба да стане нов атрактивен потег на движење во Скопје.

 

Антички театар – Скупи

 

Од тука очекуваме по завршувањето на паркот, градот да работи на ова поврзување и активно ископување на античко Скупи и негова презентација, што е од бенефит на културата, историјата на Скопје, туризмот итн.

Локациски услови

 

Предвиденото земјиште во моментов претставува депонија на градежен шут, деградирано зеленило со голема депресија во средината, како и насипи вон истатата. По напуштањето на локацијата од страна на сервисите, очигледна е експлоатацијата на речен песок, што резултира со разлика во денивелација најчесто меѓу 3-4 м, на места дури до 7 метри, што треба да се земе в предвид во развивањето на проектот како од финансиски план така и од архитектонско урбанистички.

 

Денивелации на земјиштето / постоечка состојба

 

Развивање на концепт

Поагаѓајќи од претходно наведеното, развојот на концептот е сублимат на градските потреби, недостатокот на квалитетно зеленило, локациските услови, опкружувањето и визијата базирана на урбанистичкиот развој и идните делувања во просторот.

Нашиот концепт стреми да ги поврзе сите точки,  да создаде симбиоза и став како парче градски простор може да создаде импакт врз целата околина. Од маргинален во централен простор.

Идејата е да се постигнат различни доживувања на база на комбинираните типологии на парк, од онаа „стандардната“ шема, преку парк шума и густо ткањење на вертикално зеленило до „природни“ релјефни формации на долини и погледи дефинирани преку урбанистичкото толкување на визурата и поента во просторот.

 

Непречен поглед кон Шар Планина

 

Нашиот концепт стреми да ги искористи тековните состојби на релјефот и да ги преточи во оригинална интервенција која е во контекст и на економската логика и атрактивното доживување.

Од точките на поврзување кои се протегаат до аглите на раскрсниците долж „Илинденска“ се формираат продори преку кои се вовлекуваме кон  внатрешноста на паркот. Затоа упатуваме на внимателно донесување на урбанистичкиот план за блокот помеѓу, бидејќи овие оски се од витално значење за функционалноста на просторот.

 

Оски на визуелно пешачки продори

 

Решение / концепт

Следејќи ги пропишувањата на конкурсната задача, како и резултатите од анализите во комбинација со нашиот став за развојот на оваа локација, резултираше со едно несекојдневно решение кое стреми да биде препознатлива точка во Скопје.

 

Основа / карактеристични делови / пресеци низ локација

 

Сообрајќајното врзување на локацијата преку страничните новопроектирани булевари, како и внатрешната улица меѓу паркот и станбено деловниот блок која е наменета за поврзување со истиот е во корист на општата достапност. Бидејќи паркирањето се дефинира долж улицата, се ослободува парковската површина од внатрешни паркинзи.

Се дефинираат три главни оски на поврзување кои ги повлекуваме од следните позиции:

  1. Југоисток (аголна оска) – Раскрсница на бул.„Илинден“ со улица „Љубљанска“ и новиот црковен храм кон паркот;
  2. Северозапад (аголна оска) – Раскрсница на бул.„Илинден“ со улица „Никола Парапунов“;
  3. Кон населбата Карпош 4 ( централна оска )

Останатите две оски во моментов имаат послабо значење во поглед на прилив на посетители, поради пешачкото вонколско поврзување од страна на помалку населени места. Тоа е аголот од мостот „Газела“ и aголот кон спортските терени. Тие воопшто не се игнорирани, напротив се интегрирани, но со поинаков манир. Силната рекреативна оска долж реката „Вардар“ и заштитниот насип формираат брана која е моќна бариера што во случајов е од полза на тотално неатрактивниот поглед преку реката.

 

Оски на логични поврзувања  за природен тек на движење

 

Следен битен чекор на ткаењето на функциите е релјефната депресија и нејзиното инкомпорирање во согласност со оските.

Со оглед на ситуацијата во градот, во неговата урбана внатрешност, освен парк шумата Гази Баба, Скопје не поседува друго густо ткаење на вертикално зеленило, т.е градски шуми. За жал потенцијалот на Гази Баба е неискористен и недоволно познат на скопјани и за истиот треба сериозно да се преразмисли и осмисли во некој сличен конкурс.

 

Водејќи се од потребата од различни доживувања но и прифаќањето на локацискиот контекст, се решивме да дефинираме повеќе слики, од кој главната е долината и погледот кон Шар Планина, што е навистина неочекувано и воодушевувачки. Инспирацијата за истото е добиена преку посетата на теренот и затекнатата ситуација на полублатна состојба на просторот во кој веќе имаше развиено флора и фауна ( повеќе видови птици меѓу кои и еребици). Овој настанат хабитат не охрабри да размислиме за просторниот пејсаж кој не враќа во природната крива, шумските предели и пасишта, планинските езера. Од економски аспект, затворањето т.е пополнувањето на оваа „дупка“ претставува непотребно истрошени средства, додека вишокот материјал го користиме за дефинирање на возвишенија кои исто се затекнати во просторот.

 

Градската шума формира густи потези кои ве изолираат од градот и ве внесуваат во внатрешноста. Истите продираат до ул. „Илинденска„ со што го најавуваат присуството на паркот. Ваквите флуидни повлекувања со цел функциите да течат без остро пресекување и менување на правецот, дефинираа во помеѓуто кругови. Затоа е превезмен кругот како основен формален израз, концентричен на еднакво растојание од својот центар и обратно од својот центар кон околината – безграничен поглед.

 

Продорот на шумските појаси

 

Паркот е достапен преку три  влеза: Главен влез, Централен влез и Страничен влез. Истите се дефинирани според  прометот на посетители.

 

Главниот влез е дефиниран во насока на црквата во изградба на аголот на Илинденска со Љубљанска. Од тука идејата е визуелна достапност и организирање на главната пјацета  во која го сместуваме павилјонот. Скопје практично и да не поседува ваков тип на објекти кои во светот одамна се реперни точки на отворените плоштади, скверови и плочници.

 

Главен влез /од Работен модел

 

Павилјонот е замислен како простор за изложби на отворено, културни настани, точка на пресретнување. Изработен од концентрично распоредени транспарентни  паравани од структура на  метална мрежа, која преку илуминација во вечерните часови дефинира скулптура и реперна точка – идентитет. Тој  еднакво е отворен и интимен во внатрешноста.  Истиот го насловуваме како Скопје Експо, со што акцентот го ставаме на градот. На подот низ целата површина ќе биде втисната мапата на Скопје со околината и позицијата на паркот како и важните точки во градот. Од тука на посетителот му го презентираме развојот на градот од неолитските населби, раѓањето на Скупи, згаснувањето и раѓањето на Скопската тврдина, византискиот и отоманскиот град, потоа европскиот град и современото Скопје.

 

Павилјон и  плочник /од Работен модел

 

Павилјонот е идеален за временски изложувања на скулпторски дела за отворени простори, мултимедијални проекти и лесна адаптација за истите. Има влез, од кој пристапувате кон средиштето и излез кој ве насочува кон долината со поглед на Шар Планина. Опишан во водена површина, која  вибрира со позитивна енергија без водени отскоци.

Сообраќајно претставува кружен тек од кој се пристапува кон сите делови на паркот.

 

Централниот влез е насочен кон  бул. „Илинден“  преку станбено-деловниот блок и автобуската постојка од каде се очекуваат дополнителни посетители од другите делови на градот. Паралелата на потребата од ваков централен влез можеме да го најдеме и кај Градскиот Парк, на истиот булевар, со плочникот и фонтаната и отворените визури кон Градскиот Стадион.  Оваа оска комплетно се дефинира во склоп на соседниот блок.

 

Централен пристап од бул. „Илинденска“ кон паркот /од Работен модел

 

Страничниот влез е дефиниран кон другата раскрсница на бул. „Илинден“ со улицата „Никола Парапунов“, која е помалку активна позиција. Соседството е доминантно во зеленило (Лепенските бунари, објектот на Вододовод) и не потражува архитектонски одговор преку габаритна интервенција, единствено отворање и вовлекување. Затоа овој продор води директно кон долината по својот центар додека странично упатува кон другите делови на паркот.

 

Страничен влез /од Работен модел

 

Влезот во паркот од страна на мостот „Газела“ се третира на сличен начин како и кај страничниот влез, додека влезот од страната на спортските терени (Карпата за качување, тениските терени, скејт паркот) се врзува на соседните функции и намени.

 

Пристап од  мостот кај „Газела“ /од Работен модел

 

Во Скопје одамна нема терени за мини голф, додека Македонија е една од ретките земји каде воопшто не постојат вакви терени. Затоа во паралела на изгубените функции од Градскиот парк, сметаме дека треба да предвидиме ваков тип на содржина. Идејата е истиот да поседува и објект за потребите на клубот, кафетерија и внатрешна теретана со што комплексот на спортски активности формира силен центар за рекреација. Со цел побезбедно поврзување, предвидуваме подземен премин кон терените одспротива.

 

Поглед од Голф клубот кон паркот / од Работен модел

 

Просторот го третираме со најмалку три начини на ткаење кои веќе ги споменавме (директни урбанистички оски меѓу  силните идентитетски точки, органски со проткајување и флуидност на просторот – негово течење и природниот начин на непосредност, големи потези на полно и празно).

 

 

Враќајќи се на централниот плочник и павилјонот како точка на пречекување, со силна и права оска продолжуваме кон долината во која ви се отвора погледот кон истата, езерото, градската шума и над неа Шар Планина. На самиот раб искористувајќи ја стрмнината создаваме партерен амфитеатар, кој се спушта кон неговата бина слободно поставена во тревната површина.  Кога архитектонски ќе го набљудуваме односот на павилјонот и амфитеатарот, истото компаративно значи фоаје и концертна/театарска сала во природен амбиент. Ова моќно  визуелно доживување, функционира без потешкотии и леснотија.

 

Амфитеатар -ДОЛИНА – Езеро – Шар Планина

 

Од десната страна формираме плато меѓу доловите, на кое го позиционираме „монтажниот објект“ со функција на ресторан/бистро/ кафетерија со одличен поглед кон долината и амфитеатарот.

Во својата непосредна околина се позиционира детското игралиште,  додека кровната тераса станува видиковец, место за сончање, кафе, летни забави.

 

Поглед /од Работен модел

 

Значајноста на ваквата комерцијална содржина е битна од секој аспект. Истата треба да продуцира финансиски средства од закуп, со кои ќе се одржува паркот. Истите економски импликации се врзани со голф клубот како и дискотеките.

Поради скорешното губење на летните дискотеки во Градскиот парк сметавме дека треба да дадеме алтернатива и на оваа градска дејност. Тие се сместени во западниот дел кој е најизолиран кон свиокот на Вардар, одспротива лепенските бунари, со што немаме потреба од централен пробив и прилив, што го испостави истото како совршен „џеб“ за комерцијални активности.

 

Дискотеки или други комерцијално-угостителски намени /од Работен модел

 

Инсистирањето на поедини кругови дека на паркот не му е потребно ништо повеќе од трева и дрвореди, сметавме дека е пасивен став према можноста да се дефинира нов белег на градот. Ваквите интервенции со голем обем се ретки и истите треба да се гледаат на долг рок.  Праксата на лесно уредување без посебен проектантски третман треба и може да се случува на безброј локации низ градот ( како стратегија за озеленување ), но оваа прилика за градски парк сепак треба да опфати содржини кои  целосно ќе го испланираат делувањето и ќе спречат можност во иднина неплански да се интервенира и дополнува, што е случајот со Градскиот парк. Особено живеењето во капиталистички услови, мора да ги постави патеките од старт, како не би можела да се случува злоупотреба во иднина. Планирањето кое ги опфаќа сите сегменти е едиснтвено одржливо на долг рок.

 

Од парковските содржини кои се барани во проектната задача и кои треба да донесат конечно вистинска форма на бараните поими се дефинирани и предвидени позиции за лавиринт и ботаничка градина.

Спроти павилјонот, на просторот на кој во затекнатата состојба имаме вештачки рид, сметавме дека треба истиот да го дообликуваме и на возвишувањето да го поставиме концентричниот лавиринт. Истиот треба да биде дефиниран со високи вертикални зелени грмушки и дрва со контролирана височина до 3м.

 

Лавиринт /од Работен модел

 

Ботаничката градина ја сместуваме на терасата дефинирана меѓу кејот на Вардар и долината, во која можете директно да влезете и излезете од другата страна или едноставно да ја заобиколите. Централно во истата сместуваме мал стакленик за егзотични растенија, додека истата е на крстот од кој нормалата пробива низ шумското ткаење кон реката Вардар.

На просторите помеѓу, каде повеќе патеки се пресретнуваат во средиштата е овозможено поставување на скулптури и уметнички интервенции.

 

Ботаничка градина

 

Во паркот се предвидуваат водени површини од кои доминатно е езерото за кое сметаме дека треба да биде овозможено пловење со мали кајчиња на веслање, како и посебна илуминација за вечерните часови.

 

 

Класична фонтана  поставуваме на средиштето меѓу кејот на Вардар, ресторанот и ботаничката градина, каде може да се предвидат и водени отскоци, додека водената површина околу павилјонот треба да е мирна и рефлектирачка.

 

Од работен модел

 

Од посебните катчиња се предвидуваат две игралишта за деца ( кај ресторанот и голф клубот), игралиште за домашни миленици (до дискотеките), како и игралиште  за Petanque за постарите лица ( кај централниот влез).

 

 

Овој парк треба да претставува репер за во идни слични делувања во полето на пејсажната архитектура во Македонија, од аспект на детална и комплетна организација меѓутоа и квалитетна понуда и одржување.

 

Недостатокот на јавни тоалети е рана на Скопје, затоа во овој парк предвидуваме позиции за тоалети со контролирана автоматска наплата за корисниците, со цел економична одржливост. Наплатата се врши за машкиот и женскиот тоалет додека тоалетот за лицата со посебни потреби и просторот за повивање е бесплатен.

 

Основа

 

Едниот е позициониран непосредно помеѓу павилјонот и новопроектираната улица, другиот кон излезот кај мостот „Газела“ спроти ботаничката градина.

 

Паркови и зеленило – пункт /од Работен модел

 

За одржувањето на паркот, сметаме дека треба да има постојана присутност на вработени лица од „Паркови и Зеленило“.  За тие потреби предвидуваме пункт со простории за вработени, гардероби, чајна кујна, канцеларија, гаража за механизација, работилница и сл. Истата е достапна директно од улицата и од внатрешноста на паркот.

 

Основа

 

 

Од урбаната опрема се предвидуваат типизирани клупи, меѓутоа и амбиетални партерни целини (потегот меѓу павилјонот и амфитеатарот/ клупи во стрмнини ), летниковцки (6), кандилабри високи и ниски, подни светилки, лед скриени ленти, рефлектори, чешми за пиење  вода итн.

 

 Урбана опрема – насока ( Детална разработка би следела во основниот проект)

 

Илуминација

 

 

Она што го спомнавме на почетокот како Визија, го образложуваме во продолжение.

Урбанизмот и позиционирањето на функциите во градот морат да бидат во меѓусебна корелација. Отсекувањето на оваа површина од булеварот „Илинден“ претставува потенцијален проблем и блокада за неговиот полн капацитет и влијание во околината.

Знаејќи и разбирајќи го проблемот со менаџирањето на урбанистичкото планирање кое во капиталистичкото општество е отежнато за слободно дејствување, сметаме дека не е нерешлив, единствено позахтевен за менаџирање.

 

 

Со таа цел да ја образложиме реалноста на нашата визија, пристапивме кон анализа на сопственоста на парцелите на блокот кој не дели со градската артерија „Илинденска“.

Приватни парцели: 11.135 m2/ = 35%

Државни парцели: 20.355 m2/ = 65%

 

 

Од тука можеме да увидиме 2/3 државно земјиште што е апсолутно доминатно и остава простор за замена на парцелите со цел ослободување на простор за продорите на паркот и негово поврзување со точките на привлекување .

Со цел комплетно да влијаеме на сликата и да прикажеме дека добрите решенија, не значат загуба за инвеститорите туку напротив севкупна општествена корист, предлагаме архитетконско урбанистичко решение за блокот, базирано на претходната анализа.

Доколку внимателно се анализира, паркот може целосно да биде реализиран од средства добиени од делувањето во станбено деловниот блок.

 

 

 

Јазикот на урбанистичкото обликување е во „духот“ на модернизмот, развој на кули и ослободување на просторот за јавна функција и експлоатација. Висините се ориентирани според соседството, дефинирани се три, но со оглед дека оваа локација е северно од Карпош 4, не може да влијаат во загрозување на природното осветлување со што истите може и да ги надминат предложените висини ( доколку параметрите за паркирање задоволуваат) …

Формираме централен простор потребен за продорот на паркот во кој слободностоечко предлагаме објект со јавна функција или објект од областа на културата и уметноста, додека странично од истата се развиваат два идентични комплекси на кули  со обединето приземје и мезанин за потребите на деловно-комерцијалните содржини.  Изолирано од овој потег преку продирањето на главниот влез во паркот се изолира мал простор во кој продолжува развојот на уште две слободностоечки кули, но овојпат без приземното обединување, со цел поголема визуелна достапност и продорност кај главниот влез.

На овој начин, целосното обликување на просторот, ставањето во функција на пошироката околина преку нејзино анимирање и интеграција, како и позиционирањето на нова точка во градот претставува комплетна визија, базирана на анализи, став и реалност.

 

 

Сликата целосно се комплетира со пошумувањето на просторот кај Лепенските бунари.

Скопје заслужува сериозни интервенции и потези кои ќе го надминат стандардните и краткотрајни решенија. Скопје заслужува да добие простор со високи естетски и квалитетни содржини кои ќе му дадат нов импул и наметнат стандард на организиран и квалитетен градски пејсаж.

Парковите се проекти кои најдолго се реализираат. Полниот сјај го добиваат после 20 години, откако дрвата ќе ја постигнат својата полна форма и зрелост.  Да направиме заеднички нешто добро и смело за градот и да се радуваме на неговото растење!

 

Од авторитe