Општина Битола распиша конкурс за спортско-рекреативен центар
11.07.2022 • Конкурси
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски објави јавен конкурс за избор на идејно решение за спортско рекреативен центар, кое ќе биде во согласност со сите параметри зададени во Деталниот Урбанистички план ДУП за АРМ, Четврт 2.
Времето предвидено за изработка на Решението е од денот на објавување на конкурсот 01.07.2022 година до 01.09.2022 година.
Целта на конкурсот е изработка на идејно решение врз основа на кое ќе се изгради спортско-рекреативен центар со што ќе се зголемил квалитетот на живот во градот Битола и регионот, согласно потребите на граѓаните, ќе се зголеми вредноста на просторот и ќе се овозможи негово квалитетно и функционално унапредување, со формирање на препознатлива целина во соодветна врска со постоечкиот контекст и идните функции и содржини на јавниот простор.
Идејното решение треба да се одликува со функционалност и применливост, со естетска карактеристика на препознатливост на градот со цел да го оплемени просторот, да ги збогати содржините и да ги привлече граѓаните да го користат.
Идејата треба да биде иновативна, креативна, модерна и оригинална.
Конкурсното решение треба да биде осмислено да се интегрира во јавниот простор, со можност да се организираат различни настани.
Повеќе информации за конкурсните услови може да се прочитаат во конкурсот објавен на веб страната на општина Битола https://www.bitola.gov.mk/wordpress/wp-content/uploads/2022/07/КИИР-СК-и-РД.pdf и електронскиот систем за јавни набавки.
Комисијата за оценување на конкурсот ќе донесе одлука за најдобро решение во рок од 30 денови, по завршувањето на конкурсот, а резултатите од конкурсот ќе ги објави на веб страната и на огласна табла на Општина Битола. Авторите на наградените трудови и останатите учесници ќе бидат писмено известени.
Доделените награди ќе им бидат исплатени на авторите по завршување на комплетната постапка за избор на најдобро решение на конкурсот, најдоцна 60 дена од денот на донесување на Одлуката и тоа според средствата определени со конкурсот, каде за прва награда се предвидени 200 000,00 денари, за втора 100 000,00 денари, а за трета 50 000,00 денари. За сите учесници на конкурсот кои доставиле комплетна документација изработена во согласност со конкурсните услови следува надомест за учество во висина од 30 000,00 денари.
Покрај овој конкурс, општина Битола, објави и конкурс за изработка на идејно решение за регулирање на речен ток на река Драгор со каскадно смирување на токот и крајбрежни велосипедско-пешачки патеки со соодветни пропратни содржини, од месност Црн мост до западна граница на опфат на ГУП на град Битола.
Текстот е пренесен во оригинална форма од изворот.
Извор: Општина Битола
Автор на статија: Filip Koneski