Св. Архангел Михаил, Варошки манастир – Прилеп

Ктитор: великиот хартулариј на западот Јован

Датиција: 1270–1280 г

Автор на текст: М-р Владимир Таневски

Литература: Е. Димитрова, С. Коруновски, С. Грандаковска, „Средновековна Македонија“, Македонија. Милениумски културно-историски факти, Медиа Принт, Скопје, 2013; С. Коруновски, Е. Димитрова, Византиска Македонија: Историја на уметноста на Македонија од IX до XV век, Просветно дело, Скопје, 2006; П. Костовска, „Фигурите на монасите во Св. Архангел Михаил, Варош: прилог кон нивната идентификација“, Патримониум, год.4, бр.9, Скопје, 2011, 79 – 97; G. Velkov, “St. Archangel Michael Church in Varos, Prilep”, Seven Churches in the Regions of Pelagonia, Mariovo and Prespa, Skopje, 2019; Д. Ќорнаков, Македонски манастири, Матица, Скопје, 2009; К. Балабанов, А. Николовски, Д. Ќорнаков, Споменици на културата на Македонија, Каламус, Скопје, 2010

           

Црквата посветена на Војсководителот на Небесните Сили Архистратигот Св. Архангел Михаил е единствената црква и католикон во Варошкиот манастир. Варошкиот манастир се наоѓа веднаш под Марковите кули, во населбата Варош, Прилеп. Во манастирот опстојува сестринство коешто го одржува монашкиот живот, манастирот се вбројува меѓу најубавите и најзначајните културни споменици и религиозни центри во Македонија. Манастирот, гордо опстојувал и покрај многубројните непогоди што го снаоѓале во текот на историјата. Црквата претрпела сериозни измени, како од природни катастрофи, така и од структурни недоследности кои својот белег го оставиле по ѕидовите на оваа градба.

 

 

Архитектонски црквата Св. Архангел Михаил претставува сложен концепт, адаптиран на неправилниот терен и не е резултат на постоење на градежни фази, што било теза на претходните научници. Црквата како заветнина на „великиот хартулариј на западот Јован“, е изградена на старо култно место, а што говорат археолошки наоди. Во манастирскиот двор, како и на тремот на црквата има фрагменти од античко време. Монолитните камени столбови од тремот на црквата се остатоци од антиката, а на еден од нив е зачуван врежан натпис со кирилски букви од 996 година, во кој се споменува смртта на Андреа. По натписот на надгробната плоча на Самуиловите родители од 993 година, ова е втор по старост словенски запис со кирилски букви. Во манастирскиот комплекс се пронајдени и два јонски импост капители од крајот на V и почетокот на VI век.

 

 

На издолжениот неправилен правоаголен простор на црквата се издигнувале две куполи, кои биле срушени, едната т.е. западната е обновена во 1987 година за време на конзерваторско – реставраторски интервенции. Значајно е да се напомене дека куполите во оваа црква биле без пиластри и биле позционирани една до друга. Повеќекуполното решение на црквата укажува дека била планирана да биде мавзолеј на нејзиниот ктитор. Во долниот простор на западниот дел на црквата се наоѓа гробната капела на ктиторот и неговото семејство. Двокатните цркви – гробници се појавуваат и во средновековната архитектура на Бугарија, Ерменија и Грузија. Ваквата изведба и идеја сигурно била на барање на ктиторот Јован, којшто според натписот на фреската се замонашил и останал до крајот на својот живот во манастирот којшто го основал. Комплексниот архитектонски модел на црквата им бил доверен за изведба на локалните мајстори, група на мајстори кои биле мошне активни во Прилеп и околината во последната четвртина на XIII век.

 

 

Фрескоживописот во црквата е сериозно оштетен, поради многубројните градежни интервенции на храмот, фрескоживописот во наосот е насликан во периодот од 1270 до 1280 година. Во храмовиот ентериер се зачувани сцени од Страсниот циклус (Тајната вечера, Предавството на Јуда, Судењето кај Пилат, Патот кон Голгота, Распетието и Симнувањето од крстот), потоа насликан е Архангелскиот циклус, од кој се зачувани само сцените: Гостољубието Аврамово, Јавувањето на архангел Михаил на Исус Навин, Гедеоновата жртва и Чудото во Хона. Под нив е насликан фриз со допојасни светители. Во првата зона се насликани стоечки светители, меѓу кои и претстава на ктиторот великиот хартулариј на западот Јован, претставен со моделот на црквата во рацете. Во гробната капела е откриена тешко оштетена ктиторска композиција. Поради сличностите со фрескоживописот во централниот кораб на црквата Св. Никола во с. Манастир, фрескоживописот во Варошкиот манастир се поврзува со ателјето на ѓаконот и референдар Јован. Фрескоживописот во Варошкиот манастир ги одразува специфичните одлики на ликовната продукција од последните децении на XIII век. Фрескоживописот во наосот се карактеризира со: јасна и прегледна композициска структура на сцените, сцени неоптоварени со детали, меките контури во изведбата на ликовите, пластичните акценти во моделацијата, деликатните сенки и рафинираната колористичка палета и веќе познатиот графицистички манир на сликање на ѓаконот Јован.

 

 

Во Варошкиот манастир графицистичиот манир на сликање на ѓаконот Јован станува позабележителен. Веднаш до главниот влез на црквата, во периодот од крајот на 1371 година до почетокот на 1372 година, се насликани портретите на кралот Марко и кралот Волкашин. Обајцата се облечени во владетелски одежди и држат жезла во облик на крст во рацете. Кралот Марко е облечен во бел дивитисион, симболички приказ за неговото жалење за трагичното погибје на неговиот татко кралот Волкашин на реката Марица во 1371 година. Дополнително на кралот Марко круната на неговата глава му ја поставува Божја рака, симболички приказ на небесниот благослов на новиот владетел. По трагичниот колеж на реката Марица и погибјето на кралот Волкашин, брат му Углеша и голем број христијански витези, балканските простори биле отворени за освојувањата на османлиите.

 

 

Во 1861 година по обновата на црквата, биле изградени и манастирските конаци со повеќе одаи од страна на прилепските еснафи чии записи се зачувани веднаш над влезот на секоја одаја со на крајот испишана годината 1861 година. Од стариот црковен мебел зачувани се дверите од иконостасот, работени во резба кои потекнуваат од крајот на XV или почетокот на XVI век. Варошкиот манастир е особено посетен на манастирската слава празникот Балаклија или Источен Петок.

 

Извор: Е. Димитрова, С. Коруновски, С. Грандаковска, „Средновековна Македонија“, Македонија. Милениумски културно-историски факти, Медиа Принт, Скопје, 2013