АРХИТЕКТОНСКА ИЗЛОЖБА: ЖЕНИТЕ АРХИТЕКТИ ВО ПОСТЗЕМЈОТРЕСНАТА ОБНОВА НА СКОПЈЕ / GALELRY MC, ЊУЈОРК

Наслов: Архитектонска изложба: „Жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“

Датум : 9 – 30 август

Локација:  Галерија MCNYC, Њујорк

Истражувањето и проектот од областа на културата и архитектурата, насловен „Улогата на жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“, ќе биде изложен и презентиран во Галерија MCNYC во Њујорк од 9 до 30 август. Првично, проектот беше реализиран во 2021 година со многу успешна промоција и изложба во Скопје, на 23 декември 2021 година. Повеќе за настанот можете да прочитате на следниот линк.

Изложбата е насловена „Жените архитекти во постземјотресната обнова на Скопје“. Подолу можете да ја прочитате официјалната комуникација.

„Втората половина на дваесеттиот век означи пресвртна точка за жените во македонското општество. Во новиот политички, економски и општествен контекст, жените ги пробија бариерите во бројни професии кои дотогаш беа доминирани од мажи. Во рамките на сеопфатниот проект за модернизација и еманципација, кој бараше радикална трансформација на градовите, жените архитекти беа рамноправни партнери во обликувањето на оваа нова реалност.

Придонесот на жените во архитектонската сцена на Социјалистичка Република Македонија беше длабок, особено за време на обновата на Скопје по земјотресот. Шеесеттите, седумдесеттите и раните осумдесетти години беа период на интензивна креативност за пионерки како Мимоза Томиќ, Вера Ќосевска, Љубинка Маленкова, Олга Папеш, Василка Ладинска и многу други.

Овие жени се образуваа на престижните архитектонски факултети во Белград, Загреб и Љубљана, кои беа директни канали за модернистичката мисла од европските центри како Париз, Берлин и Виена. По враќањето во Скопје, тие станаа клучни фигури во обликувањето на локалната архитектонска сцена, застапувајќи ги модернистичките идеали кај новата генерација.

Во контекст на актуелната глобална дебата за улогата на жените во општеството и архитектонската професија, оваа изложба има за цел да ја истражи, документира и прослави оставнината на овие извонредни планерки, архитектки и дизајнерки. Нашата цел е да обезбедиме поголема видливост и признание за нивната работа, со што богатото културно наследство кое го создадоа ќе биде препознаено и ценето од идните генерации.“

Автори: Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков, Јован Ивановски, Теа Дамјановска, Михајло Стојановски

Gallery MCNYC е непрофитна мултикултурна интердисциплинарна уметничка галерија посветена на истражување, продукција, претставување и интерпретација на современата уметност. Галеријата ги поддржува афирмираните и младите уметници и ги истражува идеите на пресекот меѓу уметноста, изведбата и архитектурата.

Информациите се преземени од официјалната страница на Галеријата MC.

На веб платформата www.womenarchitects.mk јавноста ќе има можност да пристапи до дигитализирана архива од податоци за авторите и објектите опфатени во проектот.

Фејсбук профил на проектот:

https://www.facebook.com/womenarchitects.mk