Хотел „Бисер“, Струга / 1975

Година: 1975

Автори: Тодор Паскали

Извори: Архитектурата во Македонија 1969-1989, Александар Кочишки

Локација: Калишта, Струга

 

Хотелско-туристичкиот комплекс „Бисер“ е лоциран на западниот брег на Охридското Езеро, и е оддалечен само неколку километри од градот на поезијата Струга. Местоположбата ја карактеризира богатство на пејзажи, на споменикот од историското наследство-манастирските конаци, како и крајно неповолна теренска топографија. Објектот е легнат на стрмна карпеста падина која оневозможува нормално развивање на проектантската идеја.

 

Фото: https://oldthing.de/
Фото: https://we.com.mk/package/biser/

 

Токму во тие и такви теренски специфичности творецот Паскали ја гради основната идеја на хотелскиот простор. Крајниот резултат е поволен: добиен е современ објект со современ ликовен израз надополнет со елементи од традиционалното градителство. Зградата успешно се вклопува во амбиентот бидејќи со целиот свој волумен е легната на карпата и претставува нејзин составен дел.

 

 

Фото: Архитектурата во Македонија 1969-1989, Александар Кочишки

 

Се добива впечаток дека од пејзажот извира архитектурата. Како резултат на ваквиот просторен концепт, хотелските единки се лоцирани во погорните катови, а во ниското и високото приземје останатите простории: холови, ресторани, кафе-сали, диско-клуб со автохтони белези, сали за разонода и сл. Откриените и наткриени тераси, уредениот кеј, платформите за сончање и целокупното партерно уредување го надополнуваат впечатокот за објектот.

 

Фото: Архитектурата во Македонија 1969-1989, Александар Кочишки

 

Близината до богатата архитектонска традиција со која обилува охридско-струшкиот регион придонесе некои особености да се трансформираат и во надворешното обликување: еркерите, стреите, покривите од црвени ќерамиди, хармоничниот ритам на прозорите, темните опшивки и гелендери, белите фасадни површини, камените ѕидови, се елементи со кои се идентификува ликовниот изглед на објектот. Со архитектонското дело амбиенталните вредности не се само зачувани, туку и облагородени.

 

Текстот е во целост пренесен од изворот.

 

Во подоцнежните години хотелот „Бисер“ претрпува надградба.

Автор:
Тодор Паскали
Соработници:
Драган Милески, дипл. град. инж.
Јордан Мојсовски, дипл. град. инж.
Нестор Ангеловски, дипл. град. инж.

Година на проектирање: 1987

Година на изведување: 1988

Инвеститор: ХЕЦ „Глобочица“ – Струга

Новиот дел на хотелот „Бисер“ е лоциран на карпата над ресторанот и хотелскиот тракт во две крила со висина од П+1 и П+2 ката, наменети исклучуво како станбени простори. Во приземјето на стариот хотел, се ослободи многу квалитетен простор во приземјето на хотелскиот тракт, сега наменет за клуб на гостите, снек-бар и ТВ и дневен престој. На 7 и 8 кат во централниот дел, каде што е поместен лифтот што ги носи гостите од 4 до 7 кат се оформија две платформи што пружаат одлични панорамски глетки на поблиската и подалечната околина.