Како е замислено да изгледа Скопје 2028 – Европска престолнина на културата?
03.10.2026 • Информации Истражување
Големи амбиции, многубројни проекти и масивен буџет од 128 милиони евра. Скопје 2028, како Европска престолнина на културата, планира да го освежи ликот на градот, да ја развие културната понуда, уметничките капацитети и потребната инфраструктура за настан од тој калибар. Во продолжение ги сумираме ветените проектни активности, инфраструктурните зафати и културните настани што треба да ја обележат 2028 година, но и периодот што ѝ претходи до годината на титулата.
Оперативен буџет
Програмските активности се планирани да се одвиваат во текот на целата година, но без одредена временска рамка и без утврден буџет за секоја активност. Според извештаите на Европската комисија за следење на процесот на спроведување, истите задолжително мора да се дефинираат во наредниот период.
Тоа што е прегледно во однос на финансиите е дека вкупниот оперативен буџет изнесува 125,55 милиони евра, од кои 100 милиони би биле обезбедени од Владата, 20 милиони преку Градот, 5 милиони акумулативно од сите 10 општини во градот, како и дополнителни средства од приватниот сектор и Европската Унија.
Опертаивниот буџет спроед придонес на сектори (горе) и оперативниот буџет според придонеси на јавните сектори (долу) / Извор: bidbook Скопје 2028
Во оперативниот буџет влегуваат средствата за плати и придонеси (12% од вкупниот буџет), како и средствата за промоција и маркетинг (14% од вкупниот буџет). Од средствата наменети за програмските активности (вкупно 90 милиони евра), 44,5 милиони евра се предвидени за капитални проекти, како што се изградба на детски градски парк, четири мегапаркови и ботаничка градина, но и реконструкција на Универзалната сала и библиотеката „Браќа Миладиновци“, како и други проекти.
Во проектот може да најдеме и временска рамка на годишните трошоци наменети за проектните активности, кои се дел од предвидените 20 милиони евра што Скопје ги вложува во иницијативата, како дел од буџетот за култура. Се забележува постепено зголемување на буџетот, со кулминација од 7 милиони евра вложени во годината на титулата.
Слика од капитални проекти (лево) и слика од распоред на годишен буџет за култура од Град Скопје (десно) / Извор: bidbook Скопје 2028
Културно и уметничка содржина за Скопје 2028
Културно-уметничката програма на Скопје 2028 е концептуално организирана околу мотото „Culture over Division“, кое претставува нејзина централна идеја, и е структурирана во четири програмски категории: Art4Hope, Togetherness, rECOvering и CreARTing. Дополнително, низ овие категории се провлекуваат хоризонтални приоритети како интеркултурниот дијалог, инклузијата, учеството на младите, европската димензија и културното наследство.
Описот на конкретните активности во одредени делови останува релативно општ, што го отежнува прецизното согледување на тоа кои проекти ќе се реализираат, како ќе се распределат во текот на 2028 година и како конкретно ќе придонесат кон остварување на централната идеја „Culture over Division“.
Четирите програмски категории: Art4Hope, Togetherness, rECOvering и CreARTing / Извор: bidbook Скопје 2028
Предвидено е годината да се отвори со настанот наречен „Cultural Crescendo“, замислен како “значаен и трансформативен културен настан со кој ќе биде одбележано прогласувањето на Скопје за Европска престолнина на културата во 2028 година“. Во рамки на настанот, планирано е да се поврзат различните културни институции, уметници и граѓани од сите десет скопски општини преку уметнички и културни манифестации. Особено внимание ќе биде посветено на поврзувањето на културното наследство со современата уметност и технологија преку проекциско мапирање, дигитални изложби и светлосни инсталации, со цел да се прикажат културната разновидност, креативноста и идниот развој на Скопје
Skopje Light Art District/ Извор: Ѓ. Личковски /Сакам да кажам
Како дел од четирите програмски категории предвидени во апликацијата се опфатени различни културни и уметнички активности. Во рамките на Art4Hope се предвидени проекти поврзани со локалните заедници, театарот, музиката, танцот и истражувањето на културните и историските приказни на Скопје, како Quart-Art, Untangled Stories of Skopje, Are You Crazy?, Salvation for Melting Pot, Mexedonian и Dance the Night Away.
Togetherness опфаќа проекти насочени кон интеркултурна соработка и поврзување на различни групи преку музика, фотографија, универзитетска култура, креативни работилници и театар, меѓу кои Moving Classics Sonic Flux, Neighbourhood, Culture at Universities, Prison Furniture Upcycle Workshop и The Spectrum of Colours.
Во категоријата rECOvering доминираат активности поврзани со животната средина, јавниот простор и одржливоста, како иницијативи за заштита и озеленување на градските простори, трансформација на запуштени простори, зелен дизајн и пермакултура.
Од друга страна, CreARTing е насочена кон современите креативни индустрии и употребата на нови технологии, со активности во областа на претприемништвото, гејмингот, дигиталниот дизајн, VR/AR, дигитализацијата на културното наследство и дигиталните платформи за култура и настани.
Извор: skopje2028.mk
Јавни повици
Настрана од предвидените активности, Фондацијата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ во претстојниот период ќе објави неколку јавни повици, преку кои ќе ги покани сите заинтересирани да достават проекти во рамките на пет програмски линии, кои ќе се вклопат во структурата на програмата во текот на подготвителните години (2024–2027). Во јавните повици е вклучена и тематика поврзана со наследството.
Моментално е отворен повик за проектни предлози, преку кој се покануваат уметниците, културните организации, јавните институции, универзитетите, креативните професионалци, граѓанските организации, локалните и меѓународните партнери да достават проекти во рамките на пет програмски линии, со финансирање поделено во три категории: мали, средни и големи проекти. Повикот е објавен на 19 август 2026 година, со рок од 60 календарски дена за малите и средните проекти, додека за големите проекти рокот за Фаза 1 е 45 дена.
Линк до страницата за јавни повици >> https://skopje2028.mk/mk/#calls
Замисла од мобилна апликација за настани во Скопје / Извор: bidbook Скопје 2028
Активирање на публиката
Проектот има стратегијата за развој на публиката за Скопје2028, каде се предвидува интегрирање на културни и уметнички содржини во наставните програми, развивање образовни материјали поврзани со програмата Скопје2028 и активности за вклучување на училиштата од сите скопски општини.
Публиката би се активирала преку организирање работилници, перформанси и креативни сесии за учениците, воведување „Културен пасош“ за нивно учество на културни настани, обуки за наставниците и заеднички проекти меѓу училиштата и културните институции.
Стратегијата предвидува и назначување ученички амбасадори, развој на дигитални образовни ресурси, обезбедување пристапност за учениците со попреченост, како и редовно следење и евалуација на ефектите преку анкети, повратни информации и податоци за учеството.
Веб страницата на Град Скопје за културни настани (лево) / Извор: Скопје култура и веб страницата на Скопје 2028 (десно) / Извор: Скопје 2028
Акциски план за период 2021-2030
Програмата на Скопје 2028 се потпира на веќе постојната Стратегија со акциски план за развој на културата на Град Скопје за периодот 2021–2030, чиј придонес кон изборот на Скопје за Европска престолнина на културата е потврден и во самата евалуација. Оваа стратегија почива на четири стратешки столба — „ Маала не е шала“, „Голема креативна училница“, „Ние сме од Скопје“ и „Скопје надвор – Скопје внатре“, кои опфаќаат мерки како обезбедување буџет за култура од 5–7% од вкупниот градски буџет, формирање Центар за истражување и Продукциски сервис за поддршка, поддршка на студентската и институционалната креативност, социјална сигурност за самостојните уметници и инструменти за културно претприемништво, како и јакнење на меѓународниот културен профил и мобилноста на Скопје, паралелно со активностите од Скопје 2028.
За следење на успешноста на Стратегијата предвидени се две евалуации: тековна/процесна евалуација во 2026 година, во текот на имплементацијата, и ex-post евалуација во 2031 година, веднаш по истекот на периодот опфатен со Стратегијата.
Извoр: WeBalkans.eu
Според достапните информации, може да забележиме дека апликацијата е доста амбициозна, со многубројни проекти и идеи кои во моментов треба да бидат во фаза на подготовка. Сепак, по преземањето на титулата, градот неколкупати се соочи со промени во проектните тимови и раководството, како и со политичкиот раскол помеѓу поранешната градоначалничка и Владата, што дополнително го отежна процесот на интерна координација. Истовремено, извештаите на Европската комисија за следење на процесот укажуваат на сериозни забелешки и загриженост во однос на состојбата со спроведувањето на планираните активности. Оттука, и покрај амбициозно поставената програма, нејзината реализација ќе зависи од способноста на надлежните институции во преостанатиот период да обезбедат навремена координација, јасна распределба на одговорностите и конкретизирање на планираните активности.
Објавата ја подготви: Дарко Милошевски (соработник на МАРХ)
Извор:
City of Skopje. (2023). Skopje 2028: Candidate city for European Capital of Culture – Bid book.
Автор на статија: Sorabotnik















