Помеѓу фреската и фотографијата / Хаџи Коста Крстев, 1855
07.04.2026 • XVI - XIX век Фотографија
Хаџи Коста Крстев претставува исклучително значајна фигура за развојот на културната во историјата на Македонија од XIX век – човек кој успеал да ги спои традицијата и новото време преку два различни, но визуелно сродни медиуми: зографството и фотографијата.
Роден во Велес, во семејство со силна зографска традиција, тој го совладал занаетот од својот татко Крсте Зограф. Ова наследство му овозможило рано да влезе во светот на црковната уметност, каде што развил препознатлив стил во духот на поствизантиската традиција, но со личен израз и чувство за композиција. Неговото дело е највидливо преку фрескоживописот во повеќе цркви низ Македонија. Особено значајна е манастирската црква Св. Димитрија од 1855 година, каде што оставил редок и вреден запис:
„Сеи ѡбiтелъ ѡбновисѧ въ лѣто 1855 изобрази х. Косте зуграфъ и фотограф“.

Извор: Крвопис
Овој натпис не е само авторски потпис, туку и историски документ – доказ дека Хаџи Косте се идентификувал и како фотограф. Тоа го вбројува меѓу првите познати фотографи во Македонија, во време кога фотографијата била нова и ретка појава на Балканот.
Неговиот зографски опус е распространет во повеќе храмови, меѓу кои:
+ „Света Параскева“ – село Мургаш
+ „Свети Никола“ – Куманово
+ „Свети Никола“ – Колицко
+ „Свети Пантелејмон“ – Велес (1868)
+ „Свети Димитриј“ – село Преод (1871)
+ „Света Богородица“ – Пчиња
+ „Свети Никола“ – село Долно Ѓуѓанци
+ „Свети Димитриј“ – село Стануловци
+ „Свети Јован Богослов“ – село Богословец
+ „Свети Никола“ – село Винце
+ Манастир „Свети Ѓорѓи“ – Неготино
+ „Света Мина“ – Гарниково
и многу други цркви во велешкиот и поширокиот регион.
Она што го прави Хаџи Коста Крстев посебен не е само бројноста на неговите дела, туку неговата позиција на граница меѓу две епохи: традиционалната иконографија и модерната визуелна култура. Како зограф, тој продолжува вековна уметничка линија; како фотограф, тој го отвора патот кон нов начин на гледање и документирање на реалноста.

Извор: Велес низ минатото
Стилот на изразување на Хаџи Коста Крстев се движи помеѓу канонската православна традиција и една потивка, лична интерпретација што постепено се ослободува од строгите правила. Неговите фрески се одликуваат со јасни контури, топол и земјен колорит и нагласена наративност, каде сцените не се само симболични, туку и живо раскажани. Ликовите често носат изразена психолошка напнатост и индивидуалност, што внесува човечка димензија во религиозниот простор. Во одредени композиции се забележува и извесна експресивност, па дури и слобода во третманот на формата и движењето, што го оддалечува од строго академскиот канон. Токму оваа комбинација – помеѓу традицијата, личниот израз и новото визуелно чувство – го позиционира како автор на премин, чиј сензибилитет може да се поврзе и со раното влијание на фотографијата како нов медиум на гледање.

Извор: Ти реков ми рече
Починал во 1894 година во својот роден град Велес, оставајќи зад себе културно наследство кое денес има и уметничка и историска вредност и сведоштво за еден период на тивка, но значајна трансформација на македонското општество.
Автор на објавата: Кристијан Арсовски
