Методологија во проектниот процес – Голубовски

Наслов: Методологија во проектниот процес

Автор: проф. Димитрије Голубовски

Година на издавање : 1979

Издавач: Архитектонски Факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“

Едиција: Зборник на Архитектонскиот факултет број 3

Достапна во: библиотеката на Архитектонски Факултет, Скопје

 

Денес ви пренесуваме еден од многуте есеи под авторство на почитуваниот проф. Димитрије Голубовски. Тематиката која ја разработува професорот, методот на пристигнување до архитектонско решение, е од големо значење на сите оние кои се спремаат да почнат професионален ангажман во полето на архитектурата, како и веќе искусните архитекти кои можат да го калибрираат и подобрат својот пристап кон работата. Есејот нема намера  да претставува наметнување на правила и строг режим на тоа како треба да изгледа еден процес, бидејќи и самиот автор е свесен за реалноста на колективната работа. Напротив, преку лични согледувања и синтеза на знаења од различни области тој дава претстава за идеалниот ред на процесите во проектирањето и со тоа читателот се запознава со различните актери вклучени во проектирањето, редоследот на постапките, начинот на размислување на еден архитект и одлуките кој архитектот ги носи на дневно ниво.

Од друга страна, дијаграмите во кои се прикажува процесот како таков се информативни и за другата страна од архитектурата – инвеститорите. Тука можеме да видиме дека проектирањето е пред се метод, пракса со голем ангажман кој својот производ го пласира на крајот од долг процес на напорна работа која се состои од мултиваријабилна анализа на задачата, легислативна анализа, комуникација меѓу многу професии кои имаат за цел квалитетно, рентабилно решение.

Есејот е дел од третото издание на Зборник, списание издадено од Архитектонскиот Факултет – Скопје во кое многу професори редовно допринесувале со своите стручни есеи, различни по својот карактер и специјализација. Едицијата Зборник со сите издадени броеви можете да ја најдете во библиотеката на Архитектонскиот Факултет – Скопје.

 

За авторот:

ГОЛУБОВСКИ, Димитрије (Скопје, 15. 10. 1945) – архитект. Дипломирал на Архитектонско-градежниот факултет, Архитектонски оддел во Скопје (1971). Кратко време по дипломирањето работел во Градскиот завод за урбанизам и архитектура во Скопје. Истата година е избран за асистент, а потоа и во другите наставнички звања. Редовен професор е по предметот Основи на проектирање (од 1998). Освен со педагошка, се занимава и со научноистражувачка работа, со особен интерес во проучувањето на традиционалните градски структури – маала и нивната рехабилитација. Се занимава и со архитектонско проектирање. Учествува и на анонимни архитектонско-урбанистички конкурси. Објавил повеќе критики и есеи за архитектурата во стручните списанија „Информатор А” и „Аршин”.