Станбен блок (П+4+Пк.) Автокоманда
27.04.2026 • Фотографија ХХ век / II половина
Објект: Станбен блок (П+4)
Автори: Т. Василев, Д. Шуловиќ
Година на проектирање: 1968
Локација: ул. ,,Ташко Караџа” , населба Автокоманда, Скопје
Фотографија: Борис Јурмовски, 2026
Станбениот блок со катност П+4+Пк во населбата Автокоманда е дел од урбанистичко решение за населбата, кое опфаќа шест станбени кули и седум станбени блокови.
(Брошурата со урбанистичкото решение за населбата Автокоманда е достапна за преземање на следниот линк >>> Автокоманда – Станбени кули и блокови <<<)
Тој претставуваат јасен и успешен пример за внимателно проектирање, каде што посебно се води грижа за правилната ориентација, природното осветлување и функционалната поврзаност на просториите. Архитектонски е обликуван ненаметливо, но со внимателно вклучени елементи како постепено спуштање кон гаражниот простор и мостови што водат до влезовите, со природно осветлен скалишен простор. На тој начин се создаваат пријатни и нови просторни доживувања.
Објектот е поставен во насока север–југ. Дневната соба и трпезаријата се ориентирани кон запад, додека спалните соби кон исток. Внатрешната организација овозможува кружно движење помеѓу дневната соба, трпезаријата и кујната. Од дневната соба се излегува на тераса, а од трпезаријата на економска лоѓа.
Гаражниот простор е решен во рамки на самиот објект, а секој стан има и сопствен подрумски бокс. Во поткровјето се предвидени атељеа, замислени како мали станови со една поголема просторија, ориентирана кон север.
Во поширок контекст, ваквите објекти отвораат и значајно прашање за одржувањето на постојниот станбен фонд во Македонија. Иако овие згради се проектирани со висок степен на функционалност и квалитет, со текот на времето нивната состојба често се влошува поради недоволно и несистематско одржување. Затоа, неопходно е да се воспостави континуиран и институционално поддржан пристап кон нивната санација, енергетска ефикасност и зачувување на архитектонските вредности, со цел да се продолжи нивниот животен век и да се задржи квалитетот на живеење.
Автор на статија: Boris Jurmovski
Автокоманда / Д. Шуловиќ / колективно домување / Скопје / Станбен блок / Т. Василев









