Факултет за архитектура при МИТ Универзитет – Скопје

Денес разговараме за образовните процеси и професионалната надградба во Македонија во сферата на архитектурата, но и за теми поврзани со тековните случувања во македонската архитектура. Во фокусот е МИТ Универзитет – Скопје и Факултетот за Архитектура со кои се запознаваме подетално низ денешното интервју.  На повеќе теми денес разговараме со Деканот проф. д-р Ванѓел Дуновски.

 

Почитуван проф. Дуновски, најпрво да Ве претставиме на пошироката јавност. Која е вашата лична приказна во светот на архитектурата?

МИТ: Роден сум 1959 год. во Струга. Доктор на науки во областа на архитектонско проектирање на Универзитетот за архитектура и урбанизам Ион Минку (Ion Mincu University) во Букурешт, Романија. Овластен проектант, кој освен во обрзоваание, работам и во пракса како архитект со повеќе реализирани објекти од јавен, станбен и индустриски карактер, меѓу кои би ги издвоил следниве: хотел Димитрије во Дебарца, хотел Набизи во Струга, објекти за станбено колективно домување П+4+По во Дебар и Струга итн.

Во период од 1985 до 2006 работам во Алумина, а веќе од 2010 година работам во научно образовна област како професор на Факултетот за Архитектура при МИТ Универзитет – Скопје, каде што во 2015 година сум избран за Декан на факултетот. Моите потесни области на истражување се проектирање на јавни, стопански и индустриски објекти, дизајн и ентериер. Автор сум на бројни научни и стручни трудови од областа на архитектонското проектирање.

 

Како започна приказната на МИТ Универзитетот?

МИТ: Приказната за МИТ Универзитет – Скопје, започнува со неговото основање во 2007 година, од основачот, м-р Билјана Апостолова, со формирањето на Факултетите за Менаџмент и Информатички Технологии. Од академската 2008/2009 прераснува во универзитет со 6 факултетски единици, меѓу кои и факултет за архитектура.

 

Како одлучивте дека архитектурата треба да биде дел од вашиот образовен процес? Која беше клучната идеја?

МИТ:  Поаѓајќи од потребата да Архитектурата како професија во своите етички и морални кодекси бара широк и постојано отворен светоглед. За да се креира архитектура треба да се спознае човек, простор, услови на локација, контекст, закони, историја, потреба, функција… Тоа значи мотив и обид за разбирање на секој околу нас.

 

Дел од наставниот тим на Факултетот за архитектура, 2023 г

 

Во што се разликува Факултетот за архитектура на МИТ, од другите факултети?

МИТ:  Факултетот за архитектура при МИТ Универзитетот обезбедува наставна, научна и апликативна дејност преку изучување на светската архитектонска мисла и практика, но и негување и афирмација на традиционалните обележја и вредности на нашето неимарство. Факултетот редовно организира годишни и семестрални изложби и учествува на меѓународни работиници, изложби и конференции каде што им се дава можност на студентите да се промовираат со нивните проекти и соработуваат со нивните колеги од другите архитектонски факултети на Балканот. Исто така, факултетот е активен и во издавачката дејност, со објавени стручно-научни публикации, книги, научно списание, а секако се посветува големо внимание на стручната пракса на студентите од завршните години за да можат веднаш по дипломирањето и магистрирањето да бидат вклучени во современите архитектонски активности – проектирање, планирање и изведба на објекти. МИТ Факултетот за Архитектура ја третира новата архитектонска реалност изнаоѓајќи начини на трансформација на објекти и урбани простори со цел поуспешно справување, надминување и отфрлање на бариерите поставени од новите негативни реалности.

 

Во Македонија, тековно функционираат 9 факултети за архитектура. Дали овој квантитет сметате дека е во корист на квалитетот или државата треба поинаку да го менаџира овој процес?

МИТ:  Нашето мислење по оваа тема е дека државата е таа која преку инструментите ја набљудува оваа ситуација и преку доделувањето на акредитации опстојуваат тие кои имаат мисија да образуваат кадри кои ќе претставуваат голем работен потенцијал, кој ќе работи не само во Македонија, туку и било каде во светот. Нашата цел е секогаш да бидеме во тек со светските современи архитектонски трендови. Со таа цел сме горди на новата акредитирана студиска програма по архитектура за 1 и 2 циклус, каде што областите и предметите кои се изучуваат се формирани според европските архитектонски побарувања.

 

Годишна изложба 2022 – дел од изложените урбанистички проекти

 

Неодамна, Факултетот за архитектура при МИТ Универзитетот, ја обнови својата акредитација. Дали истата донесе некои новитети во образовниот процес?

МИТ:   Секако дека неодамна донесената акредитација на Студиската програма на Факултет за архитектура носи новитети, усогласени со потребите на стопанството и науката. Студиската програма за изучување на архитектурата и урбанизмот на МИТ Универзитетот има за цел да понуди напредно знаење и разбирање на современите архитектонски и урбанистички прашања, како и да обезбеди солидна теоретска основа за актуелната глобална архитектура. Новата наставната програма ќе овозможи студентите да се стекнат со знаења за односот помеѓу архитектурата, урбанизмот, екологијата и заштитата на животната средина, како и влијанието на човекот врз изграденото и природното. Преку новата програма ќе се истражуваат, анализираат и учат сите можностите за интеграција на поединечните фактори (архитектурата, урбанизмот, екологијата, животната средина и човекот) за функционирање во заеднички систем преку различни процеси: општествени, културни, безбедносни и економски.

Во однос на претходната наставна програма, новитетите претставуваат изучување на 4 предмети од областа на архитектонски компјутерски програми, како и изучување на BIM технологии, нови предмети во доменот на архитектонската психологија и филозофија, и предмети во дејноста на урбанизмот преку законската регулатива и планирањето. Со тоа се создаде мултидисциплинарен приод на изучување на архитектурата, урбанизмот и дизајнот.

 

Годишна изложба 2022 – проекти од темата:  пост ковид архитектура

 

Годишна изложба 2023 макети од завршни проеки

 

Дали во нашата земја се следат светските текови во однос на образованието во сферата на архитектурата и урбанизмот? Дали сметате дека чекориме рамо до рамо или постојано трчаме да го стигнеме возот?

МИТ:   Секако дека факултетите за архитектура во нашата земја се освестија и почнаа да ги следат светските текови во однос на образованието во сферата на архитектурата и урбанизмот, а за тоа сме сведоци дека многу наши дипломирани архитекти се наоѓаат на пазарите во светот. Нудиме современа наставна програма која опфаќа теоретски дискурси и практични вежби во областа на архитектурата. Идниот профил на кадри треба критички да ги анализира тековните просторни политики и предизвици и меѓусебно поврзаната природа на еколошките потреби со изградената средина, притоа придонесувајќи за развој на еко-архитектурата во државата. Соочувајќи се со светските климатски и просторни промени и предизвици, архитектурата и урбанизмот на нашата држава добива нов карактер на кој само добро едуцирани и обучени кадри во областа на архитектурата можат соодветно да одговорат.

 

Учество на БИСТА 23

 

Изминатите 5 години, се случува извесно придвижување на домашната сцена. Се повеќе се отвораат нови студија, кои работат бескомпромисно во однос на сопствениот дизајн. Се повеќе млади македонски архитекти добиваат меѓународни награди и признанија. Од вашето тековно искуство, како студентите ја перцепираат домашната сцена, дали создаваат идеја да придонесат во развој на истата или размислуваат за миграција? Кој е вашиот впечаток?

МИТ:   Денес, преку информатиката и социјалните мрежи архитектите имаат можност да бидат во тек со случувањата на архтектонскиот пазар, така што ако младите архитекти се посветени и вложуваат во своето дополнително усовршување, можат да работат секаде каде има побарување. Многу е важна нивната едукација како и можностите што државата треба да ги понуди за да младите инженери останат во државата и да придонесуваат за општествениот развој.

 

Учество на БИСТА 23

 

Каков е ставот на стручниот кадар на Факултетот за архитектура во однос на изминатите две децении во поглед на развојот на македонските градови и урбанистичкиот хаос кој го доживеавме? Дали фелата до толку беше немоќна да влијае или беше слабо организирана?

МИТ:  Сепак мислиме дека фелата беше послабо организирана, во однос на изминатите две децении во поглед на развојот на македонските градови и урбанистичкиот хаос кој го доживеавме. Наспроти сите современи урбанистички и архитектонски тенденции што се одвиваат во современата архитектура, Скопје доживеа да биде архитектонски возобличен и урбанистички недефиниран простор на кој што сакаа да изигруваат и да планираат град. Сето тоа допринесе да има несогледливи последици како во урбанистичко архитектонскиот така и во општествениот, меѓутоа и во образовниот процес на идните генерации. На студентите на архитектура со особено внимание треба да им се објаснат насоките и современите начини за понатамошното архитектонско урбанистичко планирање на градот во напорите тој да се возобнови и од него да произлезе град со современи урбанистички и архитектонски вредности. Позитивен однос во овие напори прави младата генерација на архитекти и урбанисти, кои што сакаат, и се во контакт со сите стручни текови во делот на урбанизмот и архитектурата во светот.

 

Доц. м-р Балкоски и проф. д-р Дуновски на меѓународна изложба на проекти во Белград

 

Како да ги промениме работите кон подобро?

МИТ:   Сега постојат институции и со правилна примена на законите, може да се донесат работите кон подобро. Новото раковоство на Комората на овластени архитекти и инженери – КОАИ, создава услови и допринесува за подобрување на инженерската дејност како и заштита на трудот на архитектите. Исто така и новото раководство на ААМ ја промовира современата архитектонска и урбанистичка мисла на младите архитекти преку проекти и изведени објекти. Истовремено, потребно е општините за сите нивни урбанистички и архитектонски планови да организираат конкурси каде што ќе може архитектите и урбанистите да ги искажат своите идеи и придонесат архитектонски развој на општините и регионите.

 

Скопје функционира поделено на 10 општини паралелно со градската управа. Сите тие имаат свои ингеренции, но и право за сопствено урбанистичко планирање. Впечатокот и искуството пожака дека ваквата поделба повеќе носи проблеми отколку решение. Тековно во очекување на новиот ГУП за градот, професијата е скептична дека истиот ќе донесе некакви поголеми промени. Па во тој контекст, како размислувате за Скопје, кој е начинот да се врати визијата за градот феникс?

МИТ:   Најпрвин сме во очекување и потреба на донесување на новиот Просторен План на РСМ каде што ќе се дефинираат правците на развој на просторното и регионалното планирање, кое што пак, ке треба да го дефинира и развојот на градот Скопје преку донесување на новиот ГУП, што е во изработка. Функционирањето на градот Скопје со 10 општини сепак претставува законска обврска од Законот за територијална организација на државата, каде што организацијата е спроведена според повеќе сегменти – економски, социјални, финансиски, образовни итн., а архитектонско-урбанистичките се најважниот дел од територијалната организација. Враќањето на градот-феникс треба да биде преку взаемно дејство од сите горенаведени сегменти за да се постигне посакуваната цел поготово во овој период кога Скопје во 2028 г. ќе биде европски град на културата. Тогаш треба да покажеме дека Скопје израсна од град на солидарноста во град на културата, хуманоста, екологијата, инклузивноста и одржливост, како град со европски вредности.

 

Ви благодариме на одвоеното време!

 

 

 

спонзорирана содржина