Доделување на наградата Андреја Дамјанов за 2020/2021

Насовна фотографија: К. Попов (SDK.mk)

 

На ден 21.12.2021, се оддржа свеченото доделување на наградата за животно дело Андреја Дамјанов за 2020 и 2021 година, која Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) ја доделува како признание за особени достигнувања и личен допринос во развојот на архитектурата и градителството. Добитникот на оваа престижна награда за 2020 година е архитектот Ѓоко Радовановиќ, додека за 2021 година, ААМ ја додели наградата на архитект Ранчо Христов.

 

Манифестацијата се одржи во галеријата и главното фоаје на Македонската Академија на науките и уметностите (МАНУ). Доделувањето отпочна со говор на претседателот на ААМ, архитект Мишко Ралев, кој ги претстави добитниците, нивните достигнувања и важност во рамките на професијата. Тој посочи на тоа дека Христов и Радовановиќ се претставници на своевремен нов правец на архитекти кој се јавува како резултат на распаѓањето на стариот систем на големи градежни претпријатија.

 

 

„Тие меѓу првите ја разбраа новата општествено економска констелација и наместо да ламентираат врз тоа што изгубија се насочија кон тоа што ќе добијат. Тие се меѓу првите кои успеаја да ја третираат архитектурата како бизнис од кој може и добро да се живее и тоа како сопствен, свој бизнис, зашто наспрам нив се појавија инвеститори кои за свои сопствени средства сакаа да градат. Оттогаш сè зависеше од нив, нема директори, референти, работнички совети, СИЗ-ови. Архитектурата и сè околу градбата стана пазар, се купуваше и продаваше за профит. Но сепак, за среќа нашите лауреати не беа едноставни пазарџии, тие беа предводници на новиот бран во архитектурата не само како мисла, проект и дизајн туку и во воспоставувањето на новите релации помеѓу проектантот, инвеститорот, изведувачот и секако општеството. Тие нам ни беа примери и тоа директни, не како авторитетни учители туку како постари браќа од кои можеш да гледаш што прават и да ги копираш, па дури ни беа и идоли, нешто како селебрити рок звезди, ‘Ролинг стоунси’ и ‘Битлси’“, рече Ралев.

 

 

Овој бран со себе носи нови предизвици, нови приватни финансиери во чие име градат малите архитектонски бироа. Така Христов и Радовановиќ, секој во своето биро ги трасираат новите траги на она што ќе биде современа македонска архитектура.

Потоа секој од добитниците даде краток говор, осврт на своите почетоци, процес на учење и работа низ годините.

 

 

Во продолжение краток осврт на двата добитника:

 

 

Со својата работа и дејност, како еден од основачите на архитектонското биро “Ателје Ајвар” од Скопје, архитект Ранчо Христов уште од осамостојувањето на Р. Северна Македонија придонесе за пресврт во архитектонската пракса. Тој е протагонист на промената од еден систем на монопол на големи општествени бироа, од кои и самиот произлезе, кон новите трендови на приватно претприемништво со нови, проектантски стандарди. Земајќи голема уметничка слобода, неговата работа резултира со огромна продукција на проекти, изведени градби и идејни конкурсни решенија, кои на младите генерации – архитекти им претставуваа репер во работата. За своето креативно творештво, Архитект Христов во сферата на архитектонската дејност е добитник на повеќе награди и признанија: Признание на БИМАС за Административна зграда “МАКЕДОНИЈАИНВЕСТ” во 1987, Награда на БИМАС за Хотел „Алфа-С“ во Чешка во 1993, Награда на БИМАС за „Куќа која сонува“ во 1997, Специјално признание на БИМАС за квалитетна и бројна презентација на проекти и реализации во 1997, Награда за најдобар реализиран објект „ХРРМ 01“ на БИМАС во 2000, Награда и благодарница од Главниот архитект на град Скопје за станбено-деловен објект на ул. „Огњан Прица“ во 2003, Награда „Борис Чипан“ од Комора на овластени архитекти и овластени инженери на Р.Македонија 2017, Награда „BIG SEE ARCHITECTURE AWARD“ за семејна куќа “Дрезденска” од Заводот BIG од Словенија 2020. Со чинот на добивање на наградата “Андреја Дамјанов” за 2021 година, архитект Ранчо Христов станува член на Академијата на Архитекти на Македонија, која функционира во рамките на ААМ.

 

 

 

Ѓоко Радовановиќ е роден во Подујево, во 1949 година. Средно образование, насока архитектонски техничар, завршува во Ниш, а дипломира на Архитектонскиот факултет во Скопје. Радовановиќ зад себе има богато архитектонско творештво. Автор е на повеќе проекти и објекти од кои негови позначајни дела се: Соравиа Центар Скопје, Соравиа Ресорт Скопје, Спортски центар „Јане Сандански“, „Вила Дарко Панчев“ исто така во Скопје, индустриски објект „Рио Кафе” и многу други. За својата работа како признание од колегите Радовановиќ е добитник и на две големи годишни награди на ААМ, под покровителство на претседателот на РСМ – за Спортскиот центар ,,Јане Сандански“ (2014) и за „Индивидуален станбен објект со посебен режим на домување“ во Скопје (2016).