Архитектура и психологија: како просторот влијае на секојдневното чувство?

Во секојдневието, архитектурата најчесто ја доживуваме како позадина. Просторот е тука го користиме, се движиме низ него,но ретко застануваме да размислиме како точно влијае на нас. Сепак искуството покажува дека некои простори нè смируваат додека други нè заморуваат и тоа не е случајно. Тоа чувство обично не доаѓа од еден елемент туку од збир на услови како: светлина, пропорции, материјали, звук, организација. Сите тие фактори се обработуваат од мозокот но често без свесна анализа, но со јасен ефект врз нашата енергија, концентрација и расположение.

 

 

 

 

Проект: „Bibliothèque Lucy-Faris“

Извор: „Pelletier de Fontenay“

Студиото работи на различни типови проекти како јавни објекти, музеи, училишта, библиотеки и културни центри, приватни куќи, изложби и урбанистички решенија. Нивниот пристап не се базира на препознатлив стил, туку на идејата дека секој проект треба да произлезе од конкретниот контекст и услови. Наместо однапред дефинирана форма, тие го ставаат акцентот на процесот на дизајн, каде архитектурата се развива преку баланс помеѓу теоретски (типолошки и историски) принципи и специфичните карактеристики на локацијата. Резултатот се архитектонски решенија кои се истовремено прецизни, концептуални и силно поврзани со контекстот, со што студиото има изградено репутација за современа и промислена архитектура.

 

 

Простор

Човекот постојано ја чита околината. Дали просторот е јасен или збунувачки, отворен или затворен, избалансиран или пренатрупан, сето тоа влијае на тоа колку напор вложуваме за да се снајдеме во него. Истражувањата од Environmental psychology покажуваат дека средини со премногу визуелни информации го зголемуваат когнитивниот товар, додека јасно организираните простори овозможуваат полесно функционирање. Ова не значи дека просторот треба да биде празен, туку дека треба да биде читлив. Кога таа читливост недостасува, се појавува суптилен замор чувство дека нешто не е во ред, иако не можеме точно да го дефинираме.

 

 

„Ville Saboye & Villa Dall’Ava“

Труд: „Estudio comparativo entre Ville Saboye y Villa Dall’Ava. Composición by Alex Duro at Metalocus“

Архитектонска анализа која ги споредува двете куќи како репрезентативни примери на модернистичката и постмодерната архитектура, фокусирајќи се на нивната композиција, просторната организација и односот со контекстот. Трудот ја истакнува еволуцијата на архитектонските принципи: од строгите модернистички правила кај „Ville Savoye“ до послободниот и комплексен пристап кај „Villa Dall’Ava“.

 

 

Форма + Човек

Односот помеѓу човекот и просторот е клучен. Ниски тавани, тесни премини или преголеми, празни простории можат да создадат различни но подеднакво непријатни реакции. Поголемите, светли простории често се доживуваат како отворени и поттикнувачки, додека затворените и ниски простори можат да создадат чувство на притисок. Ова не е прашање на вкус туку на перцепција што е делумно вродена. Затоа, добриот дизајн не се сведува само на форма туку на усогласување со човечката големина.

 

 

 

Пресек низ простор со специфичен продор на светлина

 

 

Светлината е доживување?

Природната светлина има улога што оди подалеку од естетиката. Таа влијае на биолошкиот ритам на нивото на енергија и на способноста за концентрација. Простори со недоволно светлина често се доживуваат како „тешки“ додека оние со добро распределена дневна светлина делуваат поотворено и попријатно. Ова е еден од најосновните но и најчесто занемарени аспекти во проектирањето.

 

Зенитално осветлување во темен простор

 

 

Боја + Материјал = Баланс

Начинот на кој просторот се „чита“ зависи и од боите и материјалите. Смирените тонови и природните текстури создаваат чувство на стабилност додека силните контрасти и прекумерната разновидност можат да внесат напнатост ако не се внимателно одбрани. Од друга страна, целосната монотонија простор без доволно варијација, исто така може да доведе до замор. Мозокот бара рамнотежа – доволно стимул за да остане ангажиран но не толку што ќе биде преоптоварен.

 

 

Проект: „Gösta Serlachius Museum Extension“ (2011) во Mänttä, Finland

Извор: „Karamuk Kuo“

Значаен пример за архитектура која суптилно се интегрира со природниот пејзаж преку ниска, павилјонска композиција и внимателно поставување во шумската околина. Објектот користи природни материјали, транспарентност и силна визуелна врска со езерото и шумата, со што создава континуитет помеѓу внатрешниот изложбен простор и надворешната природа.

 

 

Природата е неопходен елемент!

Контактот со природни елементи има јасен ефект врз човековата состојба. Светлина, зеленило, природни материјали или поглед кон отворен простор, сите тие придонесуваат за намалување на стресот и подобрување на фокусот. Овој принцип често поврзан со биофилијата станува сè поважен во урбаните средини каде природата е ограничена. Во тој контекст не станува збор за луксуз туку за основен услов за поквалитетно живеење.

Светлината, контактот, природата, звукот и уметноста како сензации во просторот

 

 

Сензорен аспект

Освен визуелниот важен е и звучниот слој на просторот. Континуираниот шум или лошата акустика создаваат дополнителен притисок врз вниманието што со време води кон замор. Добро осмислен простор овозможува баланс присуство на звук каде што е потребно но и можност за тишина. Овој аспект често се занемарува иако има директно влијание врз секојдневното функционирање.

Проект: „Bibliothèque Lucy-Faris“

Студио: „Pelletier de Fontenay“ 

 

 

Минимализам > Mаксимализам?

Прашањето дали просторот треба да биде празен или „полн“ често се поставува како избор помеѓу два екстрема. Во реалноста ниту едниот ниту другиот пристап не гарантира квалитет.

Просторот што функционира најдобро обично:

  • има јасна организација
  • содржи онолку елементи колку што се навистина потребни
  • избегнува визуелен хаос и празна стерилност
  • овозможува лична адаптација

 

Даки клучот е во рамнотежата или пак во стилот?

 

Студија: „A study of Le Corbusier’s Church at Firminy, France (1965)“

Извор: „G. Rinaldi & A. Afonso “

Анализата на црквата „Saint-Pierre“ како пример за доцниот архитектонски израз на авторот, каде доминираат скулптуралната форма, експресивниот бетон и внимателно контролираната природна светлина. Студијата го нагласува начинот на кој објектот комбинира духовност, геометрија и просторна драматургија, создавајќи силно симболично и атмосферско искуство.

 

 

Архитектурата = Благосостојба

Скица на имагинарен простор

Кога сите овие фактори се усогласени просторот престанува да биде оптоварување и станува поддршка. Тој не го привлекува вниманието постојано но овозможува човекот полесно да функционира. Во таа смисла архитектурата има и едукативна улога, да помогне и препознае што го прави еден простор пријатен а зошто друг простор е исцрпувачки. Тоа разбирање не е само теоретско, туку практично, бидејќи влијае на начинот на кој се креира и бара квалитетен простор.

 

 

Кога тие аспекти се земени вo предвид, архитектурата престанува да биде само форма и станува средство за подобар, порамнотежен начин на живот. Архитектурата не делува наметливо а делува постојано. Не секогаш ја забележуваме а ја чувствуваме. Затоа прашањето не е само како изгледа еден простор, како се доживува и како влијае врз секојдневието?

 

 

 

Автор на објава: Кристијан Арсовски