Конкурс за реконструкција на фасади плоштад Мајка Тереза !?

На 31.12.2015, град Скопје објави конкурс за избор на идејно решение за реконструкција на фасади на постојни објекти во централното градско подрачје на градот Скопје на плоштад Мајка Тереза и објeкти на Стопанска банка во склоп на ГТЦ-согласно Графички прилогБР.239/2015. Конкурсот трае до 5.02.2016 година.

Според новите интервенции во центарот на Скопје, плоштад Мајка Тереза, стана платото пред Македонската опера и балет, каде беше уништен оригиналниот партер кој дишеше со архитектонскиот јазик на ова ремек дело.

Во тендерската документација посочени се основните технички барања, обемот на посаканата интервенција и проектната задача. Под насловот „Цел и задачи на конурсот“ се вели:
„Целта на оваа програмска задача е да се изврши реконструкција (ова многу мора да го потенцираме бидејќи голема е разликата помеѓу реконструкција и рестарврација) на постојните фасади во централното градско подрачје на градот Скопје на плоштад МАЈКА ТЕРЕЗА и објект на Стопанска Банка во склоп на ГТЦ.
Предложениот дизајн треба се одликува со функционалност и применливост, односно да се направи реконструкција со која по својот надворешен изглед објектот ќе стане препознатлив белег на центарот на градот”

Конкрус
Објектите за кои станува збор, архитектонски се дефинирани, повеќето се авторски дела на македонски архитекти кои твореле во своето време и оставиле белег за тоа време. Значи тие веќе имаат идентитет и креираат приказна на блокот која започнува наназад 80 години. Блок во кој се јасни архитектонските слоеви и време на постанок на објектите, а особено интересно е што авторите независно од времето кое твореле размислувале за околината и меѓусебната „игра“ и почит. Тоа упатува дека треба да ги спознаеме вредностите и да ги истакнеме, не да наметнеме несоодветни решенија.

Подолу во текстот е посочено:

“Напомена 2 : Предложеното конкурсно решение за фасадите мора да биде направено во склад со Заштитно – Конзерваторските основи за централното градско подрачје за предметниот локалитет кои се во Управата за заштита на културното налседство.”
Но, во документацијата недостасува посочување кои се тие објекти. Со оглед на нашата несвесност за модерната и постмодерната архитектура во Македонија и нејзиното константно деградирање и уништување, не ни остава верба дека некои од објектите се соодветно заштитени според законот.

За разлика од другите конкурси на град Скопје, каде јасно се бараше фасадни решенија според „стилот на Скопје 2014“, во овој конкурс тоа е пропуштено. Но во истиот е дадена доволна слобода да се предложат несоодветни решенија бидејќи никаде не ги обврзува да ја почитуваат архитектурата и авторскиот јазик на креаторите на тие објекти, додека контрадикторно од новите автори се бара оригиналност и јасност на архитектонскиот јазик.

Во овој и соседниот блок каде веќе е одпочната постапката и тековно се дерадираат авторски дела и објекти од предвоениот и повоениот период на втората светска војна, со што сме на праг да изгубиме уште еден дел од градителското наследство на Скопје, под превез на реконструкција.

Овие објекти заслужуваат статус на заштита и проекти за нивна конзервација. Колку ни е нам јасно што значи тоа е сериозно поразително прашање.

Како Брезовски го прати тремското обликување на соседниот објект, како Комерцијалната Банка се воигрува со МОБ, или како е почнато формирањето на плоштад според ренесансните урбанистички принципи, ќе можете скоро да прочитате во специјална објава на МАРХ.

Ф.К

Автор на статија: