РЕКОНСТРУКЦИЈА, ПРОШИРУВАЊЕ И УРБАН ДИЗАЈН НА ПОСТОЕЧКИОТ ПЛОШТАД ВО КИЧЕВО / Параметар Студио

 Автори:  Методи Хаџи Андов, Сашо Андријевски, Елеонора Михаиловска, Бојана Вуковојац

Соработници: Игор Сугарчев, Димитар Стефановски, Елена Марковска, Борјан Николиќ, Салих Зеќири

Студио:  Параметар

Година на проектирање: 2026

Локација:  Кичево

 

ОПШТО

Идејното решение е изработено во согласност со барањата на конкурсната документација, важечките законски регулативи и планските документи на Општина Кичево, вклучително и Генералниот урбанистички план и релевантните Детални урбанистички планови кои се почитувани и вградени во решението. Интервенцијата претставува одговор на клучните програмски, социјални и културни потреби на градот, со јасна цел за унапредување на квалитетот на јавниот простор и неговата функционалност.

 

ПОСТОЈНА СОСТОЈБА

Постојниот плоштад во рамки на урбаното ткиво на Кичево се одликува со недоволно јасна просторна артикулација и фрагментирана организација. Просторот нема прецизно дефинирани рабови и јасно воспоставени граници, што резултира со негово визуелно и функционално прелевање во околното градско ткиво. Ваквата фрагментација, заедно со недоволно усогласените просторни пропорции, придонесува кон намалена читливост и слаб просторен идентитет. Проблемот е дополнително нагласен со присуството на импровизирани и недоволно контролирани интервенции кои навлегуваат во јавниот простор и создаваат визуелниот неред.

 

 

Како еден од клучните елементи во урбаната морфологија на градот, булеварот   „Ослободување“ која е зададена локација на овој конкурс има силен потенцијал  да се интегрира во склоп на постојниот плоштад.

 

КОНЦЕПТ

Главниот концепт се темели на формирање две главни оски на пешачко движење, кои создаваат мрежа од јавни простори и пешачки врски, организирани во полицентрично урбано ткиво, во кое различни просторни јадра се меѓусебно поврзани и функционираат како единствена урбана целина. Наместо концентрација на активностите во еден централен простор – плоштад, концептот овозможува создавање повеќе препознатливи точки на собирање, движење и социјална интеракција, со што се зајакнува просторниот идентитет и континуитетот на градот.

Полицентричниот пристап придонесува за создавање динамична и слоевита урбана структура, каде јавните простори не се доживуваат како изолирани точки, туку како континуиран систем на движење, престој и социјална интеракција. Ваквата организација овозможува секој простор да развие сопствен идентитет и функција, а истовремено да биде дел од поширока урбана мрежа што ги поврзува културните, историските и општествените вредности на градот.

 

Концептот е изграден врз три главни просторни оски и секвенци на пешачко движење:

– Првата оска е од постојниот булевар „Ослободување“ се до  Китино Кале, сега плоштад „Ослободување“

– Втората  оска е  почнувајќи од џамијата  „Султан Бејазид“ па се до црквата „Св. Петар и Павле“ сега плоштад „Обединување.“

– Третата секвенца, плоштадот „Осознавање“ е дефиниран од Домот на култура и почетокот на Китино Кале.

 

 СООБРАЌАЈ

Со затворањето на дел од булеварот “Ослободување” се наметнува потребата од сеопфатно редефинирање на сообраќајната мрежа и соодветно пренасочување на сообраќајните текови.

 

 

Со почетокот на новиот плоштад сообраќајното решение се пренасочува на две зони северна и јужна, со редефинирани сообраќајни режими. Улицата „Маршал Тито“ се трансформира во целосно нова пешачко – колска улица, со контролиран и временски режим на сообраќај за достава до комерцијалните содржини како и  за пристап на комунални служби. Партерното уредување на пешачко – колските улици е изведено униформно по целата нивна ширина со што се воспоставува единствен просторен третман, а со тоа се дава приоритет на пешачкото движење.

Вкупниот број на паркинг – места се зголемува преку реализација на повеќе паркинг – решенија распределени на различни локации во градот. Предвидена е реализација на голем паркинг – простор кај новиот пазар, согласно ДУП за населба Бала Маало, зголемување  на паркинг – капацитетите во рамки на станбените блокови, согласно ДУП за  населба Чифлик, уредување на нов линиски поставен паркинг во подножјето на Калин Камен, како и идна реализација на катна гаража согласно ДУП за населба Подварош.

Со ваквата распределба на паркинг – просторите на повеќе точки во градот се обезбедува поголем вкупен паркинг – капацитет, подобра достапност и поефикасна организација на мирувачкиот сообраќај.

 

ПЛОШТАД „ОСЛОБОДУВАЊЕ“

 

 

Концептот на плоштадот „Ослободување“ во Кичево се базира на идејата за просторно и пејзажно протекување на зеленилото од локалитетот Китино Кале кон централното градско подрачје, преку негово постепено „спуштање“ и интеграција со постојното зеленило. Во обликувањето на просторот, како референтни точки се земени постојните значајни објекти што го дефинираат новиот плоштадот, како што се Стопанска банка, објектот на УЈП и Хотел Унион. Нивната архитектонска морфологија и размери се користат како основа за генерирање на просторни и партерни сегменти. Па така се формираат различни сценарија во склоп на самиот плоштад кои се поставувани во определена модуларна мрежа.

 

 

Формирањето на  ваков повеќенаменски и трансформабилен простор кој овозможува разновидна употреба во текот на целата година е особено значен за помалите градови како Кичево каде поради ограничените ресурси и просторни капацитети се наметнува потребата од повеќенаменски, флексибилни и економски одржливи просторни решенија.

 

 

ПЛОШТАД „ОБЕДИНУВАЊЕ“

 

 

Линискиот концепт на плоштадот „Обединување“ во Кичево се  заснова на обединување  и поврзување на двата значајните религиски објекти во еден плоштад и една пешачка зона со што овој плоштад станува плоштад на две религии. Оваа интевенција го афирмира градот како мултиетнички град во кој различноста не е само присутна, туку длабоко вкоренета во неговото секојдневие. Неговата мултиетничка структура не се доживува како поделба, туку како богатство – како слоевит идентитет кој се градел низ времето а со оваа интервенција просторно ќе се обедини.

 

 

Доколку џамија и црква се обединат во рамки на еден плоштад, преку отстранување на постојните огради и физички бариери, се овозможува создавање на поголем и покохерентен јавен простор, кој може да прими поголем број корисници, особено за време на верските празници како Бајрам и Велигден. Со ваквиот пристап, наместо изолирани енклави, верските објекти стануваат дел од единствена просторна целина, што овозможува нивно природно поврзување во секојдневниот урбан живот.

 

 

ПЛОШТАД „ОСОЗНАВАЊЕ“

 

 

Плоштадот „Осознавање“ во Кичево е дефиниран како плоштад на културата,  простор каде корисникот го осознава личното и колективното. Преку својата отвореност и програмска флексибилност, плоштадот се позиционира како платформа за доживување, каде просторот и настанот се спојуваат во единствен процес на осознавање.

 

 

Новопроектираниот летен амфитеатар е интегриран во природниот терен, на влезот на Китино Кале. Тој воспоставува функционална и просторна релација со објектот на Домот на култура со тоа што гледалиштето со капацитет за околу 200 посетители е поставено во оската на влезниот хол. Сцената станува  трансформабилен  и адаптабилен елемент дефиниран од типот на настанот  и истата може да се прилагодува на различни настани – од сценарија на ниво на терен до објектот како сцена или летно кино.

 

 

ПАРТЕР

Партерното уредување е концептуално усогласено со карактерот на предложените интервенции и улогата на секој од плоштадите како дел од интегрален урбан систем во Кичево. Плоштадот „Ослободување“ се обликува како нова просторна интервенција, при што партерното решение ја следи шематската логика на  постојниот  партер. Како примарен материјал се користи варовник – локално достапен камен. Во рамки на плоштадот „Обединување“ и плоштадот „Осознавање“, се предвидува задржување на постојниот партер имајќи предвид дека оваа зона е реконструирана во 2022 година. Интервенцијата тука е суптилна и се манифестира преку воведување на прекини во модуларната структура на бекатон-плочите, во форма на линеарни елементи  од варовник.