Црква „Св. Дух“ / Дамјанов

Година: 1857 - 1875

Архитект: Андреја Дамјанов (1813-1878)

Локација: Ниш, Србија

 

Едно од најголемите остварувања на Андреја Дамјанов, покрај црквите во Смедерево, Сараево и Мостар, е црквата Св. Дух во Ниш. Нејзината градба е започната во 1857 год., а завршена 15 години подоцна, во 1872 год. Успореното градење на црквта било резултат на финансиските проблеми, но и на проблемите со османлиската управа која го попречувала градењето на овој монументален објект токму заради неговите големи димензии (30х40м во основата, околу 30м висина на главната купола и камбанаријата околу 40м).

За изградбата на оваа црква бил изработен проект чии делови се сочувани до денес во приватната збирка на внукот на Андреја Дамјанов – Симон Дамјанов Зографски. Од сочуваните фрагменти се гледа дека црквата е речици во целост реализирана според проектот, освен камбанаријата која, заради рестрикциите на власта, останала недоправена и скратена до нивото на покривот.

 

 

Во нишката црква Дајмјанов остварува една специфична комбинација на трикорабна  базилика и развиен впишан крст со пет куполи. Овие два модела се преклопуваат по вертикала – во долниот дел доминира трикорабниот простор, а во горната конструквија крстовидното решение со петте куполи. Куполите тука се вообичаено поставени – централната во пресекот, а четирите помали помеѓу краците од крстот. Базиликалното решение не се отчитува на петтата фасада бидејќи сите три кораби се обединети под еден двоводен покрив. На него, не многу убедливо, се манифестира само крстовидното решение, а најмногу доминираат петте куполи на своите високи повеќестрани тамбури.

 

Главниот корпус на црквата (наосот) е обиколен од три страни со отворени тремови кои на катот носат галерии. Интересно кај тремовите во приземјето е што тие на својата источна страна не завршуваат отворено како вообичаено, туку со апсидално обликуван ѕид кој формира еден вид капела. На сличен начин завршуваат и галериите на катот. Тие и тука имаат функција на „женска црква“, сосема се отворени кон ентериерот на наосот и со тоа е овозможено непречено следење на литургијата.

На западната страна од црквата, над средишното поле од тремот и галеријата, е поставена кула-камбанарија. Таа, според проектот, била замислена да се извишува над покривнатс површина, но заради споменатите причини, е редуцирана само до висина на покривот. Нејзиното обликување и намена како саат-кула и камбанарија истовремено, била скоро идентична со онаа на смедеревската црква. Со редуцирањето, таа го изгубила и обликот и намената. Многу подоцна, во 1937год., камбанаријата е надградена со уште едно ниво, дело на рускиот архитект Александар Медведев. Со оваа интервенција кулата-камбанарија ја остварува својата функција, но обликувањето е сосема поинакво од замислата на Дамјанов. Наместо барокно извиените форми на покривната партија, кулата добива една прочистена кубеста маса во стилот на раната модерна.

 

 

Во концепцијата и обликувањето на црквата Св. Дух, слично како кај смедеревската црква, Дамјанов прави синтеза меѓу исток и запад, меѓу средновековните византиски традиции и новите западноевропски и класицистички форми. Кај нишката црква, средновековното е во изборот на моделите – трикорабна базилика и впишан крст, а западноевропското во второстепената обработка на целата композиција. Над покривната површина од наосот, соодветно на секоја купола, Дамјанов ги поставува барокно завршеите тимпани кои ги среќаваме и кај црквите во Смедерево, Сараево и Мостар. Во третманот на тремовите со галериите се чувствуваат ренесанси и романски елементи. Отворените тремови делуваат особено лесно заради поелегантните пропорции на столпците кои ги носат. Фасадната површина на галериите, за разлика од македонските цркви, е расчленета со пиластри, кордон венци и низови од слепи аркадички. Високите прозорски отвори се врамени во убаво моделирани рамки. И столпците од тремовите имаат побогати декорирани капители.

 

 

И во дефинирањето на источната фасада, Дамјанов бил под влијание на смедеревската црква. Трите апсиди на олтарот, протезисот и ѓакониконот се извишуваат до покривот на наосот и се обединети со еден заеднички венец. И тука, на средината, се појавува уште еден венец кој визуелно ја ублажува нагласената височина на апсидите. Надворешно, апсидите се повеќестрано обликувани од вдлабнати сегменти, разделени со колонетки.

Внатрешноста на нишката црква делува импозантно, пред се’, заради големите димензии на просотрот на наосот, надополнет со височината на куполите. Во обработката на деталите (столбови, капители, лакови, скали, ограда, проповедалница и сл.) Дамјанов посветува посебно внимание применувајќи ги, нему својствените, декоративни елементи. Сето тоа го зголемува возбудливиот впечаток од ентериерот на големата соборна црква во Ниш.