Ода за индустриското наследство: SOUNDING BOARD MEHANIKA
15.10.2025 • Информации

Во вторник, на 14 октомври 2025 година, во просториите на халата „Механика“ се одржа настанот SOUNDING BOARD MEHANIKA, организиран од архитектонското студио к87а, во партнерство со АД Гранит – Скопје, со финансиска поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и поддржан од HouseEurope!.
Настанот беше посветен на темите: трансформација на стари индустриски комплекси, повторна употреба и вреднување на постоечките квалитети, како и на генерирање на нова културна инфраструктура. Целта беше да се информира јавноста за процесите зад вакви проекти и да се покаже капацитетот на самата хала како простор со јавен и културен потенцијал.
Вовед: процесот на документација и ревитализација
Настанот го отвори Максим Наумовски од к87а, потенцирајќи дека концептот Sounding Board претставува метод и простор каде секоја забелешка, прашање или коментар станува дел од процесот на создавање.
Проектот за „Механика“ започнал без основи и без достапна документација, што наложило пристап на повторно „откривање“ на самата зграда. На предавањето беше презентиран целиот процес на разработка на документацијата на постоечката хала, како и проектот за за нејзина реконструкција и адаптација.
„Работиме со она што го имаме,“ истакна Наумовски, поврзувајќи ја својата порака со европската иницијатива HouseEurope!, која предупредува дека секоја минута во Европа се урнува по една зграда — не поради природни катастрофи, туку поради човечки одлуки. Повикот е јасен: реновирањето треба да стане новата норма, бидејќи рушењето на постојните објекти е исто толку застарено како и фрлањето храна, тестирањето врз животни или брзата мода.
Меѓународна перспектива: индустриската пренамена како етичка практика
Во воведниот дел, заменик-амбасадорката на Швајцарија во Македонија Ms Michal Harrari ја нагласи долготрајната врска меѓу двете земји преку изложби, проекти и културни настани, потсетувајќи на Алфред Рот како симболичен мост меѓу швајцарската и македонската архитектура.
Швајцарија, како што беше истакнато, има богата традиција на повторна употреба на индустриски објекти, што ја прави влијателен пример за македонскиот контекст.
Локален контекст: индустриското наследство како катедрала на градот
Во своето обраќање, Марија Димитриевска, член на Управниот одбор на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, нагласи дека објектите што се користеле како сценски простори (на пр. за Биеналето) ја оживуваат околината и создаваат нова врска меѓу заедницата и материјалното наследство.
Таа повика на длабоко разбирање на местото каде што градиме и истакна дека стратегиите за интегрирање на индустриското наследство во урбаното ткиво се клучни за долгорочно зачувување на меморијата и континуитетот на градот. „Овие објекти се катедрали на одреден начин,“ рече Димитриевска, „и нивната повторна активација е чин на културна меморија.“
Архитектонски практики на адаптација
Настанот вклучи два меѓународни примери кои илустрираат различни пристапи кон рејуз и адаптација на индустриски комплекси:
- Stephan Mäder (Mäder+Mächler Architekten, Цирих) — презентација на тема „Sulzer Areal, City of Winterthur — Two Ways of Developing an Industrial Area, and One Example“, во која беа прикажани начини на трансформација на индустрискиот комплекс Sulzer-Areal во Winterthur и начини на интеграција на фабричките структури во нови јавни функции без губење на нивниот идентитет.
- Björn Rimner (EM2N Architekten, Цирих) — презентација „From Toni-Areal to Stadtfabrik“, која ја прикажа трансформацијата на Toni-Areal од индустриска фабрика во комплекс со образовни и културни функции, нагласувајќи ги аспектите на социјалниот и културниот контекст во процесот на пренамена.
Овие примери ја нагласија етичката и практичната логика на работа со постоечкото: реновирање, интервенции со минимална инвазивност и адаптација на просторите за нови градски улоги.
Изложби и инсталации: читање на фабричките простори
Во рамки на програмата беа поставени две изложби:
- „Fab-Lab: Naturally Lit Factories“ на проф. д-р Горан Мицковски од Архитектонски факултет – УКИМ, која преку 3Д модели и графички материјали ги прикажува дваесетте природно осветлени фабрики во Македонија, анализирајќи ги нивните просторни потенцијали. Изложбата ја претстави вредноста на напуштените индустриски капацитети и нивниот потенцијал за нов живот во современиот урбан контекст.
- Инсталацијата на к87а ја претстави самата хала „Механика“ како експонат и активен дел од дискусијата за повторна употреба. Посетителите можеа да ја проследат работата на студиото преку цртежи и макета од халата, во кои тие предвидуваат мултинаменска програма како начин на ревитализација на просторот.
Овие изложби не само што ги визуализираа просторно-техничките решенија, туку и ја отворија дебатата за тоа каков јавен карактер може да има ревитализираниот простор.
Музика и атмосфера
По предавањата, вечерта продолжи со музички перформанс на Александар Гроздановски – Herzel (ambient/downtempo live set), а потоа следуваше и Herzel DJ сет. Звучната програма ја збогати разговорната атмосфера и обезбеди искуство каде звукот ја поврзуваше просторот со емоцијата.
Публиката имаше можност да ја користи и зоната на pop-up барот (Котур, Мис Стоун и Вело кафе), што дополнително го олесни неформалниот дијалог меѓу учесниците.
Заклучок: од индустриска хала до граѓански центар
SOUNDING BOARD MEHANIKA покажа дека напуштените индустриски хали имаат капацитет да се трансформираат во нови јавни места — граѓански центри за учење, личен развој и социјална интеракција. Наместо да произведуваат пасивна публика, овие простори можат да поттикнат активно граѓанско учество: место каде луѓето избираат активности, учат нови вештини и меѓусебно се поврзуваат.
Како насока за ваков пристап послужи и визијата на Cedric Price за Fun Palace: „The goal was to turn passive audiences into active citizens by providing a space for people to choose their own activities, learn new skills, and interact with each other.“
Токму таквата стратегија — архитектура како медиум за градење заедница — може да биде патоказ за ревитализацијата на индустриските простори кај нас. Архитектурата тука не е само форма, туку платформа за јавен живот и граѓанска активност.
Ја поздравуваме актуелизацијата на просторот на фабриката „Механика“, во која се гледа јасен потенцијал за нови форми на јавност и заедништво — тема која МАРХ следи и разработува со години.

Автор на статија: Љубен Трајаноски
BIMAS / k87a / SOUNDING BOARD MEHANIKA / БИМАС / Бјорн Римнер / Горан Мицковски / Индустриско наследство / Пренамена на индустриски објекти / Стефан Медер