Вечерва отворање на изложбата во чест на Борко Лазески

Денес во 19 часот, во просториите на Даут пашиниот амам, ќе се отвори изложбата во чест на големиот македонски сликар Борко Лазески. На истата и претходеше промоцијата на монографијата за неговиот лик и дело во МАНУ, која ќе имате можност да ја набавите на отворањето по промотивна цена. Настаните поврзани со дејноста на овој голем деец, ќе бидат заокружени со предавањае на 28ми овој месец, во 12 часот.

Борко Лазески (Прилеп, 22 октомври 1917 – Скопје, 16 јуни 1993) е еден од најпознатите македонски сликари, втемелувачи на модерниот израз во македонската современа уметност, и секако најпознатиот монументалист во Република Македонија.

Во 1937 година ја завршува Уметничката школа во Белград, од 1939-1941 студира на Ликовната академија во Белград во класата на проф. Мило Милуновиќ, а од 1941-1943 ги продолжува студиите на Државната Ликовна академија во Софија, кај проф. Никола Ганушев, каде што дипломира.
Во текот на својот живот Борко Лазевски е добитник на повеќе награди и признанија за изработка на фрески, мозаици, витражи, како и за долгогодишна плодна активност во областа на ликовната уметност. Во 1978 година Борко Лазески ја добива Октомвриската награда на СР Македонија за животно дело, а во 1988 година Орден на заслуги за народ со златна ѕвезда.

Изложбата посветена на 100 годишнината од раѓањето на Борко Лазески ќе се отвори во Националната галерија на Македонија, објект Даут-пашин амам на почеток на 2018 година по барање на семејството и по повод одбележување 70 години постоење на Националната галерија на Македонија, во чие формирање учествувал како прв в.д директор.


Фреска во шалтер салата на Старата железничка станица – Скопје

Проектот посветен на Борко Лазески, кој го реализира Националната галерија на Македонија, е финансиски поддржан од Министерството за култура на Република Македонија. Во проектот се вклучени повеќе институции од Република Македонија: Музеј на град Скопје, Музејот на современата уметност – Скопје, Музеј на Македонија, Македонска академија на науките и уметностите, Историски музеј Крушево, Завод и Музеј Прилеп, Музеј на Западна Македонија во НОВ – Кичево, Народна банка на Република Македонија, Собрание на Република Македонија, Министерство за одбрана (Касарна Велес), Служба за општи и заеднички работи на Влада на РМ, Македонски пошти Битола итн.

Сликите се дел од колекцијата на Националната галерија на Македонија.

Извор >>>