ДЕБАРМААЛСКА ЕКЛЕКТИКА 1
22.11.2019 • Фотографија ХХ век / II половина
Проектот „Дебармаалска еклектика 1“ е првиот сет од новиот серијал на разгледници, кои ќе ги третираат „остатоците“ од староградската архитектура на главниот град и републиката.
Еклектичниот израз на градската архитектура од крајот на XIX век, почетокот на XX век и меѓу воениот период, претставува загрозено амбиетално градителско наследство.
Во напливот на модерната, постмодерната и постземјотресната обнова на Скопје, овој архитектонски правец најмногу страдаше, до ниво на целосно негово игнорирање и потценување поткрепено од строгата мисла на архитектонската теорија за вредноста на стиловите.
Нејзиното не вреднување во локалниот контекст доведе до разрушување и распаѓање, но и губење на семејни традиции, кои во европскиот контекст значат наследство и престиж.
Безмилосната обнова на Скопје и немањето чувство од потребата за нејзина заштита во амбиетални целини веднаш по 63та, кога истото имаше поента, логика , а потоа и „презаситувањето“ од современата архитекура, претставува директен импакт кон погрешните носталгични заложби на проектот „Скопје 2014“ и злоупотреба на овој правец.
Со цел, да не го изгубиме сосем контекстот и да го разбереме значењето на живите примери во архитектурата, ја иницираме итната потреба од заштита на овие објекти, нивно реконструирање и зачувување како дел од градителското наследство.
Сетот го третира Дебар Маало, бидејќи е место во Скопје каде има најголема концентрација на ваквиот тип објекти. Разгледниците овој пат не ги носат имињата на авторите и годината на изградба, но иницираат желба самите да ги пронајдете и доживеете одново.
Проектот е подржан од Град Скопје, со годишната програма за проекти од полето на културата за 2019 година.
Автор: Филип Конески
Фотографиии: коавторство на Филип Конески и Борис Јурмовски
Дигитализиција на фасада на опаковка : Ноеми Чаусидис
Година: 2017-19
Автор на статија: Filip Koneski
Борис Јурмовски / Градителско наследство / Дебар Маало / Еклектика / Старо Скопје / Филип Конески / Фотографија