IN MEMORIAM: Вера Ќосевска 1929-2024
19.08.2024 • Информации
Викендов не напушти една од најголемите македонски жени архитекти, Вера Ќосевска, која доживеа 95 години и остави огромен архитектонски опус позади себе.
Ќосевска Вера (Ротман), родена е на 27 март 1929 год. во Осијек – Република Хрватска. Ќерка е на Јелка и Стјепан Ротман, а сопруга на Владимир Ќосевски, дипл. инж. арх. Живее со семејството на синот Стевчо Ќосевски.
Вера Ќосевска на отворањето на Албанскиот театар (Театар на народностите)
фото: Асја Муча
Сo архитектура и градежништво се запознава уште во детството. Вујко и (брат на мајка и Јелка) бил инжинер-архитект, кој живеел во Загреб, но градел многу објекти во Осијек. Таа често одела со него на градилиште каде гледала како мајсторите работат.
Кога требала да одлучи за својата идна професија, немало дилема – се одлучила за Архиттектура.
Фото: ПОРТА 3
Основно образование завршила во Осијек, а гимназија учела во Загреб и Белград, каде положила матура во јуни 1948 година. Во септември 1948 год. се запишала на Архитектонски Факултет при Универзитетот во Белград, каде дипломирала на 25 јуни 1953 год. со одличен успех, во класата на професор арх. Станко Клиска, со проект: Болница за костнозглобна ТБЦ во Калиште на Охридското Езеро.
По дипломирањето со сопругот доаѓа во Македонија и на 1 август 1953 год. се вработила во проектантското биро на Македонија “Проектант” во Скопје.
Во 1954 год. со сопругот го оформиле првото проектантско биро при Општинското Собрание во Охрид. Работела и во секторот за урбанизам и архитектура во Собранието на скопската околија. Од 1959-1961 работи во проектантско претпријатие “Агропроект” во Скопје, од каде преминала во ООЗТ “Пелагонијапроект”, кое било оформено по спојувањето на “Проектант” и ГРО “Пелагонија”. Тука работела се до пензионирањето.
На 30 јуни 1959 год. положила државен стручен испит со кои ги стекнала овластувањата за проектирање и за градба на објекти од сите области на високоградбата.
Продолжете со читање на обемната биографија >>>
Во нашата архива постојат повеќе објави поврзани со нејзината работа, некои од нив можете да ги погледнете во продолжение:
АРХИТЕКТОНСКА ИЗЛОЖБА: ЖЕНИТЕ АРХИТЕКТИ ВО ПОСТЗЕМЈОТРЕСНАТА ОБНОВА НА СКОПЈЕ
Автор на статија: Filip Koneski