Генеративна Уметност: Инспирација или Имитација

„Генеративна Уметност: Инспирација или Имитација“ е проект на академскиот уметник Роберт Цветковски во соработка со архитектонското студио АРХИКС, кој истражува еден аспект од влијанието на префинетата уметност врз архитектурата. Резултат на проектот беше изложба во Gallery MC во Њујорк која траеше од 28.08 – 05.09.2023, под покровителство на Министерството за Култура на Северна Македонија. Роберт Цветковски е присутен на македонската уметничка сцена повеќе од 30 години и со своето современо апстрактно сликарство ја претставувал Македонија со 35 самостојни и над 200 групни изложби во САД, Кина, Турција, Франција итн. и е дел од уметнички колекции низ целиот свет.

Уметничките дела отсекогаш биле извор на инспирација, како на уметниците од иста сфера, така и на уметниците од различни сфери во културата, применетата уметност и архитектурата. Меѓутоа, често зад тврдењето за „инспирација“, се крие „имитација“.

 

 

Инспирацијата, му дава почит, гради врз уметничкото дело и напредува независно во нова насока, поттикнувајќи нови идеи и проширувајќи го разговорот попатно. Од друга страна, имитацијата, едноставно се обидува појде по патот на најмал отпор, копирајќи го веќе кажаното, мрзливо репродуцирајќи го веќе виденото.

Каде е границата меѓу инспирација и имитација во свет на брзо и глобално споделување идеи, проблеми со заштита на авторски права, свет на брза и евтина продукција и маркетинг, каде акцентот се става на естетика наместо етика?

 

 

Ова е истражено од страна на архитектите Ален Цветковски и Натали Велеска преку земање на мотив од делата на академскиот уметник Роберт Цветковски и нивна маниплулација преку различни мисловни процеси и дигитални медиуми, каде резултатот е архитектонски концепт или проект директно евоциран од самото уметничко дело (архитектонски концепт, детаљ од објект, дури и урбанистички план). Дали може секаде да се примени овој принцип? Дали може да создаде употреблив резултат?

Дали ги повредува авторските права? Ова истражување покажува дека границата е тенка и скоро секогаш субјективна. Заклучокот е дека овие финални производи директно инспирирани од уметничкото дело, мора повторно да поминат низ процес на рафинирање на мислата, за да може самите да бидат креативно, оригинално и применливо дело што ја прави разликата меѓу имитација и инспирација.

 

 

 

Резултатите се прикажани преку изложување на самото уметничко дело од кое е земена инспирација, заедно со проектите кои се инспирирани од секое дело, прикажани преку повеќе скици (процесот на преработување и рафинирање на првичната инспирација) и дигитални фото-манипулации (финалниот концепт).

Повеќе информации за изложбата на веб-страната на Роберт Цветковски и веб-страната на Архикс Студио.