СТАРОГРАДСКИТЕ КУЌИ ВО КУМАНОВО ОД ПЕРИОДОТ НА XX ВЕК / ИЛИЈЕВСКА
23.03.2026 • Истражување ХХ век / I половина
Трите импозантни куќи на семејството Стоиљковиќ, Џимревски и Илија од Ночкови
Формирање на градското јадро на Куманово
Со досегашните истражувања и записи особено во доменот на научно истражувачката дејност за развојот и постанокот на градското јадро на Куманово, се сретнуваат дури во XVIII век. Бројните патеписци го визуелизирале Куманово со своите видувања и записи опишувајќи го како типична турска касаба населена со доминантно муслиманско население, додека пак за останатите жители и не станувало толку збор. Постариот урбан дел од градот Куманово, погледот на разгледување ќе биде свртен кон групно формираните маала и сокаци кои ги добивале своите називи според доселениците и нивното изворно потекло. Најчесто сконцентрирани околу сакралните верските објекти и просветителните објекти на училиштата, каков што е примерот со добро познатото и најстаро урбанизирано место во Куманово, Орта бунар и старата џамија Ески-џамија, за коишто постојат извесни тези дека овие верски објект лежат на постари темели од црква пред отпочнување на нивната изградба, за кое постои сведоштво за околинската населеност уште од XVI век. Додека пак за постоењето на христијанското население се бележат записи за населеност околу црквите, посветени на Св. Никола позната кај народот како Стара црква и уште една црква т.н. Нова црква посветена на Св. Троица. Тие воедно се пример и доказ за населувањето и постанокот на маалата околу нив за кои постои запис уште од XIX и XX век. Сведоштвата се превзмени од досегашните стари записи, но посериозни темелни археолошки истражувања и не се направени во овие наведени сакралните верски објекти.
Градот Куманово ги добива своите белези на оформување на градската урбана средина и изглед кој е токму од втората половина на XIX век со формирањето на маалата, последователно со нив се формираат и сокаци кои се значајна одржлива линија за функционалноста на самите нив. Маалата се значајна територијална одредница и единица на градот, преку кои се распознавале занаетчиите и трговските дуќани, по нив следуваат и меаните и градските кафеани, пазарите и Безистенот. Ановите за кои се смета дека биле вкупно триесет и три на број што укажува на фрекфентноста и развојот на градот. Амамите исто така имаат значајна улога во одрживоста на хигиената на градот и зданијата кои биле во служба на власта. Добро познатите маала кои сеуште се познати кај народот и сеуште ја користат таа терминологија на изразување и одредување за потеклото се; Орта-Бунар, Варош маало, Мехмемедбегово, Горно муаџирско, Велешко маало, Варошизирско, Карапско, Теќе маало и Ново маало, по самиот назив на маалата може да се препознаае припадноста на верската заедница, додека пак во Ендек и Бединско маало биле од мешан состав на жителите од верската припадност.
Со понатамошното доселување и ширење на маалата дел од нив како што се Татарското и Липковското маало постепено изчезнал нивниот назив откако се слеале или претопиле едни во други и поголеми маала од нив.
Формирањето на маалата доведува постепено и до формирање на значајните викани улици познати како сокаци, називи за маала кои сеуште се користат во народното предание така и во литературниот сегмент, а тоа се; Нагорички сокак, Проевски, Романовски сокак, Велешки, Уќумат сокак, Опинчарски сокак итн.
Визуелно разгледување на елементи на градските куќи во периодот
од XIX и XX век во Куманово
Во првата половина на XIX век подрачјето на Македонија било поделено на 6 санџаци; Скопски, Солунски, Охридски, Ќустендилски, Битолски и Серски. Во овие санџаци започнало узурпирање и одземање на имотите на македонското население кои последователно ги претворале во свои домови односно чивлици. Едно идејно осамостојување на правото на пашите и беговите што доведува до присилна внатрешна миграција од село во град, но не се изостава и надворешна миграција на македонското население. Па така на овој начин всушност стартува идејата со оформување на централното градско подрачје на македонското население.
Куманово во втората половина на XIX век полека но сигурно го видоизменил својот лик, откако започнала изградбата на семејните куќи покрај јавните градски топоними. Семејните куќи се граделе од цврст материјал, камен и печена тула, додека бондручката конструкција не се изоставала во комбинација за изградба. Според евидентираните записи на патеписецот Јован Хаџи Васиљевиќ биле евидентирани над 2.300 семејни куќи кои го означуваат и почетокот на новиот век, XX век каде што започнува и оформувањето на новиот урбан план на град Куманово. Според патеписецот Хаџи Васиљевиќ, изгледот за градската архитектура посочува за класификација на куќи и тоа четири вида почнувајќи од XIX век; според периодот на изградба, начинот на изградба, избор на употребен материјал за нејзината изградба и на крај визуелното естетско обликување на самата куќа. Тој исто така го истакнува влијанието и начинот на внатрешното уредување на куќите судејќи според визуелниот приморски излед на градот Солун, што укажува на нераскинливата врска со Егејскиот дел на Македонија. Додека пак за изборот на градежен материјал како што се бондручката конструкција и дрвенаријата сè повеќе се препишува на изгледот на градот Скопје, а каменот и варта според изгледот на градежниот материјал се препишуваат на т.н. стил на турски сарај или конак. Во понатамошното негово излагање, Хаџи Васиљевиќ ја детерминира изградбата на куќите од поскромен и трошен употребен материјал за нивна изградба.
Керпич или плитар е главниот градежен материјал кој се изработувал од околинските материјали за употреба и изградба на ѕидот како носачки елемен. За неговата изработка се употребувал песокот и глината а во некои случаи се користел и добиточниот измет, додека пак како арматура служела сламата и поситната трска, кои со помош на вода се соединувале во хомогена смеса и се ределе во калапи формирајќи плочести форми навидум на тула. Дури во следениот XX век, тулата ќе ја заземе водечката улога во градежништвото, вклучувајќи го и железото како идејна арматура во конструкцијата.
Кровот на куќите бил изработен исто така од слама и трска, каде што половина век подоцна изборот за употребен материјал бил заменет со ќерамида. До средината на XIX век куќите биле покриени со големи и тешки плочести ќерамиди, кои исто така ќе доживеат понатамошна трансформација здобивајќи се со помала димензија и извесна леснотија. Од рамна површина отпочнува нивната изработка со брановиден изглед, ќерамидата се образува во полу цилиндрична форма кои се преклопуваат наизменично една врз друга. Кровната конструкција била поставена на т.н. четири води или страни, налик на пирамидална форма, каде што од внатрешна страна видно се гледал кровот и поставеноста на гредите. Во XX век изработката на квалитетот на ќерамида за кровна конструкција се усовршува со тврдо печена ќерамида, што ќе се користи скоро во целиот тој век. Па оттаму може да се констатира за периодичната класификација и распознавање на изработка и поставеноста на ќерамидите на самите куќи.
Почетокот на XX век го означува периодот на изградба на двоспратни куќи со пространи дворови и со разработен систем на употребен материјал за изградба. Плитарот пополека се истиснува од употреба за изградба на куќите, кој воедно служел и како изолатор на домовите. Преовладува изборот на употреба на камен и тврдо печена тула како градежен материјал, додека пак варта е врзивното нивно својство кои заедно го образуваат носачот на куќата. Варта зазема се поголем замав во избор на материјал за изградба, што најчесто се практикува и како врзивно својство но и како дезифекционо средство, а се аплицирал на ѕидот како на надворешна страна така и на внатрешна страна. Но не се изостава и бондручката дрвена конструкција што ги поврзува овие два употребени градежни материјали, каменот и тулата. Со оваа комбинација се означува изградбата на семејните куќи на XX век. Куќите се градат најчесто двоспратни но и троспратни каде што високо се издига подкровјето кое ретко се и користи. Кровната конструкција е поставена на две води или пак една со ќерамидна покриеност. Првиот спрат е некаде вкопан или рамно издигнат над површината изработен од нетесан камен и вар, додека пак на вториот спрат се истакнува печената тула со бондручката конструкција. Вообичаено долниот спрат бил наменски оформен за дуќани, додека пак горниот служел како станбен дел од домот. Визуелната компарација во однос на поставениот изглед на изведените скалила се разликува во овие два периода од XIX и XX век.
Во XIX век скалилата биле изведени од надворешна страна како еден издвоен елемент, додека пак во XX се карактеризираат со внатрешна поставеност на изведба. Полека но сигурно се оформуваат таваниците, поглед кон внатрешната кровна конструкција се затвора, трската ја има водечката улога во оформување на таваниците по домовите. Трската во комбинација со тенки летвички кои се испреплетуваат се поставаат горе високо на гредите како арматура за да може да се аплицира фин слој на вар со кој ќе се оформи таваницата. Таваните во градските куќи во првата половина XX век се доста високи во просек се околу 3,5 м во висина. Висината во секоја куќа варира зависно од наменската замисла на изградба и изведба на архитектите и градежните инженери.
Секако дека постоела извесна стандардизација на уредување и оформување на градското јадро покрај градските топоними, па така и кај семејните домови кои биле во склад со околинското уредување. Чардаците кои беа карактеристични за XIX век, пространи балконски простории, е елемент да ги обединува одаите налик на отворена одаја, а се користеле најчесто во летните периоди. Изработен е од бондручка констукција и ограден со исковани летви, некои се поедноставни но се сретнуваат и со профилиран карактер. Во XX век постепено елементите во архитектурата се разработуваат со што се здобиваат со нов изглед и израз, не се повеќе од затворен тип, туку се од отворен тип, доживуваат едно видоизменување на фунционалноста и на изгледот. Балконот или терасата се едни украсни архитектонски елементи на куќите, дел од нив изѕидани во склоп со самата архитектонска изведба на куќата, а некои се профилирани и се изведени со фина метална изработка. Не заземаат голема обемност како што е случајот со чардакот, бидејќи не ја поседуваат истата фунционалност. Светлината игра голема улога во амбиенталната архитектура во градските куќи, произнесувајќи се преку отворите на самите прозорци.
Пенџерињата биле карактеристични за XIX век, со помала димензија, еднокрилни или двокрилни поставени по едно во својата рамка. Во следниот XX век по својот изглед се здобиваат со профан градски изглед на прозорец, со дупла димензија во поставеноста. Често се двокрили и дупли, по два прозора едната и другата страна, па дури и двоспратни. Во првата зона се со правоаголна форма, а во втората зона, прозорците се со помала димензија со квадратна основа или пак правоаголни по должина. Визуелна компаративна разлика се воочува и во самите оџаци, елемент во архитектурата кој има водечка улога во куќата за вентилација на димот од огревните печки на дрва, а воедно и на воздухот. Во XIX век се карактеризираат со керамички изглед со поситна и овална градба, додека во XX век се масивни и со квадратна или правоаголна форма, низ кој поминуваат два отвора, едниот за дим а другиот за воздух, вентилација. Отворите за оџак биле стратешки поставени со тоа што овозможувале да загреваат неколку соби одеднаш, за разлика во првата половина на XIX век каде што биле застапени мангалите поставени на сред соба, кои еволуирале во втората половина на XX век со нов лик, налик на камини или огништа ѕидани в ѕид.
Есенцијален елемент на естетското изразување во архитектурата е самото фасадно уредување, ликот и профилот на една градска семејна куќа од периодот на XX век. Семејните куќи од овој период се здобиваат со еден велелепен изглед, раскошни и пространи, градени наменски за членовите на семејството, но со висок и силен вкус за естетското уредување, со еден збор, вкус за убавото. Естетски по изглед но и функционални за секојдневна употреба и намена. Изградбата нивна била адаптирана и за повеќе члено семејство, земајќи ја во обзир посетата на роднините од другите краишта, затоа и секоја соба во куќата си имала своја предвидена намена.
Овие куќи во своите пространи дворишта овозможувале сместување и за добитокот, во одделни простории, како помошни одаи во кои ќе отпочинел коњот или магарето (кои имале улога на влечно превозно средство), пред иновативната еволуција на автомобилите. Па отука се смета дека дел од овие куќи служеле воедно и како анови, но со помала димензија од предвидената. Сепак градските куќи од овој период на постоењето служеле исклучиво за потребите на своето семејство, а во подоцнежниот период од втората половина на XX век ќе станат предмет на манипулација и злоупотреба од самото систематско и политичко уредување, односно експропријација.
Градските архитектонски дами од XX во Куманово
Сликата за преубавите градски куќи е невозможно да се смести во едно кратко научно истражување, па затоа акцентот ќе се сведе на потесен избор за самите нив. Предмет на обработка за ова истражување ќе биде разгледувањето на семејните куќи од семејството Џимреви, Илија од Ночкови и куќата на некогашното семејство Стоиљковиќ, денешен Музеј на град Куманово.
Од хронолошка гледна точка, ќе се стартува со семејната куќа на некогашниот магнат Живко Стоиљковиќ, која датира од првата половина на XX век. Оскудни се записите за нејзината изградба и за точните податоци за временскиот период на опстојување на ова семејство. Досегашните евидентирани записи говорат дека е роден во Белград 1862 година кој подоцна доаѓа во градовите од Јужна Србија за да отпочне со развој на ланец на автоматизирани млинови. Со мелничката индустрија стартува во Лесковац, Ниш, Приштина, каде што го спроведува својот веќе отпочнат бизнис како во Куманово, така и во Велес и Штип, но воедно и придонел за електрификацијата на градот Куманово. Годината 1925 и 1926, е година на отпочнување на бизнисот со индустрилизацијата, според која многуте истражувачи ја бележат истата година на изградбата на неговата семејна куќа или пак вила, воедно препишувајќи ги заслугите за нејзина изградба на рускиот архитект Владимир Антонов, кој е доста познат со неговите веќе реализирани топонимски остварување во Куманово.
Во науката дословно постои место за тези и хипотези за идејни случувања и одвивања но и за надополнувања, па така и тука, без концизни докази и увид во пишаните извори и документи не може во целост и однапред конкретно да се сведочи за изградбата на семејната куќа на Стоиљковиќ. Треба да се зеде во предвид дека, семејството Стоиљковиќ во тој временски период најверојатно некаде претстојувале во непосредна околинска близина во некој сокак или маало пред да се изгради нивниот семеен дом. Според визуелното доживување во архитектонското остварување на оваа семејна куќа на Стоиљковиќ е со видлливи карактеристики од првата половина на XX век. Куќата е доста импозантна и раскошна со изведени два влеза и поглед кон своето дворно уредување. Главниот влез служел за членовите на семејството и за гостите и нивните роднини, каде што се пресретнуваат двојни дрвени врати. Куќата е едноспратна, каде што подрумскиот дел е полу вкопан во земјата, додека пак првиот спрат е издигнат искачувајќи се по десетте изведени надворешни скалила. Над самиот влез, позоционирани во централен дел заедно со скалилата, високо над нив се издида изѕидан балкон во правоаголна форма на кој се излегува од подровјето.
Подкровјето одава визуелен изглед на втор изведен спрат, искачувајќи се до него преку внатрешно изведените скалила. Вратата на подровјето кон балконот се исто така двокрилни и по два профилирани прозорци од двете страни. Ѕидот од таа страна е со пирамидална форма со пресечен врв, па затоа и изведбата на прозорците ја пратат таа форма, два поголеми и два помали. Декорацијата во тој сегмент е со цик-цак или назабен бел фриз кој ја прати формата на светло кафеав ѕид од подкровјето. Впечатлив и најинтерес сегмент од целокупното архитектонско остварување на оваа семејна куќа е присуството на ѕвездата високо поставена над самата влезна врата од балконот, на овој дел од ѕидот. Таа не е наметлива или пак толку воочлива но остава мистерија за нејзиното остварување како елемент. Кровот е покриен со класична рамна ќерамида, каде што на одреден сегмент на спојките е поставен вметнат поцинкован лим но и завршни полуцилиндрични ќерамиди. Кровот е несекојдневен, градежно изведен на неколку води од сите четири страни, но одлично ја следи изградбата на поставената основа на оваа семејна куќа.
За ентериерот нема доследни информации ниту пак фотографии за уредувањето и поседување на инвентар, од канделабри и печки до мебел и пердиња, есцајг и порцелан. Целиот ентериерен простор заклучно и на двата спрата е наменски преуреден за институционални музејки поставки и потреби. Непознати се причините и периодот кога поточно семејството Стоиљковиќ се иселува од Куманово, но познато е дека нивниот имот се конфискува и потпаѓа во рацето на немилосрдните предводници на КПЈ каде што во самата евидентна документација стои запис за експропријација од 12 февруари 1957 година, со одлука на Околинскиот народен одбор на Куманово. Пар години подоцна во 1964, семејната куќа наменски се уредува и заснова во независна институција на Историски музеј на Куманово, каде што во тековните периоди го менува институционалното име, последователно во 1979 година го менува називот во Народен музеј Куманово и на крај во 2004 година се национализира институционално во Национална установа Музеј Куманово.
Со следствено истражување, разгледувањето ќе се насочи кон градската куќа на семејството Џимреви, локациски сместена во непосредна близина на Тумбата и Варош маало. Покрај урбаниот метеж и урбанистичкиот денешен изглед, длабоко во пазувите високо и достоинствено се издига семејната градска куќа на добро познатото семејство Џимреви. За доверливоста и веродостојноста за животната сторија на оваа семејство, несебично и искрено ќе ги споделат информациите и тоа, директниот потомок д-р Јордан Џимревски, заедно со својата сопруга г-ѓа Слаѓана Џимревска. Потеклото на семејството Џимреви е родум од Башино село, Велешко. Џимреви во родниот им крај се занимавале со одгледување на винова лоза, каде што поседувале и винарска визба, винарија. Покрај зголеменото производство со винарството, одлучиле да се разработи и прошири семејниот бизнис. Па така во 1881 година, пра дедото Пано Џимрев решил да започне со трговија, каде што патот го нанел да дојде токму кај Тумбата во Куманово.
На улицата Прохор Пчински купил куќа со помошни простории, каде што чувал и две мазги. На Тумбата формирал и отворил шарлаганџилница ( работилница каде што се преработува сусам, афион и сл. за да се добие шарлаган, масло) и фурна, а подоцна основал фирма и тоа колонијален дуќан и железара. Голем бил капиталот со продажбата на бои и лакови во железарата заедно со дуќанот кои биле сместени на два спрата. Воедно поседувал и отворил кафеана, ашчилница или акчилница, односно гостилница со винарска визба. Кафеаната и винаријата работеле исклучиво во четврток, ден што бил и останал до ден денес е пазарен ден во Куманово. Сето ова било комплекс од објекти и тоа на сред центар, на сегашното т.н. место, Скопски дуќани. Во овој сижеен комплекс на дуќани, отвориле и бензинска пумпа за снабдување со гориво за тогашните веќе постоечки автомобили на градот Куманово и Крива Паланка, додека пак складиштето било стационирано кај Железничката станица во Куманово. Со денационализација за жал, ништо од овој наведен имот не им е усвоено и признаено на сегашните потомци од семејството Џимревски. Семејството Џимреви пополека но сигурно се доселуваат во Куманово, но во 1918 целосно се иселиле од Башино село, Велешко. Со самото населување во Куманово, пра дедото Пано и Лена се преселуваат заедно со своите синови Ангеле, Јордан и Ѓорги.
Синот Ангеле се занимава со работата на кафеаната и винаријата, додека пак Јордан станал газда на колонијалниот дуќан, а Ѓорѓи заминува во Софија на студии. Останатите дуќани кои ги поседуваат ги даваат по наем за кирија. Зад сите овие именувани објекти, на сегашното викано место Скопски дуќани, се наоѓа стара куќа од семејството Аксеви, каде што пра дедото Пано го откупил овој имот и на истиот започнал да ја гради сегашната куќа. Синот на Јордан, Страхил ја продолжува семејната лоза на Џимреви заедно со својата сопруга Стефанка родум од Паланка кои на свет ги носат д-р Јордан Џимревски и сестрата Благородна, чиишто имиња ги наследиле од своите претходници. Семејниот бизнис со шарлаганството, фурнаџиството и трговијата веќе одамна се заминати во историјата. Потомците продолжуваат да се надоградуваат во поинаква насока и тоа во медицинскиот свет. Д-р Јордан Џимревски е ценет примариус доктор по инфектологија, заедно со својата сопруга г-ѓа Слаѓана Џимревска обвинителка и родена скопјанка, но лозата и е по кумановска линија од Бабагинини. На светот ги носат своите двете ќерки и успешни доктори по медицина и наука, д-р Маријана Џимревска Величковска и Ирена Џимревска.
Долга е и успешна лозата на семејството Џимреви полна со спомени и сеќавања за своите претходници, кои во наследство го оставиле на чување својот дом пренесувајќи го правото на сопственост од колено на колено. Семејната куќа е исклучително зачувана и автентична од периодот на изградбата од 1926 година, издигната на два ката каде што подрумскиот дел е полу вкопан во земја но по целата своја основа, воедно наликува на трокорабна базилика. Од д-р Џимревски осознаваме дека семејната куќа ја градела тајфа на главниот мајстор Жерновски од Лазарополе. Подот од подрумот е поплочен со калдрма, гранитна коцка каде што во средишниот или централниот кораб високо над него, се издигаат три столба од двете страни поврзани со лаци кои го образуваат носачот на горниот спрат од куќата. Подрумскиот дел всушност е темелот на самата куќа, изграден од тврдо печена тула и вар како врзивно средство и со тенок варов слој е премачкан целосно. Првиот спрат е изграден од бондручка конструкција, цврста и здрава дрвенарија имплементирана на сите катни спрата од куќата, вклучувајќи го и делот на подкровјето.
Семејството примарно ги користи двата спрата од куќата, додека подрумскиот и таванскиот дел, подкровјето се од секуларна функционалност. Влезот од семејната куќа е од западна страна со скалила лево и десно, додека средишниот дел е искористен за вратите на подрумот, главниот влез и над него е високо изѕидан балкон во правоаголна форма на вториот спрат, поврзувајќи се еден со друг. Во истата таа праволиниска вертикална линија е поставен парапетен украс со централен лик на полукружен дел во кој е впишана годината на изградбата на куќата 1926 година, со придружни елементи од страните во продолжение. Оваа семејна куќа е со правоаголна основа, нема дополнителни прекршување во однос на архитектурата, особено на именуваната западна страна со украсни архитектонски елементи на балконот и скалите. Декоративните елементи се застапени по целото нејзино фасадно уредување во делот околу профилираните профани прозорци и врати, освен на источната страна. Фасадната нејзина декорација е со плитка пластична обработка со форма на завеса, флорални елементи и сегменти од геометризацијата, бели по изглед поставени на светол окер, основа на фасадата.
Архитектонското здание ја задржува стандардизацијата на староградска градба, со високи ѕидови и таваници, профани високи и дупли и двокрилни прозорци, високи профилирани дрвена врата од собите, класична обработка обработка на нивниот изглед и профил. Ѕидовите се украсени со традиционалното декорирање со перфорирани ваљачиња во две бои, каде што безбројните книги ја формираат библиотеката скоро во секоја соба. Мебелот е донесен нарочно од Виена со воздржана класична обработка, и дел од кујнскиот прибор кој е наследен од генерациите претходно.
Како последно и завршно разгледување на ова истражување за староградските куќи од XX век е семејната куќа на фамилијата Ночкови, односно за Илија Нојковски родум од село Романовце, Кумановско кој на млади години се населува во Школска улица, денешна Кирил и Методиј, веднаш до Романовскиот сокак денешна улица Илинденска. Илија потекнува од скромно семејство, го изучувал занаетот од својот татко Нојко, албатството (потковување на коњите) или уште се сретнува и како налбатин, еден од старите изумрени занаети во Куманово. Работеле заедно во родното им место сè до преселбата од село во град, кога одлучил да замине во Куманово.
Како дојденец не случајно се населува веднаш до Романовски сокак на Школска улица, која ги поврзувала тогашната Романовски и Велешки сокак или Народна револуција. Школската улица позната како улица која напоредно води до училиштето, кај мештаните попозната како Изгорена школа, денешната Браќа Миладиновци и Крсте П. Мисирков, каде што овој дел од улицата во делото на Трајковски и не се споменува. Младиот Илија малку ја развлекол изградбата на својата куќа, иако прв ја купил парцелата од останатите комшии кои во тој временски период бргу се населуваат. Тоа се должело на негодувањата со својот татко Нојко, кој сакал својот син да го задржи во родниот крај за да го зачува имотот. Во тоа време одбивањето на татковата воља и мигрирањето во град го сметале за еден вид на предавство. Илија имал еден брат, Коста, кој послушно останал во селото заедно со семејството.
Според записите од тапијата и нацрт планот на веќе постоечката куќа, се дознава дека Илија уште во 1928 година поднел барање за откуп на земјиште или парцела за изградба за својот нов дом и во следните две години било во процес одобрувањето за неговото барање. Првин следело купување и одобрување на избраната парцела на земјиште, па следствено следувало дозвола или одобрение за изграба на семејната куќа. Откако е спроведена целосната документација, се започнувало со нејзината изградба, дури во 1930 година. Куќата е изградена од цврст материјал, на два спрата, приземје изграден со камен и вар и прв спрат со тврдо печена тула и варов малтер со подрумски вкопан дел, но не по целата должина туку на половина во делот на предсобјето. Дебелината на столбовите и ѕидот е од 60 до 80 см, изработен од камен донесен од кумановската околина, и тула со варов малтер.
Ликот на куќата и влезниот дел се од страна на улицата Школска, исто така и прозорците на првиот и на вториот спрат се со поглед кон улицата, вклучувајќи ги и вратите од балконите. На овој дел од ѕидот, средишниот дел го завземаат прозорците на двата спрата, додека на горниот спрат лево и десно се два мали балкона. На долниот спрат од десната страна е изведен профилиран прозорец, додека на левата страна е изведена влезна метална порта. Балконите во овој период се висечки не се ѕидани, изработени се од армирано железо и обложени со тула и вар со железна ограда во должина на поставеноста на вратите и прозорците, каде што од десна страна над балконската врата во профилиран издигнат правоаголник е врежана годината на изградбата, 1936. Влезот од портата е на западната страна и се движи преку внатрешниот долен дел на куќата и води кон простран двор кој граничи со соседните куќи и дворови. На јужна страна граничи со соседниот мал двор од куќата на семејството Бабагинини, лоза од каде што потекнува г-ѓа Слаѓана Џимревска, по татковата линија. Мала декоративна пластика е изведена околу прозорците и испод горниот средишен прозор во вид на завеса или перде, а скоро насекаде се појавуваат квадратните плитки декорации при завршниот изглед на ѕидот од куќата. Во основа куќата е со плавоаголна форма со едно мало продолжение од нејзина десна страна, исто така и кровот е на две води во насока на север и југ. Двата ката се поврзани со изведени внатрешни скали, додека пак подкровјето е засебно, нема изведени скали во вертикално продолжение.
Интересен сегмент во овие три напоменати куќи е нивната меѓусебна поврзаност со собите, каде што се влегува соба во соба еден идеен магичен лавиринт на уредување. Во дворното место од западната страна по целата должина се изградени помошни простории за кои се смета дека тука претстојувало семејството чекајќи ја својата изградба на новиот дом. Од сопствениците дознаваме дека дел и од подстанарите краток временски период претстојувале во тие простории, но во одредени периоди се сместувал и добитокот кој служел како влечно превозно средство каде што Илија и татко му го вршеле својот албатски занает, ги подковувале копитарите, односно коњите и магарињата. Откако згаснал овој занает, неговиот син Раде делимичко го работел, а подоцна се зафатил со обработка на земјиште со кое располагале поприлично голема површина во родното им место с.Романовце. Упорноста и истрајноста на крајот успеале, Илија да ја заврши својата куќа целосно, но за жал неговиот живот згаснал на 41 годишна возраст, од повреда од својот занает. Доживеал гангрена на ногата за која одбивал соодветно лекување и во одреден временски период се влошила состојбата и починал. Сохранет е покрај својот татко во селските гробишта во Романовце, а неговата сопруга Дана е сохранета подоцна заедно со својата премладо почината ќерка. Семејството и домот заедно претрпеле многу неправдини и туѓи влијанија и убедувања за нејзиното поседување. Куќата законски се пренесувала последователно по машка линија на својот син Раде, додека пак двете сестри не добиваат никаков дел. Во тој временски период се наметнуваат убедувањата на КПЈ (Комунистичката партија на Југославија) каде што насилно сместуваат станари во самата куќата, додека пак Раде со својата сопруга Милица присилно се селат назад во селото и се занимаваат со земјоделие.
Сè со цел да не го загубат целосниот имот што го поседува семејството, се жртвуваат оставајќи ги нивните три сина во куќата заради одење во училиште, а на дел од спратот од куќата се населуваат подстанари или кираџии наложено од тогашното општествено и политичко уредување. Најмалиот син Живко доживува тешки закани и уцени, од затворање на врати од страна на подстанарите со цел на присвојување и отуѓување на имотот од рацете на вистинските сопственици. Мал сегмент од автентичен инвентар е сочуван во куќата, дел отуѓен и демолирани, а дел од истиот е пренесен во куќата на село. Кумановците ја паметат куќата како Романовска куќа според местото на доаѓањето на сопственикот Илија, додека фамилијата од родот Ќупови кои биле членови на КПЈ и подстанари во истата куќа, посесивно ја посакувале да ја отуѓат за сопствени цели уште се и неправедно говореле по чаршијата дека го добиле станарското право на истата. За среќа целата ситуација кулминирала тие биле санкционирани и протерани од домот на Ночкови. Раде синот на Илија, го остава домот во сопственост на својот најмал син Живко, кој се жени со сопругата Дивна. Тие се последна генерација во чиј период опстанале подстанарите, сè до периодот на нивната единствена ќерка и наследник на имотот, Валентина под чија јурисдикција останува домот на одржување и негување.
Заклучок
Овој труд се заоснова на истражување за староградската архитектура, за автентичната сочуваност и нивните сопственици. Напишан е врз основа на познанството и близината со сопствениците и автентичноста на достапните информации и документација, па затоа ова истражување презентира и податоци засновани на директен контакт со самите сопственици. Во трудот се претставени трите куќи од семејствата Стоиљковиќ, Ночкови и Џимриевски нивната изградба, каратеристики и животната сторија. Секоја куќа има своја приказна, од нејзината изградба и декорација до моментот на зачувување и одржување. Наследството се пренесувало од генерација на генерација, но не и свеста за неговиот одржлив континуитет и неговото последователно презентирање.
Автор : Валентина Илијевска – Магистер по Kонзервација и Pеставрацијана
Tрудот е објавен во Музејски гласник бр 16 при НУ Музеј Куманово.
Автор на статија: Мартин Ефремовски
Архитеконско наследство / Валентина ИЛИЈЕВСКА / Истражување / Куманово / Староградска архитектура











