Изложба: Архитектонско и урбанистичко решение за нов студентски кампус / Интегративно студио при АФС
08.03.2023 • Изложби
Локација: КСП Центар - Јадро
На 06.03.2023 се отвори изложбата на импресивните студентски трудови на тема „Архитектонско и урбанистичко решение на нов студентски кампус“ во Културно социјалниот простор – „Центар Јадро“.
Интегративно студио, 9 семестар 2022 / 2023 год.
Тема: Архитектонско и урбанистичко решение за НОВ студентски кампус
Локација: Кеј на реката Вардар (Судска палата), Скопје Педагошки
Тим: Проф. д-р Михајло Зиноски, раководител, Котларовски Игор диа., Александра Марсениќ Крајчески спец. арх, Наташа Тодоровска Пренк диа.,Оливера Ќоќоровска Митиќ диа., Јана Брсакоска м.арх.
Во процесот на транзицијата, после осамостојувањето на Р. Македонија, голем број делови и урбани единици во градот Скопје останаа плански и просторно недефинирани. Една од тие урбани целини е т.н. блок на „Судската палата 1“, во кој се наоѓаат најзначајните јавни објекти од национален и општествен стандард во градот Скопје. Преку програмско и просторно истражување во предметната област, проектната задача претпоставува „иден модел“ на студентско домување и учење како дел од кампусот на УКИМ а воедно и просторно дооформување на урбаниот блок „Судска палата 1“. Студентите ги анализираа веќе постоечките студентски капацитети во Скопје на програмско и типоморфолошко ниво. Преку препознавање на генеричките обрасци на постоечките објекти, анализата имаше за цел воспоставување метода на трансфигурација, трансформација и транскрипција во нови типолошки конфигурации. Предложените архитектонски решенија во студиото истакнаа неколку аспекти за важноста на локацијата: присуството на јавна општествена институција во централното подрачје на градот Скопје, студентите како идна интелектуална елита на државата се корисници на објектот и високиот стандард на времено домување во објектот изразен преку содржините кои тие ги акомодираат.
“Водејќи се од потребата за нови студентски домови, студентски визии, потреби и перцепции студентите во 9-от семестар се одлучија за изработка на студентски кампус источно од зградата на Македонската Радио Телевизија. При изработката добија и директна помош од архитектите вработени во општината која е плод на долгогодишната соработка меѓу општината и Архитектонскиот факултет.“ – Горан Герасимовски
Погледнете ги фотографиите од отворањето на изложбата „Архитектонско и урбанистичко решение за нов студентски кампус“.
Изложбата трае до 10 март, а може да ја погледнете секој ден од 10:30 до 16:00 часот.
Автор на статија: Martina Shteriova
АФС / Интегративно студио 9 / КСП Центар Јадро / Нов студентски кампус / судска палата / УКИМ - Скопје