Градска Општа болница 8ми Септември – Воена Болница / Осојник, Николиќ
15.12.2025 • Фотографија ХХ век / II половина
Објект: Градска општа болница 8ми Септември – Воена Болница
Автори: Јосип Осојник, Слободан Николиќ
Година на проектирање: 1964-1968
Година на изведба: 1969-1972
Локација: ул. ,,Париска” бб, Скопје
Фотографија: Ива Поповска
Воената болница во Скопје, денес позната како Градска општа болница „8ми Септември“, претставува еден од најзначајните објекти на модерната архитектура во Македонија, изграден како дел од реконструкцијата на градот по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Идејниот проект предводен од архитект полковник Јосип осојник и архитектот Слободан Николиќ бил изготвен во период од една година, од 1964 до 1965, а потоа основниот проект продолжува да се работи во Проектниот завод „Центропроект“ во Белград до 1968 година. Воената болница е пуштена во употреба на 22.12.1971, на денот на армијата. Во 2010, за поребите на цивилното население, поголемиот дел од болницата е пренаменет во градска општа болница.
-ситуација-
(размер 1:1000)
-архивска фотографија-
извор: Воената болница – врсник со слободата на Скопје – Вечер …1963 | Vecer MK
Проектирана и изградена во период кога архитектонската мисла била насочена кон функционалност и хуманистички пристап, Воената болница успева да реализира рационална распределба на сите функционални единици, истовремено создавајќи простор што овозможува интеграција на активности кои дотогаш биле недоволно застапени во болничките објекти. Била изведена според најсовремените трендови во медицината и претставувала еден од најопремените медицински центри во регионот.
Болницата е сместена на правоаголна парцела со површина од 90.000 m², од кои 30.000 m² биле наменети за зеленило. Во времето на изградба објектот вклучувал околу 3.000 простории и располагал со капацитет од 460 болнички кревети, како и современа медицинска опрема.
-извадок од весникот Нова Македонија-
Од архитектонски аспект, болницата не тежнее кон експресивна форма, туку строго се придржува до функционалистичките принципи. Станува збор за комплексна целина составена од повеќе правоаголни и меѓусебно поврзани волумени, внимателно поделени според програмата што ја вдомуваат. Композицијата на објектот се одликува со правилна геометрија и јасна просторна логика, што го доближува до интернационалниот архитектонски стил.
Комплексот на Воената болница е организиран во неколку функционални целини. Централна улога има стационарот, кој е сместен во правоаголен блок ориентиран север-југ. Тој е највпечатливиот волумен во целиот комплекс, има девет ката и содржи 15 одделенија меѓу кои офталмологија, неврологија, интерна медицина и неколку хируршки единици со операциони сали. Во секое одделение има по 30 болнички кревети. Просторната организација е едноставна и функционална: комуникациското јадро со скали и лифтови е поставено централно, а од двете страни се наоѓаат болнички одделенија. Болничките соби се ориентирани кон југ, а придружните простории кон север.
-стационарот со соби за болните-
-стационар-
-јужна фасада-
-детали од стационарот-
Поликлиниката е поставена во блокови со висина По+П+3 и располага со приемно одделение, физикална терапија, специјалистички и дијагностички кабинети, станица за трансфузија на крв, хирургија со анестезија и пост-оперативни капацитети. Хируршкиот блок се наоѓа во централниот дел и се протега на четири нивоа (од приземје до четврти кат), поврзан со стационарот преку топол ходник. Располага со ургентен центар, служба за брза помош, сопствен рентген и операциони сали. Поликлиниката има главно комуникациско јадро за пациенти и повеќе споредни јадра, со строго дефинирано движење низ „чисти“ и „нечисти“ простории и функционално решено отстранување на отпад.
-поликлиника, (По + П + 3)-
Воената болница располага и со социо-културен дел, сместен во волуменски издвоен објект со висина По+П+1, кој е поврзан со останатиот дел од комплексот. Во него се наоѓа кино сала со 300 седишта, библиотека со читална, простории за состаноци, за билјард и пинг-понг, како и дел од администрацијата. Источно се наоѓаат работилниците и магацините за исхрана и техничка поддршка, додека на североисточниот дел се наоѓа поранешниот регрутен центар на ЈНА, кој денес е под надлежност на Министерството за одбрана.
-група на друштвени простории и дел од администрација-
Дополнително, комплексот вклучува гаража, покриен паркинг, спортски терени и хелиодром. Во склоп на болницата функционира и воена аптека со галенска лабораторија, како и економско-технички блок.
Конструктивно објектот е решен со армиранобетонски скелет и платна, додека пак материјалноста на фасадата вклучува фасаден малтер и мозаик плочки во кремаста и зелена боја. Фасадата е обликувана со рамномерно распоредени отвори и бетонски брисолеи, особено изразени на јужната страна, со што се обезбедува контрола на светлината и визуелен ритам.
Рационалната просторна организација, функционалната чистота и современата техничка опременост го прават овој објект репрезент на модерната архитектура. Денес, речиси шест децении по изградбата, Воената болница и натаму ги задоволува стандардите на современата болничка архитектура и претставува еден од најуспешните примери на модерна архитектонска мисла во македонското здравство.
Извори:
-Архивирани статии од весникот “Нова Македонија” – Национална универзитетска библиотека,
Скопје
26.03.1971 – “Воената болница – еден од најсовремените објекти во Европа”
25.07.1971 – “Здравјето на човекот нема цена”
20.11.1971 – “Конечни три стационарни установи”
12.12.1971 – “Еднакво и за војникот и за генералот”
09.05.1975 – “Здравјето на народот, заедничка грижа”
-Докторска дизертација на д-р Ана Ивановска Дескова – “Архитектурата од периодот на постземјотресната обнова на Скопjе – вредности и состојба во рамки на современиот контекст”- Библиотека на Архитектонски факултет, Скопје
Објавата ја подготви: Ива Поповска (соработник на МАРХ)
Автор на статија: Boris Jurmovski
Воена Болница / Градска Општа Болница 8ми Септември / Јосип Осојник / Слободан Николиќ


















