Љубе Пота / 1918 – 2015

Извори: Градителите во Македонија XVIII-XX век - Георги константиновски

Кратка биографија и достигнувања релевантни за развојот и афирмацијата на архитектурата и урбанистичкото планирање на Љубе Пота

 

Љубе Пота (3 декември 1918, Крушево – 30 јули 2015, Скопје) е македонски архитект, урбанист, пионер во неговата бранша во современа Македонија. Дипломирал на Архитектонскиот отсек при Техничкиот факултет во Белград на тема Урбанистички план на Тетово кај проф. Михајло Радовановиќ.

Урбанистичката кариера ја започнал во 1948 како шеф на Отсекот за урбанизам во Министерството за комунални работи на Македонија. Потоа работел во Проектантското претпријатие за Македонија „Пробиро“, (1952-53). Оттука преминал во Заводот за урбанизам и архитектура на Скопје (1953-64) како негов прв директор, а потоа како шеф на секторот за студии и проектирање. Во 1964 бил назначен за директор на новоформираната Управа за урбанизам на Скопје, каде што работел до 1968, а потоа бил назначен за советник на претседателот на градот, функција што ја извршувал до 1978 кога ја добил функцијата потсекретар во Министерството за урбанизам. Од 1980 до 1986 година ја извршувал функцијата проект-менаџер на ОН во проектот Генерален план на Никозија на Кипар. Како експерт на ОН работел и во земјите на Јужна и Централна Америка.

Како директор на Заводот за урбанизам и архитектура раководел со првата ревизија на Генералниот план на Скопје (1955), како и со изработувањето и спроведувањето на Деталниот урбанистички план за центарот на Скопје. Како директор на Управата за урбанизам учествувал во изработувањето на новиот урбанистички план, како и на деталните урбанистички планови по катастрофалниот земјотрес во Скопје (1963-66). Во овој период значајна е и неговата соработка со јапонскиот архитект Кензо Танге во изработувањето на Деталниот урбанистички план за центарот на Скопје. Бил овластен претставник на градот по сите прашања сврзани со урбанистичкото планирање од страна на екипата на ОН и домашните стручни лица.

 

Дел од тимот од експерти, од лево кон десно: Алард, Мачкич, Јанковски, Пота, Циборовски, Галич (Skopje Resurgent, 1970, p. 107)
Макета за централното градско подрачје на тимот од Токио (Skopje resurgent, 1970, p. 302)

 

Се јавува како прв дипломиран урбанист од повоената генерација кај нас. На полето на архитектонското проектирање покрај неколку станбени објекти, позначаен му е објектот на стоковната куќа „26 Јули“ во Скопје, заедно со анексите меѓу трикатните кули на бул. „Крсте Мисирков“.

 

Стоковна куќа „26 Јули“ од бул. „Крсте Мисирков“

 

На полето на издавачката дејност, публикувал стотина статии со архитектонска и урбанистичка тематика во стручни списанија и дневниот печат и одржал дваесетина реферати и предавања во земјава и странство. Учествувал во повеќе оценувачки комисии за архитектонски и урбанистички конкурси. Бил член и главен известител на меѓународно жири за меѓународниот конкурс за идеен урбанистички план на централното градско подрчје во Скопје.

Во периодот 1952-55 година бил вклучен во наставата на Архитектонскиот отсек при Техничкиот факултет во Скопје на предметот Урбанизам и руризам како прв наставник по овој предмет.

Бил иницијатор за основање на Урбанистичкото друштво на Македонија и прв претседател во два мандати (1956 и 1957).

Во слободно време се занимава со изработка на акварели во кои претежно е застапена темата – природа.

Тој ги изработил првите урбанистички планови за повеќе градови и населени места во нашава земја. Од нив позначајни се:

  • 1948 – Урбанистичкиот план на Тетово;
  • 1950 – Урбанистичкиот план на Берово;
  • 1951 – Урбанистичкиот план на Кавадарци;
  • 1952 – Урбанистичкиот план на Крушево;
  • 1953 – Урбанистичкиот план на Ресен (со арх. Љ. Маленкова).

Раководел и непосредно учествувал во изработувањето на Деталниот урбанистички план (ДУП) за реконструкција на центарот на Скопје со архитектите Владимир Ќосевски, Душан Пецовски, Ристо Галиќ и Јумни Зеќир (1955).

Други негови позначајни планови за Скопје се:

  • 1960 – Деталниот урбанистички план за станбената заедница „Тафталиџе“;
  • 1961 – Деталниот урбанистички план за дел од Старата Чаршија (ул. „Стив Наумов“ – Бит Пазар);
  • 1961 – Реконструкција на левиот брег на Вардар (со арх. Н. Карташев и К. Тројачанец);
  • 1962 – Реконструкцијата на реонот на Буњаковец источно од бул. „Св. Климент Охридски“ до градскиот плоштад (со арх. Б. Анѓелиќ).

 

Левиот брег на реката Вардар / фотографија: okno.mk

 

За својата плодна активност на полето на урбанистичкото проектирање добил повеќе признанија и награди меѓу кои и:

  • 1964 – Орден на трудот со златен венец;
  • 1965 – Златна значка на Сојузот на урбанистите на Југославија;
  • 1966 – Повелба на град Скопје за посебни заслуги во обновата и изградбата на Скопје;
  • 2000 – Почесен член на Архитектонската академија на Македонија за придонес на полето на урбанизмот.