Се планира нов живот за хотелите „Бристол“, „Јадран“, „Турист“ и „Белви“

Деновиве во јавноста се прошири веста дека има иницијатива за враќање во живот на хотелите на Македонијатурист –„Јадран“ , „Турист“ и „Белви“.

Овие хотели се уникатни архитектонски примери, се карактеризираат со современ дизајн за своето време, овозможувајќи комфор и функционалност. Располагале со простори за одржување свечености, настани, собири на поголем број посетители во времето кога функционирале.

 

Хотел „Јардан“ или „Арапска куќа“, 2024 / Фотографија: Борис Јурмовски

 

„Арапска куќа“ е дело на архитектот Иван Артемушкин, кој бил ангажиран од браќата трговци Дикиџијан. Изграден во периодот помеѓу 1936 и 1938, сместен во срцето на Скопје, објектот на „Арапска Куќа“ – познат и како хотел „Јадран“ – е уникатен архитектонски пример скриен меѓу стаклените деловни објекти на малиот плоштад кој и го носи неговото име. Но, многу години пред да стане хотел или воопшто да ги добие неговите денешни називи, овој објект бил познат како домот на семејството Диќиџијан.

„Арапска куќа“ е прогласена за историски споменик на културата и таа е во втор степен на заштита на спомениците, како културно наследство.

 

 

Хотелот „Турист“ е изграден во 1958 година и е дело на Драган Томовски, македонски архитект, урбанист и проектант на бројни значајни објекти во Македонија. Сега е дел од ланецот „Бест вестерн“ и сѐ уште функционира како хотел, исто како и најново изградениот хотел “Белви“ во општина Илинден, изграден во 1969 година.

 

Хотел „Белви“ / Фотографија: kajak.mk

 

Хотелот „Бристол“ е изграден во 1923 година и се вели дека е најстариот сочуван објект во Скопје со таа намена. Свечено го пуштиле во употреба на 24 април, 1924 година. Позициониран е во непосредна близина на Железничката станица и тој претставувал вистинско место за престој и забава. Во  него функционирал и првиот Ротари клуб од 1931 година.

 

Хотел „Бристол“, 2024 / Фотографија: Борис Јурмовски

Станува збор за јавен повик за прибирање на понуди за заинтересирани проектантски бироа кои сакаат да учествуваат во изработка на Идеен и Основен проект со сите фази за хотелите „Јадран“, „Турист“ и „Белви“. Јавниот повик за понуди беше објавен во печатен медиум.

Македонската компанија во областа на хотелиерството и угостителството, „Македонијатурист“ АД Скопје има за цел да им го врати стариот градски шарм на овие објекти кои се од големо значење и врежани во колективната меморија на граѓаните. Изборот ќе се прави според принципот на најдобар сооднос помеѓу времето потребно за изработка на проектот, цената на неговото чинење, како и референтната листа како портфолио за изработка на проекти од ваков вид на дејност.

Дел од хотелите се затворени и денес не се во функција, за кои ќе треба да се направи соодветна реконструкција и реновација бидејќи се класифицирани како културно наследство, при што процесот несомнено треба да биде во согласност со конзерваторски услови и одобренија и надзор од надлежни институции.