АНТИТИП / Бојаџиева, Станковска, Стефановски, Лазороски

 

Ментор: проф. д-р Слободан Велевски, проф. д-р Марија Мано Велевска, арх. Благоја Бајковски

Студент: Љубица Бојаџиева, Тијана Станковска, Димитар Стефановски, Јордан Лазороски

Семестар: IX (девети)

Година: 2019/2020

Локација: Урбана празнина спроти Хотел Холидеј Ин

Универзитет “Св. Кирил и Методиј” – Скопје

Архитектонски факултет

 

Интегративното студио РАСТ2.0: НАРАТИВИ под раководство на проф. д-р Слободан Велевски, проф. д-р. Марија Мано Велевска и архитект Благоја Бајковски се занимаваше со испитување на наративите како идејни зачетоци на нов градски простор, нови активности и нова архитектура. Работата беше организирана во два дела: аналитички и проектантски.

 

Анализата се однесуваше на истражувања за одредени теми поврзани со градот Скопје овојпат „прочитан“ низ темите на отворен крај, брутализам и привременост со што се запознавме со нивните контекстуални и концептуални вредности.Го испитувавме какво е нивното значење, која е нивната интерпретација, а во завршната фаза преку колажни постери извршивме интеграција на сработеното. Во проектанскиот дел, добивме многу значајна локација во централното подрачје на градот Скопјe, позната по историјата на нерелеазирани архитектонско-урбанистички планови и идеи за овој дел од градот.

 

 

Решението што беше презентирано всушност е резултат на преклопување на седум различни концепти на истата локација препознаени од различните теми. Во единствениот заеднички концепт успешно ги одбравме елементите што ги осликуваат истражувањата од претходната фаза. Нашиот проект насловен како Антитип претставува еден сегмент, од заедничкиот архитектонско-урбанистички концепт.

 

Зошто антитип? Антитип бидејќи истиот се базира на две тематски истражувања: брутализам и отворен крај. Антитип бидејќи не е типолошки дизајн, туку а-типолошки механизам. Антитип бидејќи идејата за одвивање на современиот живот е преклопување на различни интереси и цели не преку кохерентни тела, туку преку симултани пејзажи претставени како структури, форми и идентитети на заедничкиот космополитски соживот. Всушност, да се направи простор односно систем што ќе е прилагодлив на сите групи на корисници. Затоа, финалниот дизајн може да се дефинира како еден кластер на различни урбани наративи во контекстуален и концептуален смисол.

 

 

Почнувајќи од просторни единици за домување, преку отворени и “лебдечки” плоштади со реакреативни намени и зони, големи зелени површини во вид на густа шума и ботаничка градина, од која изникнуваат стаклени волумени или траги од бетонски ѕидови организирани како уметничка галерија на отворено. Решавањето на кулите, претставува затворање и надоврзување со веригата на „Градски ѕид“, а целта на нивното проектирање претставува напуштање на перцепцијата за конвенционално домување, преку обезбедување повеќе заеднички простори за дневен боравок и работење.

 

Постојат неколку типологии на станбени единци за различни групи на корисници, организирани во модули коишто се прикачени на челична структура заедно со т.н. „социјални катови“. Скалишното јадро е композициски и обликовно намерно одвоено, дизајнирано во бруталистички стил со масивно бетонско платно издлабено со кружни отвори и вертикални ленти за поголема пластичност. Преку мостови кои што се појавуваат на одредени катови, скалишното јадро, се поврзува со елегнатните висококатници.  На одредена висина, поминува и “лебдечка” улица, која претставува продолжување на внатрешните улици на ГТЦ, тема која нашиот проект ја проширува во вид на т.н. “лебдечки” плоштад каде што се сместени модуларни павиљони инспирарни од цртежите на Јона Фридман.

 

 

Под таа лебдечка структура се поставени зони за рекреативни надворешни активности како што се јога, пилатес, фитнес и спортски терени за играње на кошарка надополнети со хип хоп музика и графити субкултура.Ваквата програмска активност дозволува организирање галерија на отворено, кај нас предвидена како композициски склоп од серија на бетонски ѕидови со различна височина што се претопуваат во густата шума од тенки високи дрвја. Значаен акцент на проектот претставува ботаничката градина што ја „закачивме“ на една од доминантните пешачки улици на зафатот и истата треба да го зголеми интензитетот на социјална активност, да го подобри амбиентот на микро доживување на просторот и секако да воспостави релација помеѓу урбаноста на градот и природниот пејсаж.

 

Модел

Нашиот проект заедно со архитектонско-урбанистички концепт и проектите на нашите колеги работени во склоп на Интегративното студио Раст2.0: НАРАТИВИ беше презентиран на архитектонскиот факултет во Делфт пред реномирани професори и колеги, а на Архитектонскиот Факултет во Скопје беше награден како најдобар проект за вториот циклус на студии.

 

Модел