Каталог „Македонска Архитектура“ / Групна изложба во МСУ (1974)

Организатор: Сојуз на архитекти на Македонија (Музеј на современата уметност, Скопје)

Текстови: Славко Брезоски; Крум Томовски; Борис Чипан; Душко Пецовски; Живко Поповски

Каталог: Крум Томовски; Радомир Волињец; Живко Поповски

Издавач: Сојуз на архитекти на Македонија

Печат: Универзитетска печатница „Кирил и Методиј“ – Скопје

Година: 1974

Извор: https://www.opafondacija.org/zaum/

 

Една изложба со историски пропорции, „Македонска архитектура“ одржана во далечната 1974-та година во Музејот на современа уметност – Скопје, можеби претставува клучен момент при разделбата на македонските архитекти со радикалниот функционализам и вовед во пост-модерниот историцизам на Македонија. Имено, настанот за прв пат јавно ја дефинира и промовира македонската архитектура, ја воспоставува во пракса како ризница за безконечна инспирација и иновација. Организаторите, маркантни имиња од Сојузот на архитекти го забележуваат тогашниот развој на архитектурата во Македонија (Дом на култура – Тетово, Зграда на ЦК – Скопје; Дом на пензионери – Охрид …) и го карактеризираат како дел од една алка на долгиот историски регионален континуитет.

По повод изложбата, сојузот на архитекти печати каталог во 2000 примероци, кој денес е доста редок. Благодарение на архивата ЗаУм|ОПА фондација, истиот можете да го превземете во дигитален формат на линкот подолу. До тогаш, ви го претставуваме воведниот говор на арх. Славко Брезоски >>>>>>>

Да се дефинира полната димензија на современото архитектонско творештво во Македонија треба да се има предвид дека неговата „прва бразда“ беше зацртана одвај пред триесетина години, напоредно со првите чекори на слободен државен и културно-општествен развој на нашата република. Тоа никако не значи дека сегашниот степен на развојот на нашата архитектура не претставува само една алка во долгиот континуитет со векови, на терен со богати регионални извори. Од тие причини дел од изложбата е посветен на нашето богато архитектонско наследство како и на ретките примери на архитектонскиот „модернизам“ во Македонија што навлезе по Првата светска војна.

Земено во целина, изложбата треба да покаже кои се современите белези на нашата архитектура, на кој начин и со каков успех се рефлектираат кај нас светските архитектонски движења, какви се резултатите во барање сопствени патишта кои би имале наш посебен регионален белег – токму поради посебноста на условите под кои се развива.

Тешко беше да се постави правата граница на бројот и квалитетот на изложената селекција. Од повеќе причини, припремата на изложбата траеше подолго време. Тоа не е резултат на рутинска дејност на некоја професионална институција. Веќе сме сведоци дека во меѓувреме растат низа нови архитектонски објекти кои би заслужиле да бидат сврстени во редот на изложените. Евентуалната грешка ќе биде исправена ако оваа изложба не остане осамена појава, туку се отвори традиција за слични настани во иднина.

Архитектонското творештво, поради неговата нагласена техничка и материјална компонента, – многу повеќе е економски и општествено детерминисано отколку што се тоа чисто ликовните уметности, а на кои архитектурата не секогаш во целина им припаѓа. Едно архитектонско дело многу повеќе е доказ на техничките и економските можности на едно одредено општествено или историска епоха, отколку што е тоа сликарството или скулптурата. Тоа не значи дека архитектонското дело треба да биде третирано само како градежништво или техника. Ако архитектурата отсекогаш била основа за примена на другите уметности, тоа значо дека и самата уметност е уметничка креација на просторот кој нé окружува. Затоа изложбата има за цел да ја потцрта оваа компонента на архитектонското творештво, а не само нејзиниот утилитарен и технички карактер.

Би сакал изложбата да даде поттик за покритичен осврт кон сегашната состојба на архитектурата во целина, не само на овој потесен избор, да воспостави поактивен контакт на јавноста со архитектонските текови кај нас да се во таква конфронтација подигне нејзиниот општ ниво.

Ако ја земеме архитектурата како пошироко творечка област, може да се стави замерка што изложениот материјал на се застапени урбанистички реализации, ентериер или индустриски дизајн. Со тоа не ја одрешуваме нужната органска поврзаност на архитектурата во овие творечки дисциплини меѓутоам за карактерот на изложбата однапред беше утврден потесен смисол на зборот, таму каде нормално може да се постави невидлива граница помеѓу архитектонското дело како единка и урбанистичкото решавање на просторот во поширок смисол.

Изразуваме благодарност на работните колективи и установи без чија материјална помош оваа изложба не ќе можеше да се реализира. Помошта беше спонтана бидејќи се увиде дека од овакви манифестации ќе имаат корист и заедницата и архитектонското творештво што е силно сврзано со секојдневните потреби и дејности на човекот. Славко Брезоски, Претседател на Сојузот на архитектите на Македонија

 

Целата содржина на каталогот можете да ја погледнете тука >>> https://www.opafondacija.org/zaum/wp-content/uploads/2018/04/1974_00_00_Makedonska_arhitektura.pdf