ATTIKA и Архи Груп План А – наградени за најдобри фасади на „Life Challenge“ на Baumit
28.04.2022 • Информации
Компанијата Baumit во 2012 година ја претставува најголемата програма за бои во Европа „Life“. Од тука започнува и мислата за важноста на колористичкото решение на фасадите како нераскинлив дел од добрата архитектура. Веќе во 2014та се случува првиот меѓународен натпревар за најдобри фасадни решенија, под мотото „Life Challenge“ во Виена, Австрија, каде присуствуваат 500 гости од 25 земји каде производите на компанијата се применуваат.
На церемонијата присуствуваат инвеститорите, изведувачите и архитектите на проектите кои ги употребиле производите на компанијата.
Заинтересираните ги доставуваат своите проекти, кои ги селектираат и оценуваат 13 независни експерти пред финалето. Најдобрите 6 фасади, во зависност од категоријата, стануваат финалисти на церемонијата. Пред самиот настан, повторно се состанува жирито и го одбира најдобриот дизајн кој се соопштува како победник на гала вечерта.
Како дополнителна евалуација покрај таа на експертите, се отвора и јавно гласање на интернет порталот 2 месеци пред церемонијата.
За 2022 година, македонските портали и градежната копанија PMG construction (изведувач) објавија победа на овој натпревар во две категории за објекти реализирани во Скопје. Но, повторно во ваквите вести изостанaa информациите за авторите на овие архитектонски остварувања.
Во категоријата „Повеќесемејно резиденцијално домување“ со 7.749 поени е награден објектот на ул. „Букурешка“, дело на скопското студио ATTIKA, додека во категоријата „Воодушевени од текстурата“ со 7,652 поени е награден објектот Фотевски, дело на Архи Груп План А, реализирани 2021 година.
Објектите беа номинирани од страна на градежнaта компанија PMG Construction, чиj косопственик Мартин Ристевски за медиумите изјави: „Апсолутен победник во сите категории, вкупно шест, во кои се натпреваруваат 300 проекти од 23 земји во Европа со најмногу освоени поени е објектот „Букурешка”, додека второпласирана во генералниот пласман е објектот „Фотевски”. Европското првенство се организира на секои 2 години, за да ги избере најубавите БауМит фасади, а со тоа да докаже дека квалитетот, услугата и задоволството се вреднуваат, како за инвеститорите, така за архитектите и изведувачите. Овој успех е заеднички, а најголема благодарност упатуваме до сите кои го дадоа својот глас за претставниците од Македонија“
Инаку Мартин со својот брат Пеце Ристевски, се избрани во кругот на 30 најуспешни бизнисмени под 30 години Business Elite Awards under 30 in Europe 2022. Наградата ќе ја подигнат во септември оваа година во Атина, Грција.
Честитики до наградените!
Автор на статија: Filip Koneski
Attika / Baumit / Life challenge / PMG Construction / Награди / натпревар / фасади