Ентериер на книжарница Литература МК – Diamond Mall, Скопје / Платформа

 

Проектанти: Емил Јегени, Елена Икономов, Јасна Милојковиќ Муратовска, Веле Богоевски, Ана Момировска, Јосиф Николовски

Реализација: 2024

Автори: Архитектонско студио Платформа

Соработници: Сергеј Попоски

Инвеститор: Литература МК

Автор на фотографии: Васе Аманито

Контакт:  www.weareplatforma.com

 

Проектот претставува ентериерно обликување на книжарницата „Литература МК“, сместена во новоизградениот трговски центар Diamond Mall во Скопје. Просторот со вкупна површина од 560 m², од кои 82 m² тераса, е третиран со целосен фокус на јасна функционална поделба и визуелно обединување.

 

Главниот концепт се темели на сегментирање на ентериерот преку систем на лаци – архитектонски портали кои создаваат проточност и прегледност, без да го нарушат чувството на просторност. Различните програмски зони – книжарница, изложбен простор, детски агол, кафе-зона – се одвоени, но сепак поврзани преку материјална и формална доследност. Формообликувањето на просторните елементи е реминисценција на старата железничка станица, како симболично враќање кон историјата на местото и контекстуална врска со градот.

 

 

Материјалната палета вклучува бетон како основен материјал, во комбинација со црн мебел и облоги и акценти од бакар, што создава индустриски, но истовремено топол и префинет амбиент.

Со внимателен баланс меѓу функционалност, атмосфера и просторна драма, овој проект ја реинтерпретира книжарницата како современ урбан простор за култура, интеракција и одмор.

 

 

Проектот е добитник на Награда за проект од категорија – реализација од областа на ентериер и дизајн на 22 Биенале на македонската современа архитектура.