Палата „Шкаперда“ / 1932

Година: 1931-1933

Архитект: Георге Симота (1890-1980)

Извори: „Градителите во Македонија XVIII-XXвек“, „Стари Скопјани“, arhiva.zaum.mk

Локација: Скопје

Во периодот помеѓу двете светски војни на овој простор почнуваат да се градат многу нови куќи. Со својата убавина меѓу другите се истакнувала и куќата на видната фамилија Шкаперда која води потекло од Крушево (стара влашка фамилија) . Палатата Шкаперда во романско-бојарски стил е своевидно ремек-дело на архитектурата која и денес е репрезентативен сведок на 30-тите години.  Семејството капиталот  го заработува од трговија со градежни материјали.
   

 

Семејна историја

Семејството Шкаперда со своите членови се преселиле во Скопје бегајќи од притисокот на турските власти по Илинденското Востание во Крушево. Никола и Домника (која исто така потекнува од познато семејство – Ничота), биле млада брачна двојка со 6 деца. Никола бил печалбар во Света Гора, се занимавал со трговија на градежен материјал, заработувајќи добро. Домника непосредно по доаѓањето во Скопје починува млада. Грижата за двата сина и четирите ќерки ја презела жената што работела од малечка кај Ничотовци. Таа  успеала да ги изгледа и да ги порасне потомците на Шкаперда.

 

Куќата на Шкаперда во изградба, Скопје 1931 год.

 

Реномирани трговци

За синовите Михајло и Јанко уште од мали било обезбедено школување во познати и скапи училишта. Михајло, откако ја завршил Романската гимназија во Битола, отишол на студии на Експортната академија (тогашен Економски факултет) во Букурешт, а Јанко се школувал во Франција. По завршувањето на студиите Михајло се вратил во Скопје, но наместо во татковиот дуќан за градежни материјали, се вработил како банкарски службеник. Дури по две-три години Никола почнал да ги упатува синовите во трговијата со градежни материјали, а по неговата смрт во 1924 година Михајло и Јанко самостојно почнале да тргуваат.

 

Фото: Филип Конески, 2024

 

Реномето на дуќанот Шкаперда, било еден од условите капиталот постојано да се зголемува. Магацинот со градежните материјали бил сместен на скопскиот плоштад, на околу 2.000 квадратни метри, а на седмиот колосек на старата железничка станица имало исто така свој простор за дрвени материјали што пристигнувале од Словенија и Босна. Нивна сопственост било и киното Аполо, кое подоцна било во состав на Народната банка.

Семејството Шкаперда во почетокот живеело во заедничка куќа во Пајко Маало. Постариот брат Михајло таму ја донел и својата невеста Аглаица Сапунџи, со која почнал да мечтае за сопствена куќа. Неостварена желба на Михајло му била архитектурата, бидејќи студиите по економија ги завршил по инсистирање на татко му. Неговите соништа за архитектурата, ги преточил во плановите за изградба на сопствена куќа.

Фамилијата Шкаперда пред новоизградената куќа во 1932год.

Планот на куќата бил свадбен подарок за младата брачна двојка Шкаперда од Георге Симота – букурешки архитект и подоцна професор на Факултетот за архитектура, кој му бил другар на Михајло од студентските денови. Кога Михајло и Аглаица биле на свадбено патување во Букурешт, Симота им ветил дека ќе им изработи проект за една убава куќа како подарок за нивната свадба. Токму затоа куќата Шкаперда е во романско-бојарски стил, чија карактеристика е и кулата, која е урната по скопскиот земјотрес.

Користењето на арматура во градежно конструктивниот дел од објектот, не дозволила во земјотресот од 1963 година на куќата да се појави ниту една пукнатина.

 

Куќата Шкаперда,1933 год. извор: Градителите во Македонија XVIII-XX век

Куќата има приземје и кат со петсобен стан над него, во кој живеело семејството Шкаперда, додека во потпокривот имало неколку соби за послугата. Во зима куќата се затоплувала со сопствено парно, што било вистинска реткост за индивидуалните градби во тоа време.

 

Изглед на палатата Шкаперда

 

Паркетот во секоја соба имал различен дезедодека ,сите декоративни детали на внатрешните и на надворешните ѕидови биле направени според германски мостри. Два ѕида, вклучувајќи ја и  вдлабнатината за клавирот, биле насликани од прочуениот македонски сликар Никола Мартиновски.

 

Основа на кат. извор: Градителите во Македонија XVIII-XX век

 

Мебелот бил специјално изработен во тогаш најпознатата белградска фирма Абонос. Според мерките на секоја соба бил и мебелот, од скапоцено дрво и штоф, кој уште го употребуваат денешните потомци на Шкаперда. Дворот на куќата, за кој се грижел градинар, бил со рондели, шадрван и разновидни дрвја и цвеќиња.

Ентериер 
Куќата Шкаперда оттогаш до денес менувала многу сопственици. Некогаш била куќа за репрезентативни гости, кога во неа престојувале сите значајни посетители на Скопје, меѓу кои и Јосип Броз Тито. Pотоа била редакција на Млад борец, па седиште на Комисијата за културни врски со странство, матично, а денес тука е Амбасадата на Италија.

 

Извадок од „Нова Македонија“ од 1979 год.

 

И покрај сè, таа со убавината остана да сведочи за едно минато, за една љубов кон архитектурата и за непредвидливите времиња што се реалност за овие наши простори.

 

 

Фото: Филип Конески, 2024