Детското одморалиште Пелистер / 1985

Автор: непознат (сите дополнтелни информации се добредојдени)

Година на изведба: 1985

Локација: Национален Парк Пелистер, планина Баба

Извор:  архитектонска анализа на Ангела Лековска, дел од магистерскиот труд  Откривањето на заборавениот туризам: Архитектурата на хотели и одморалишта во Социјалистичка Македонија

Фотографии и технички цртежи:  доколку не е поинаку наведено, сите материјали потекнуваат од гореспоменатиот извор

 

Детското одморалиште Пелистер е сместено во срцето на истоимениот Национален парк на планината Баба. Основано е во 1927 од хрватскиот доктор и професор Андрија Штампар, по кого и го добива името „Штампаревац“.

Како санаториум за рехабилитација, комплексот кој се наоѓа на надморска височина од 1200 м. им нуди на посетителите свеж воздух и мирно, шумско опкружување. Како се зголемувала популарноста на комплексот, така тој се шири и добива уште четири нови павилјони.

 

 

Павилјоните од детското одморалиште „Штамперевац“ / извор: www.babambitola.mk

 

 

Видео од стариот комплекс Штамперевац во 1979г. / извор: www.babambitola.mk

 

 

Отворањето на првите ски лифтови на Пелистер во 1983г. дополнително ја зголемуваат популарноста на самото одморалиште. Две години подоцна одморалиштето го добива и последното дополнување, целосна зграда со комплексен архитектонски дизајн во стилот на jугословенскиот модернизам.

Неговите каскади и партерно уредување стануваат совршеното игралиште за децата кои доаѓаат од територијата на целата држава, со цел да го продлабочат своето природно образование, да ја подобрат здравствената состојба и да се рекреираат во природа.

 

 

Фотографија од детското одморалиште пред неговото затворање / извор: www.park-pelister.com

 

 

Oдморалиштето под закрила на Министерството за труд и социјална политика функционира до 2015 кога е затворено и ставено на продажба. Денес, речиси десет години подоцна, во исчекување на нови потенцијални купувачи објектот е целосно напуштен. Неговата надворешност и партерно уредување полека се зарастени и проголтани од растенија, додека внатрешноста е целосно затворена и оставена на забот на времето.

 

 

 

 

 Архитекотнски јазик

Дизајнот на зградата на Детското одморалиште Пелистер го одразува структуралистичкиот пристап на хотелската архитектура во Југославија. Ова подразбира расчленување на зградата во модуларни единици кои симетрично се распоредуваат и претопуваат во природниот пејзаж. Одморалиштето се состои од два правоаголни блока со девет идентични модули по кат, кои ја формираат буквата „L“.

Еден од фундаменталните архитектонски концепти е дијагоналната оска на симетрија која е видлива и од хоризонтална и од вертикална перспектива. Дополнително катовите се дијагонално поместени и конзолно висат над околната шума.

 

 

 

ПРОГРАМСКА ДИСТРИБУЦИЈА

Влезот, рецепцијата, заедничките програми и техничките простории го исполнуваат целото приземје, додека сместувачките капацитети се распоредени низ погорните катови. Партерот и приземјето се поврзуваат со низа влезови/излези, зголемувајќи ја интеракцијата меѓу ентериерот и екстериерот.

Вертикални комуникации се сместени во централната зона, и водат до симетричните краци кои се типолошки исти, но на секое ниво се поместуваат дијагонално за еден модул. Овој гест ја намалува зоната за за заеднички активности, која се наоѓа околу скалишниот простор. На приземјето таа е најголема, а на најгорниот кат најмала.

Секој кат има десет помали соби со четири кревети и шест поголеми, петкреветни соби. Сите соби имаат тоалет и тераса.

НАДВОРЕШЕН ИЗГЛЕД

Објектот се доживува од двете главни фасади, поставени на југ и североисток. Тие се разиграни со терасите кои модуларно се поместуваат по вертикала и хоризонтала, и постепено се претопуваат во околната шума. Овој гест ја акцентира дијагоналната линија на теренот и на самиот објект, која е дополнително истакната со едноводниот кров во центарот на објектот.

Приземјето ја следи истата игра на модули, но има поголеми прозорски отвори кои функционираат и како влезови.

 

 

 

 
ПАРТЕРНО УРЕДУВАЊЕ

Главен елемент на партерот се двете платформи на приземјето, исполнеи со жардињери и клупи совршени за детски игри и групни активности. Низа надворешни скали и патеки ги поврзуваат погорните катови со дополнителни околни платформи и со самото приземје.

Партерните елементи се користат за, уште повеќе, да ја разиграат архитектурата на комплексот. Сите потпорни ѕидови имаат различни намени, како површини за мурали со детска тематика, како потпора за дополнителни жардињери или клупи.

 

 

 

 

 

 

ДЕТСКОТО ОДМОРАЛИШТЕ ПЕЛИСТЕР КАКО АРХИТЕКТОНСКИ СПОМЕНИК

Ова одморалиште некогаш беше една од најпопуларните дестинации за „наставите во природа“, кога низа генерации доаѓаа тука за време на зимските и летните распусти. Покрај неговата сентиментална вредност, самиот објект се карактеризира со исклучителна архитектура која успешно ја исполнуваше својата програма со децении наназад.

Разиграната форма на објектот овозможува различно доживување врз основа на позицијата на гледачот. Секоја тераса дава донекаде различно просторно искуство, додека партерот го интензивира чувствотo на претопување во околната природа.

 

 

 

 

 

За жал, со секоја измината година од неговото затворање, комплексот се повеќе тоне во заборав и деградација.

Препознавањето на неговата вредност и актуализирањето на неговата архитектура ги зголемува шансите за потенцијално заживување, кое се надеваме дека наскоро ќе се оствари.