Анонимноста во архитектурата / Брезоски
22.01.2021 • Литература
Како еден вид на продолжение на објавата за книгата За архитектонските работи , денес во фокус имаме еден друг есеј од професорот Славко Брезоски насловен како „Анонимноста во архитектурата“ објавен во Нова Македонија, 1963. Како што посочивме во минатата објава, професорот во своите есеи пишува за тековните теми и проблеми во архитектурата на овие простори, но есеите не звучат воопшто старо или нерелевантно. Напротив, како да се запишани вечните проблеми на архитектите, јасно и едноставно. Со цел да направиме уште една паралела меѓу минатото и сегашноста, денес го анализираме есејот кој за своја тема ја зема недоволната афирмираност на архитектот во процесот на градењето, како и губењето на идентитето на авторот при повеќекратно мултиплицирање на еден проект на различни локации.
„Многу пати се прашуваме дали на архитектот му е призната улогата што навистина му припаѓа во нашево општество. Дали архитектурата досега не е третирана повеќе како обична стопанска дејност отколку како креаторска гранка од сеопштите општествени гранки? Дали таа не се третира како обична градежна дисциплина каде архитектите-креатори, преку изработка само на идејни проекти, не се само една алка во долгата верига на технолошкиот градежен процес на реализацијата на едно архитектонско дело при кое тие во повеќе случаи остануваат АНОНИМНИ лица?“
Со ова професорот Брезоски го отвара прашањето што стои наспроти Анонимност. Се разбира – Идентитет. А идентитетот бара корелација со неговиот контекст, точни карактеристики, историја и приказна на создавање. Да пробаме да го разбереме ова прашање. Професорот Брезоски ја насетува причината зошто не се грижиме за потеклото на зградите:
„Додека јавно можеме да критикуваме разните негативни општествени појави, точно да ги анализираме причините за успешните или лошите постигања во останатите општествени активности, во науката или уметноста – при оценувањето на архитектонските реализации како да сме повоздржани или понемоќни, иако архитектурата како творечка дисциплина е најблиска до човекот. За архитектурата се говори повеќе воопштено отколку за индивидуални остварувања. Тоа е разбирливо бидејќи архитектурата најмногу го изразува духот на техничките и на општествените сили на одредено време, и повеќе е резултат на општеството отколку на индивидуата.“
Тоа што можеме да го земеме како поука од точната опсервација на професорот, е тоа дека работата на архитектите е генерално под „знакот на општото“. Таа е позадината на нашите живот и како таква е повеќезначна и незначајна на одреден начин. Иронијата на непознавањето на она што го врамува нашиот живот е голема, и со таа цел авторот ги истакнува и начините на кој архитектурата губи идентитет.
Најпрвин е губењето на учество на архитектот проектант во сите делови на реализацијата при што проектот губи дел од оригиналната идеа низ процесот на разработка, развивање на проект за изведба и самата изведба. Работата на архитектот е сведена на производство на идејни решенија. Во професијата повторно и повторно се утврдува веќе поставената пракса на трето лице кое го разработува тоа идејно решение додека четврто лице го изведува објектот. Името на архитектот честопати останува зад логото на проектантското биро. Веќе не живееме во свет создаден од поединци, туку од корпоративни ентитети.
Како следна причина за анонимност на зградите професорот Брезоски го посочува сериското градење на објекти, или повеќе познати како „типски проекти“. Се разбира, чевлите од Зара ја немаат истата вредност како уникатните чевли направени само за вас од локалниот чевлар. Со ова сите се сложуваме. Зошто да не сме сложни за прашањето за уникатноста на зградите? Авторот објаснува:
„Во досегашната наша практика за типски проект се зема оној кој се реализирал повеќе пати, иако проектот не е е подготвен за изградба во серија. Низ цела Македонија среќаваме типски мотели градени на други места во Југославија, среќаваме училишта проектирани за едно, а механички „пресадени“ на друго место. Проектирани за одредени теренски услови, некои објекти, колку и во својата основа да имаат одредени архитектонски квалитети, губат од вредноста и стануваат АНОНИМНИ и БЕЗЛИЧНИ доколку заради „заштеда“ на време и средства , се проектираат за една конкретна локација, а се повторуваат на повеќе места.“
Феноменот на повторувачки згради кај нас е честа појава во периодот на интензивното градење на Скопје и другите градови во Македонија во периодот на 70ти-до рани 90ти. Така можеме да забележиме идентични градинки на повеќе места во ист град, исти училишта, амбуланти, исти објекти за домување, само на различни локации.
Примери за повторување на објекти во Македонија има повеќе. Истотака сретнуваме примери каде објекти, вообичаено станбени згради кои се пресликуваат целосно, со идентично партерно решение и урбанистички концепт. Како пример можеме да ги земеме станбените згради при булеварот Теодосиј Гологанов во населба Козле, кои се појавуваат во идентична формација во населбата Автокоманда:
Ова прашање за анонимноста е сеуште релевантно во се’ поголемиот раст на Скопје каде станбениот фонд рапидно се зголемува. Така овие слики на безлична архитектура стануваат се почеста појава во нашето секојдневие. Примерот на Стар Аеродром е можеби најилустративен случај на целосно обезличување на дел од град, каде бројноста на зградите, нивната формација но пред се сиромашното и неинвентивно обликување допринесуваат да се создаде едно вистинско анонимно место.
Ова е само една од димензиите на прашањето за анонимноста на нашата урбана средина која професорот Брезоски ја начнува во овој есеј. Се разбира, нашата задача како млада генерација на градители е да ги дефинираме нашите цели за иднината, но не можеме да направиме јасна визија за тоа што ни претстои ако не ги решаваме прашањата оставени од оние пред нас. Овие текстови токму тоа и го постигаат, не’ врзуваат со минатото на конструктивен начин и се многу повеќе од отворени теми за дискусија.
За авторот:
Славко Брезоски е роден 1922 година во Галичник. Гимназија завршил во Белград. Дипломирал во 1950 година на Архитектонскиот факултет при Техничката виша школа во Белград. Работел во проектантските организации „Проектант“ (1950-1961), „Пелагонија“ (1961-1963) и „Македонијапроект“ (1963-1966). Професионална активност и студиски патувања реализирал во Англија (1958), Бразил (1962-1963) и Либија (1966-1969). Во 1969 година е избран за вонреден професор на Катедрата за проектирање на општествени згради на Архитектонскиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје по предметот проектирање општествени згради. Како редовен професор на Архитектонскиот факултет го завршил својот работен стаж во 1987 година. Бил декан на Архитектонскиот факултет во учебната 1979/80 година.
Значајни реализации:
Комунална банка, Скопје (1955-56); Стоковна куќа, Скопје (1960); Работнички дом, Скопје (1962); Југословенска амбасада, Бразилија (1963); Архиепископски соборен храм „Св. Климент Охридски“, Скопје (1973-93); Спомен дом, Шамарица (1977-1980); Хотел „Неда“, Галичник (1980); Хотел „Славија“, Попова Шапка (1981); Спомен дом, Шамарице Хрватска (1980).
Награди: 11 Октомври, Републичка награда од областа на културата и уметноста (1963); 13 Ноември, Награда на град Скопје (1964); Андреја Дамјанов, Награда на САМ (1993).
Автор на статија: Љубен Трајаноски
Анонимна архитектура / Македонска архитектура / Скопје / Славко Брезоски