Како се планираше постземјотресно Скопје / разговор помеѓу арх. Мимоза Томиќ Несторова и Павел Вељаноски

 

Архитект Мимоза Томиќ Несторова е еден од главните урбанисти од македонскиот тим при постземјотресната обнова на Скопје. Во ова интервју, предводено од Павел Вељаноски, таа раскажува за подготовките и процесот на дизајнирање на новиот урбанистичи план, соработката со тимот од Полска, и за периодот што следуваше откако странските експерти ја напуштија бината.

 

 

 

 

ПВ: Планирање на град, само по себе звучи комплексно. Со оглед на тоа дека функциониравте во исклучително динамичен, тензичен период, како се постави целосната методологија на работа и структура на тимови кои работеа интегрирано на овој проект?

 

MТН: Експерти на ОН дојдоа и прво што побараа е да ги видат сите претходни планови. Направија опсервација скоро десет дена од која извлекоа елементи и ги поставија како клучни, како што е малиот ринг кој е поставен уште од 1914 година со планот на Димитрије Леко. Нивниот коментар беше дека за да се направи нов план, треба аргументирано да се надогради стариот во контекст на времето во кое живееме.

Полскиот архитект и урбанист Адолф Циборовски од страна на Обединетите Нации беше избран за проект менаџер. Тоа не беше случајно, туку неговото назначување на оваа позиција при обновата на Скопје се случува неколку години откако тој се прослави со позицијата на проект-менаџер при обновата на градот Варшава.

Циборовски беше проект-менаџер на целокупниот интернационален тим кој допатува во Скопје. Најпрво ние самите се поставивме во подредена позиција во која очекувавме дека ќе слушаме наредби и ќе исполнуваме задолженија, но тој спротивно на тоа, кога разговаравме беше авторитет и тоа што го кажуваше професионално го образложуваше, но истовремено го почитуваше мислењето на сите во тимот. Имаше истовремено одлична комуникација со раководителите на тимот, но уште поважно и со општината и политичката структура. Беа постојано синхронизирани. Многу беше битно бидејќи постоеше работна група од градоначалникот кои се бавеа исклучиво со економски истражувања и тие преку Циборовски ни даваа повратни информации. Ние немавме урбо-економист, но подоцна од групата која работеше на економските прашања во општината, израснаа големи личности и експерти за урбаната економија, како што е Марија Ботева. Циборовски формираше и советодавен одбор со експерти од ОН од различни земји. Секое завршено подглавје одеше преку советодавниот одбор, кои како група доаѓаа во Скопје и остануваа по една недела во која ги разгледуваа извештаите, а во наредните денови имаа прашања и сугестии. Советодавниот одбор беше составен од експерти од Обединети Нации како што беа професори на Беркли и Колумбија, Унивезитетот од Њу Јорк, експерти од Русија за сеизмологија, и останати од целиот свет.

Циборовски беше столб. Секој концепт што ќе се создадеше му се покажуваше него, а тој како да имаше дупли наочари, веднаш ги согледуваше болните точки и ни посочуваше на што и како да му посветиме внимание.

 

 

 

Проект менаџерот А. Циборовски го презентира нацрт концептот за скопскиот мастер план (Skopje Resurgent, 1970, p. 104)

 

 

 

Станислав Јанковски беше раководител на полскиот тим. Тој повеќе водеше сметка за урбанистичката група како и за организацијата и реализацијата на планот. Од кога ќе се постават елементите на планот треба да се обработи и економскиот апсект, но и да се изработат цртежите и техничките документации. Македонската група активно работеше во исцртување на плановите. Тие служеа како подлога за анализа и дискусија помеѓу сите работни групи, ревизионата комисија и надзорот, а подоцна се составуваа финалните подлоги. Тој дел особено успешно го координираше господинот Станислав Јанковски.

Од социлошката студија, која за прв пат ја воведоа полските урбанисти, добивме статистички податоци за капацитетот и бројот на жители на градот. Потоа се направи прогноза и се предвиде колку може Скопје да се развие до 1985 година, со таа инфраструктура која ја има и со тоа што треба дополнително да изгради.

Распоредот на станбени зони на територијата на Скопје со таа инфраструктура и со дополнителни иновации, со цел да се постави рамнотежа, се распореди на 80 000 жители на исток, 80 000 жители на запад и по 40 000 жители на север и југ. Постепено правевме студија на станбен простор, кое беше сработено координирано со бројот на жители во семејството. Основна работна единица беше дефинирана како „маало” и таа беше одлучено да биде со капацитет од 4500 жители, а во неа дополнително мора да се обезбедат основните услови, снабдување со ресурси, амбуланта, градинка, евентуално предшколска возраст. Две такви единици, мораат да имаат основно образование и во таква единица мора да има и гимназија. Така теоретски се развиваа населбите. Најпрво планиравме со 6000 жители во еден кварт/единица, но Адолф Циборовски советуваше дека најрационално и најдобро е со 4500 жители, бидејќи 6000 е веќе мало градче. Така и се одлучивме за овие параметри. Ова допринесе да се планираат населби во кои е овозможено безболно пешачко движење, што оди во прилог на процесите на оставање на деца во градинка, процесите на снабдување со секојдневни ресурси без да се троши многу време итн. Многу се водеше сметка не само за движењето да биде пешачки совладливо, туку и да е рационално, да не се троши многу време и енергија на секојдневните неопходни процеси. Истовремено мораше да се направи документација на објекти и да се создаде метод на тоа кои ќе се задржат, кои ќе се корегираат, а кои ќе се срушат за да се изградат нови.

 

 

 

Модел за резиденцијални единици (Report on Master Plan, Volume 5)

 

 

 

Хиерархијата на центри се создаде заради тоа што централното подрачје е посебно третирано, додека пак реонските центри треба да добијат програма со која ќе го растеретат главниот центар. Дури и во тоа време постоеше интенција од жителите да живеат во централното подрачје, но тоа се должеше  на немањето превозни средства за транспорт и слаб економски капацитет за да си овозможат такво движење.

 

 

 

Модел на градската структура (Report on Master Plan, Volume 5)

 

 

 

 

Класификацијата на улици ја работеше господин Станислав Фурман, стручњак, сообраќаен инженер, кој оваа тематика ја работеше заедно еден наш архитект од Завод за урбанизам и архитектура. Тој го раководеше секторот за сообраќај и инфраструктура во кој работеа експерти од Америка и Белград заедно со вработени во Завод за урбанизам и архитектура. Со него дополнително соработувавме во Скопје. Ретки се тие инженери кои се бават со градскиот сообраќај. Таа проблематика е комплицирана бидејќи постои хиерархија на артерии, капилари, крстосници и слично. Неговата работа е во тесна релација со концепцијата на урбанистите.

Заедно со господин Богдан Випорек работевме на индустриските зони, источната, но и западната зона која ние инсистиравме да се постави во планот. Голем труд посветивме да ги убедиме дека е потреба и западната зона, а тоа го постигнавме преку анализите за зголемен интензитет на движење и непотребен метеж кој се создава во градот доколку не постои западната индустриска зона која на жителите од западниот дел ќе им овозможи многу работни места. Западната индустриска зона ја испланиравме многу флексибилно. Целата територија беше поделена на модули, така што му беше овозможено на секој од инвеститорите да откупи простор во однос на неговите потреби и моментални можности. Истото овозможува и понатамошно ширење при развој на капацитетите без да наштети на целината. Тоа значеше дека успеавме да го дисциплинираме индустрискиот простор, на ниво како што беше постигнато со станбениот простор.

Најинтересното е тоа што овие дискусии се водеа можеби и цела недела, но цртавме за два дена!

 

 

 

Баланс помеѓу работата и домување (Report on Master Plan, Volume 5)

 

 

 

ПВ: Дали како причина за дисконтинуитетот во спроведување на планот може да се смета политичкиот предимензиониран моментум кој ја навлече светската експертиза во Скопје, момент кој се спротиставува на локалниот капацитет на институциите на кои планот е оставен во наследство?

 

MТН: Идејата за Скопје како град на Солидарност во тој период беше иницирана од Југославија и секако способноста на Јосип Броз Тито, кој со таа активнот ги навлече источните и западните експерти на тлото на Југославија кои почуствуваа дека на овој терен можат едни со други да ја пробијат железната завеса, а Југославија со тоа да обезбеди поголеми симпатии кај сите.

Сепак ако се осврнеме на сработениот проект од оваа голема иницијатива, за многу работи кои литературата убаво ги постави немаше одзив од институциите кои го егзекутираат планот, немаше доволно капацитет за да го реализираат, или ќе одат спротивно на планот и ќе го банализираат проблемот за да избегаат од решението.

Пренаселеноста до 1985, но и слабата реализација на планот од 1963 година, се должи на лошата политика на градот кој не водеше доволно грижа и не комуницираше редовно со Заводот за урбанизам и архитектура кој ја поседуваше целосната документација, стручен кадар и континуитет. Влегувањето во конфликтен однос на градот со Заводот за урбанизам и архитектура беше дополнителна причина. Градот започна да ја дели и расцепкува структурата на Заводот за урбанизам и архитектура и ги прибираше експертите во републичкиот Завод за урбанизам. Со самото тоа и големите проекти за градот повеќе не беа работени од Заводот за урбанизам и архитектура, туку од Републичкиот завод по сосема други теркови без почит за планот од 1963 година.

Циборовски е поканет во Скопје по повод 10, 20 и 30 години од земјотресот и кога почина направивме комеморација за него. Во тој аспект ние оддадовме некаква почит према него, меѓутоа најголемата почит ќе ја постигневме со користење на неговото присуство и креирање на услови за евалуација на планот која ја спомнуваше многу често за време на изработка на планот. Доста често споменуваше дека за 5 до 7 години треба да се направи првата евалуација. Станислав Јанковски пак, кога го предаваше планот го кажа следново – „Архитектите се среќни, тие после 2 години можат да си го видат проектот, додека пак урбанистите ако доживеат ќе го видат”. Според тоа, ние сме сведоци на многу работи кои не се во посакувана насока, но немаме механизми да ги корегираме.

Во однос на покренување на проект за ревизија на планот имав прилика да разговарам со еден од секторските директорите во Обединети Нации во моментите кога јас бев директор на Заводот за урбанизам и архитектура. Со него заклучивме дека до Обединети Нации треба да се достави допис за изработка на оваа ревизија, а преку тоа да се испрати и стручна екипа во Скопје која би ја утврдила професионалната и финансиската рамка за еден таков проект, но дека воопшто не би било проблем такво нешто да се покрене со средства обезбедени од Обединети Нации. Меѓутоа јас како раководител на Завод за урбанизам и архитеткура немав правна можност сама да го испратам тој допис до Обединети Нации. За тоа го известив градското собрание при град Скопје и Министерството за Урбанизам. Кога тоа го спроведов, колегите од комитетот за урбанизам реагираа на тоа дека ова е идеја со која само Заводот за Урбанизам сака повторно да се здобие со експертска и финансиска помош и дека е личен интерес. Идејата се сведе дека се работи за желба да добиеме нова технологија за Заводот за урбанизам и ништо друго.

Ние баравме од нашите политичари помош во одредени моменти и во добар дел ја добивме. Главниот проблем за ненадоврзување на генералниот план од 1963 можеби се должи и на немањето на институт кој е способен интегрално да го планира и развива градот, а не парцијално како што тоа го правиме од после земјотресот до денес.

 

 

 

Полските урбанисти во нивната канцеларија во Скопје (Skopje Resurgent, 1970, p. 104)

 

 

 

ПВ: Што претставува најголема придобивка од ова партнерство со полските урбанисти за време на изработката на планот за Скопје, за вас лично како и за целиот тим на македонски архитекти и урбанисти кои беа дел од таа соработка?

 

MТН: Јас работев со пољаците и можам да кажам дека сум воодушевена од нивото на нивната култура. Секогаш бараа мислење од домашните урбанисти, немаа суета, беа задоволни од тоа што ние ги снабдивме со домашна документација. Беа многу внимателни во секојдневната дискусија. Јас лично имав посетувано единствено еден курс за социологија, знаејќи го тоа тие беа премногу внимателни да не ме навредат ако нешто не знам. Господин Зигмунд Пиоро, раководителот на тимот кој го изработуваше Социјалниот преглед на Скопје после земјотресот, постојано ми даваше одредена литература која ја студирав во текот на ноќта за да бидам запознаена со работата следниот ден. Со таквиот однос ја развиваа едукацијата паралелно со проектот.

 

 

 

 

Краен извештај за социјалниот преглед за урбанистичкиот план, подготвен од тимот  во кој учествува и арх. Томиќ Несторова

 

 

 

Стручната соработка исто така беше извонредна. Тие бидејќи веќе имаа искуство во изработка на така комплексни планови, помогнаа градот да се издигне од голема депресија и кризна ситуација. Методологијата веднаш се постави и се бараше формирање на тимови и план за работа. Полските експерти беа особено стручни за реконструкција на градови. Проблемите многу брзо се поставија на маса и се знаеше за што треба да се бара решение. При секој урбанистички план најбитна е целта на планот. Тука стануваше збор за реконструкција на градот во еден несреќен постземјотресен момент, а истовремено се размислуваше и на моментот на иновација. Атинската повелба на Корбизје беше теоретски поставена во сите книги, затоа што обезбедуваше станбен, деловен и рекреативен простор, и токму од таа причина се бараа старите планови на градот за истите да се стават во релација со новите глобални стандарди. Бидејќи полските архитекти ова го имаа веќе во нивното искуство, беа раководители на проектот, а ние бевме среќни да соработуваме со нив и да учиме од нив. Методологијата се постави на најмодерен начин. Доказ за тоа е фактот што во ниеден претходен план на ниво на Југославија немаше обработка на Студија на Социолошката состојба, која беше изработена во Скопје и служеше како патоказ за одлуките на планот.

Професионалната култура која ја поседува тимот на Полските урбанисти, ја немаше во ниту еден од другите тимови. Таа можеше да се почуствува единствено во соработка со нив.

 

 

 

Станислав Јанковски го презнтира просторниот концепт за Скопје (The United Nations scientific and Technical Aid to Skopje, 1964)

 

 

 

Атмосферата после заминувањето на колегите од Полска, беше тажна за нас, повеќе ја немаше таа динамика. Додека работевме со нив ние многу пријатно и сигурно се чувствувавме. Господинот Циборовски знаеше во кое време точно да ни димензионира една фаза од истражувањето, да го викне советодавниот одбор, без чие одобрение не се продолжуваше во следна фаза, да се корегираат забелешките и да се продолжи. Со многу малку грешки се изработи планот, следејќи ја методологијата на Циборовски и неговиот советодавен одбор.

Атмосферата се промени кај нас и ние почнавме едни со други да се почитуваме и едни со други да комуницираме, тоа беше една голема придобивка. Оваа професионална култура го подигна нивото на соработка и во Заводот за урбанизам и архитектура откако експертите не напуштија. Тој однос другите екипи не го создадоа бидејќи беа прагматични и прилично затворени, а нашите соработници беа третирани како техничка снага. Релацијата со тимот од Варшава се темелеше на колегијалност и соработка. Беше многу интересен и убав тим и тоа се придобивки кои создадоа трајна промена кај секој од учесниците.

 

 

ПВ: Какво беше суштинското значење на овој план за градот Скопје, како подлога за предизвиците со кои се соочува веќе половина век од како што е изработен?

 

MТН: Подлогата која ние ја имавме со тој проект, е еднаква на теоријата за паметен град која на големо се споменува денеска на глобално ниво. Тоа се постигнува најпрво со близината на индустријата што значи помал интензитет на сообраќај, помалку трошоци и слично. Втората причина се присуството на тн. хумани простори во градот кои беа застапени во целокупниот план, како и во проектот на централното градско подрачје по планот на Кензо Танге, во делот на републичкиот и културниот центар каде беа сместени сите градски содржини, банки и министерства, но за нив беа обезбедени и огромен број на јавни простори богати со зеленила, пасарели и пијацети кои го поврзуваа јавниот простор со водата и кејот на река Вардар.

Хуманиот концепт на планот беше застапен и на генерално ниво, а тоа може да се воочи со планираните зелени појаси покрај реката Вардар и попречните зелени коридори кои ја поврзуваа планината Водно на југ со реката на север. Нивната функција не беше само еколошка, туку пред се интегративна, бидејќи преку нив се поврзуваа станбените зони помеѓу себе, но и со централното подрачје. Едноставно можеше да се оди низ парк од западната до источната зона на градот преку тој појас на рекреација.

Сумирано, сите елементи на овој план претставуваат основа за современите размислувања на паметен, еко град со кои сме соочени секојдневно и за кои бараме решение. Овој план беше наша подлога за тоа решение.

 

 

 

Организација на објекти, туристички и рекретивни површини во зелените зони близу градот (Report on Master Plan, Volume 5)

 

 

 

Зелени површини, врски помеѓу Водно и Скопска Црна Гора (Report on Master Plan, Volume 5)

 

 

 

Разговорот со архитект Мимоза Томиќ Нестороска е реалзиран како дел од истражувањето за Улогата на полските урбанисти при обновата на постземјотресно Скопје во рамки на стипендијата „Thesaurus Poloniae” која ја доделува Интернационалниот Културен Центар (http://mck.krakow.pl) од Краков, финансирана од Министерството за Култура и национално наследство на Република Полска. Како стипендист на програмата, архитект Павел Вељаноски го спроведува овој разговор во месец Август 2018 година во Скопје. Како дел од истото истражување, реализирани се дополнителни разговори во Варшава со Stanisław Furman, Wojciech Suchorzewski и Bogdan Wyporek, претставници на тимот Polservice.