Долж улицата „Орце Николов“
25.06.2020 • Став
Пред некој ден, се најави реконструкцијата на улицата „Орце Николов“, заедно со „Аминта Трети“(Ленинова) и „Мирослав Крлежа“.
Проектот беше поздравен од повеќето читатели, поради неговото решавање на проблемот во овој дел на Скопје со пешачките и велосипедските патеки, како и паркирањето без да настрада постоечкото зеленило.
Визуелизација за престојната реконструкција
Кога размислуваме за Дебар Маало, и неговото значење за Скопје, треба да земеме в предвид дека на овој простор се среќава 100 годишно урбанистичко и градителско наследство.
По скопскиот земјотрес, во кој модернистите недоволно размислуваа како амбиенти од „Старо Скопје“ да се интегрираат, лесно се ослободувајќи се од истите, Дебар Маало и неколку улици околу плоштадот „Македонија“ се последните сведоци на таканареченото Европско Скопје.
И покрај немањето конкретен план на заштита на тоа малку оставеното, во Дебар Маало преживуваат единствените примери од периодот на еклектиката, модерни објекти под влијание на Баухаус, локалната и регионална модерна и постмодерна.
Станбени објекти на арх. Лудјек Кубеш
Долж „Орце Николов“ наидуваме на 3 објекти на Лудјек Кубеш, од кои 2 со претпознатливиот архитектонски потпис на извиени балкони , професорската зграда, потоа објект на Иван Артемушкин и инзвонредниот станбен објект на Глигорие Ташковиќ.
Индивидуален ст. објект ( според еден извор дело на арх. Лудјек Кубеш)
Селектиравме најмалку 10-15 објекти кои го заслужуваат вниманието, и за истите апелираме властите да превземат акција за нивно реставрирање, соодветно третирање и забрана во урбанистичките планови за нивна доградба, надградба и визуелно менување.
Станбен објект/ арх. Глигорие Ташковиќ / 1940 год.
Дебар Маало треба да добие статус на посебно подрачје и реконструкцијата на овие улици, можеби се добар почеток за истото.
Македонското општество многу малку ги познава сопствените градители, па табли на кои ќе пишува некој збор за објектите, година на изградба, име и презиме на авторите може да направат гест кој ќе создаде додадена вредност на улицата.
Сличен третман треба да добијат и улиците „Аминта Трети“ (Ленинова) и особено булеварот „Илинден“.
Скопје како град има многу загубено од своето архитектонско наследство, она што остана мораме да смогнеме сили да го зачуваме како жив сведок на градската историја.
Објект на арх. Иван Артемушкин
фотографии: Google street view
Автор на статија: Filip Koneski
Архитеконско наследство / Градителско наследство / Иницијатива / Орце Николов